Пред настапот на годинешниот „Пиво-фест“

Вториот сингл на „Дивље јагоде“, кој ќе се најде на претстојниот студиски албум, кој е во подготовка, е „Зашто раније ниси дошла“. Овој пат станува збор за рок-балада отпеана во препознатливиот стил од Тони Јанковиќ, а текстот и музиката се на Зеле Липовача.
– Искрено, тешко ми е да предвидам колку време ќе биде потребно за оваа песна да биде препознаена како многу други балади што ги отпеал Тони досега, но верувам дека оваа необична балада наскоро би можела да биде рамо до рамо со песни како „Једина моја“, „Како си топла и мила“, „Криво је море“ – вели Зеле.
Песната е снимена во студиото „Шишмиш“, со микс и мастеринг на Зоран Швигир-Швигија, а доби и лирикс-видео, создадено од тимот на „Кроација рекордс“.
„Зашто раније ниси дошла“ го најавува новиот албум на „Дивље јагоде“, кој е планирано да излезе до крајот на оваа година, по што ќе следува и голем концерт во Скопје, на воодушевување на нивните многубројни обожаватели.
Во меѓувреме, меѓу многубројните летни свирки, „Дивље јагоде“ ќе настапат и на „Пиво-фест“ во Прилеп, кој годинава ќе се одржи во периодот од 14 до 17 јули.
Рок-машината „Дивље јагоде“ не запира и по повеќе од 40 години постоење, а се ближи моментот кога ќе слушнеме и што подготви на својот нов студиски албум.