Постојат голем број диети што, наводно, ќе ви помогнат да се ослободите од вишокот килограми што е можно поскоро. Повремениот пост, според многумина, е најдобриот начин да ја постигнете целта. Меѓутоа, што е навистина точно?
Истражувањето објавено во „Њу Ингланд џрнал оф медисин“ покажа дека повременото постење (ИФ-диета), сепак, не е особено подобро од другите видови диети.
Во истражувањето учествувале 139 лица што страдаат од дебелина. На групата што повремено постела ѝ било дозволено да јаде само помеѓу 8 и 14 часот, додека другата група можела да јаде во секое време. Секој морал во текот на 12 месеци да следи диета ограничена со калории: од 1.500 до 1.800 калории дневно за мажи и од 1.200 до 1.500 калории дневно за жени.
Просечното губење на тежината во групата што повремено постела била осум килограми. Групата што не била временски ограничена кога станувало збор за внесување на дозволениот број калории изгубила во просек по 6,3 килограми.
Така, повремениот пост не бил покорисен во однос на слабеењето. Сличен заклучок беше напишан и во студијата на „ЈАМА интернал медисин“. Повременото постење во овој случај им помогнало на луѓето да изгубат само 1,17 отсто од нивната телесна тежина.