Денеска излегува стрипот за ѕвездата на „Брилијантин“

Стрипот што го слави животот на Оливија Њутн-Џон, најпозната по главната улога во мјузиклот „Брилијантин“ од 1978 година, треба да биде објавен денеска, пет дена пред роденденот на покојната актерка и пејачка. Издавачот на стрипот за Оливија Њутн-Џон, Дарен Дејвис, рече дека му било чест да работи со актерката на стрипот пред нејзината смрт и дека му била дадена можност да добие увид во „ексклузивните информации користени во ова издание“.
Стрипот вклучува и информации за ракот на дојката, а дел од приходите од продажбата ќе биде дониран за здружението ОНЈ, добротворна организација што Њутн-Џон ја основа во 2020 година за да финансира истражување за лекување рак со билки.
Оливија Њутн-Џон, со британско-австралиско потекло, почина на 8 август. Таа оваа година ќе го прославеше својот 74-ти роденден. Студиото „Тидал Вејв комикс“ стои зад стрипот од 36 страници во нејзина чест.
Таа е родена во Кембриџ, Англија, во 1948 година. Има освоено четири „греми“ и многу други награди, вклучувајќи ги и Американските музички награди. Таа секако е најпозната по улогата во „Брилијантин“, филмската адаптација на истоимениот мјузикл, во кој нејзин партнер беше Џон Траволта. Кога беше објавен, „Брилијантин“ беше огромен хит и филм со најголема заработка меѓу насловите во тоа време. Во 2018 година, Њутн-Џон и Траволта заедно ја прославија 40-годишнината од филмот. Истата година Њутн-Џон објави дека ѝ е дијагностициран рак по третпат. Наскоро таа стана поборник за медицински канабис.