Дека музиката и филмот се поврзани во нераскинлива врска не е ништо ново, а тоа го покажуваат првите неми филмови, каде што се слушаа само звуците на инструментите со кои се искажуваа емоциите на глумците.
Денес предизвик за режисерите и поклониците на седмата уметност е пренесување на филмското платно на животот и творештвото на еден познат музичар. На оваа тема има снимено многу филмови, било да се работи за композитори на класична музика или за поп-ѕвезди, а досега се покажа дека речиси сите биле успешни и ретко има промашувања. Но тоа не значи дека ова е лесно да се реализира, бидејќи треба приближно во два часа да се вклопи животната приказна на артистот, да се најдат соодветни глумци што ќе умеат да интерпретираат, често, многу комплексни личности на музичари, нивните слабости, мани, доблести, да ги доловат возбудата и восхитот, но и нивните разочарувања и на крајот сето тоа да се сервира пред гледачите.
На нашата листа се најдоа десет филма за реалниот живот на славни рок-музичари што оставиле трага во историјата на популарната музика.

10. „Последни денови“ (Last Days), снимен во 2005 г., режисер Гис ван Сент

Ова е филм за последните денови на пејачот на „Нирвана“, Курт Кобејн. Тука тој го носи името Блејк, но, сепак, станува збор за биографска драма. На почетокот, додека Мајкл Пит, кој го игра Блејк, си мрмори нешто сам за себе и шета низ шумата, филмот многу ветува, но, според критичарите, тука недостигаат размислувањата на култниот музичар. Можеби тоа е затоа што гледачите се желни да дознаат кои се причините и да најдат трошка оправдување за неговата одлука да си го одземе животот. Но кој сака повеќе детали, може да го погледне документарецот со наслов „Кобејн – монтажа на подлец“, кој го потпишува Брет Морган.

9. „Каменуван“ (Stoned), снимен во 2005 г., режисер Стивен Вули

Филмот е за трагичниот живот на гитаристот на „Ролинг стоунси“, Брајан Џонс. Почнува со наоѓањето на неговото тело на дното на базен, а потоа низ целиот филм има реминисценции од почетокот на неговата кариера и од врската со контроверзната Ана. Следуваат неговото бескрајно пијанчење и дрогирање, заминувањето од групата и некои навестувања дека зад неговата смрт се крие злокобна афера.

8. „Генсбург: херојски живот“ (Gainsbourg: A heroic Life), снимен во 2010 г., режисер Џоан Сфар

Веројатно нема некој од средната генерација што не ја слушнал прекрасната балада „Je T’Aime… Moi Non Plus“, која Серж Генсбург на англиски јазик ја пее во дует со глумицата Џејн Биркин, неговата тогашна девојка. Со неа ја има ќерката Шарлот, денес позната глумица и музичарка. Името на филмот го опишува животот на францускиот уметник, кој бил во постојана борба со сопствените демони што го следеле од најмала возраст. Режисерот на ова артистичко филмско остварување ја освои наградата „цезар“.

7. „Големи огнени топки“ (Great Balls of Fire), снимен во 1989 г., режисер Џим Мекбрајд

Името на филмот, всушност, е насловот на еден од најголемите хитови на легендарниот рокенрол-пејач и пијанист Џери Ли Луис – „Great Balls of Fire“. Го опишува неговиот подем, но и пад во период од само три години, од 1956 до 1959 година, неговиот огромен талент, кој му бил закана дури и на кралот Елвис Присли. Џери го сметаат за најконтроверзен музичар на 1950-тите, а тоа во филмот е опишано низ караниците со брат му, кој бил евангелист. Тука е и причината што го чинеше крај на кариерата, третиот брак со 13-годишната Мајра.

6. „Лудо срце“ (Crazy Heart), снимен во 2009 г., режисер Скот Купер

Извонредниот Џеф Бриџис го игра кантри-пејачот Бед Блејк, и тоа на многу реалистичен начин. Џеф беше награден со „оскар“ за интерпретација на овој лик, музичар на работ на сиромаштија, кој тоне во алкохолизам. На прашањето од каде добил толкава инспирација за улогата, тој одговорил: „Од животот, за жал“.

5. „Сид и Ненси“ (Sid and Nancy), снимен во 1986г., режисер Алекс Кокс

Само 21 година живот беше доволно да се сними овој морбиден биографски филм за бившиот басист на „Секс пистолс“ – Сид Вишис и за неговата девојка Ненси Спунген. Џон Линдон, сепак, овој филм остро го искритикува, навестувајќи и во својата автобиографија дека тој нема врска со вистината. Филмот го следи животот на музичарот, речиси дете, кој е премлад за толкава слава, што резултира со неговата прерана смрт. Овековечена е и љубовната приказна со Ненси. Гери Олдман беше вистински избор за улогата, а најголем печат во филмот остави неговата изведба на песната „My Way“.

4. „Оди по линијата“ (Walk the Line), снимен во 2005 г., режисер Џејмс Менголд

Филмот е реализиран само две години по смртта на извонредниот Џони Кеш. Бидејќи е тешко да се опише целиот живот на познатиот кантри-музичар, филмот најмногу се базира на почетокот на неговата кариера. Приказната почнува во периодот на неговото детство, кога го губи братот. Добро се вклопени сите сегменти на неговиот живот, давајќи најголем акцент на творештвото, но не се испуштени ниту пороците што го следеле, како ни љубовната врска со Џун Картер. Хоакин Феникс извонредно го оживеа ликот на Кеш, а покажа и дека добро пее, додека Џун ја играше Рис Витерспун.

3. „Дорс“ (The Doors), снимен во 1991 г., режисер Оливер Стон

Листата не може да се замисли без еден од најдобрите филмови за рок-музичарите „Дорс“ на познатиот Оливер Стон. Тој заедно со Џим Морисон студирал на универзитетот УКЛА. Гледајќи го филмот, се добива впечаток дека се враќате во хипи-периодот, кога Џим Морисон доживува врв во кариерата. Но дејството не го изостава неговото детство, подоцна љубовта со Памела Курсон (Мег Рајан), многубројните пороци, концертите… Филмот ги донесува и претходно необјавените снимки на славниот американски бенд и дава увид во револуционерното влијание на неговата музика. Првиот избор за улогата на Морисон бил Иан Асбери, пејачот на групата „Калт“, а кога тој не прифатил, улогата ја добил Вал Килмер, кој бил толку убедлив, што членовите на
„Дорс“ рекле дека не можат да го разликуваат неговиот глас од гласот на Морисон.

2. „Контрол“ (Control), снимен во 2007 г., режисер Антон Корбијн

Филмот е снимен според приказната на сопругата на пејачот на групата „Џој дивижн“, Дебра Куртис, а го режираше познатиот фотограф и режисер на музички спотови Антон Корбијн. Тој претходно направил некои од легендарните фотографии на Иан Куртис и на неговиот бенд. Црно-белиот филм успева да ја пренесе целокупната меланхолична атмосфера, придружена со таквата музика на оваа англиска група. Опишан е поголемиот дел од животот на Куртис, еден од втемелувачите на постпанкот, неговата растргнатост, борбата со епилепсијата, како и трагичната смрт. Сепак, приказната не остава зад себе никакви осуди или изјави за неговото семејство.

1. „Јас не сум тука“ (I’m Not There), снимен во 200 7г., режисер Тод Хејнс

Кога станува збор за еден од најдобрите музичари на 20 век, Боб Дилан, воопшти не зачудува различниот пристап во снимањето на филмот за неговиот живот. Низ мешавината од Дилановиот реален живот, со митовите и гласините за него, создаден е оригинален филм. Во него се испреплетуваат неколку различни приказни што претставуваат фази во неговиот живот: „Вуди“ – младиот Дилан го игра Маркус Карл Франклин, кој има и самостојни музички делници во филмот: „Џек“ – бунтовен и разочаран фолк-музичар, каде што Дилан го игра Кристијан Бел; „Роби“ – Дилан како ѕвезда во центарот на медиумското внимание, го игра Хит Леџер; „Џуд“ – Дилан како рок-ѕвезда (Кејт Бланшет); „Артур“ – Дилан како поет (Бен Вишо); „Били“ – Дилан како Били д Кид (Ричард Гир). „Јас не сум тука“ е едно исклучително филмско остварување, а тоа го покажува неговото присуство на голем број топ-листи на најдобри филмови.