Експертите тврдат дека драстичното проширување на новиот начин на осветлување може да има негативно влијание врз екосистемите
Уличното и надворешното осветлување на Стариот Континент, но и на целата планета поминува низ „тивка револуција“ – ЛЕД-диодите сѐ повеќе ги заменуваат класичните светилки. Иако со години се смета дека новото осветлување е многу подобро од класичното, најновото научно истражување базирано на сателитското набљудување го негира тоа. Експертите сега се загрижени дека ЛЕД-диодите обезбедуваат таканаречена широка бела светлина, која може да има негативно влијание врз екосистемите, вклучувајќи ги луѓето и животните, пренесуваат светските агенции.
Благодарение на најсовремената технологија и големиот број сателити во орбитата на Земјата, опсерваториите добиваат фотографии од вселената, но и од нашата планета.
Повеќето од овие фотографии не се погодни за прецизно идентификување на ЛЕД-осветлувањето. Сепак, користејќи специјални техники за обработка на податоци, експертите можеа да го следат ширењето на ЛЕД-диодите над натриумовите светилки и други технологии помеѓу 2012-2013 година и 2014-2020 година низ цела Европа.
Податоците покажуваат дека ЛЕД-осветлувањето драстично се шири во многу земји.
Научниците чија работа беше објавена во списанието „Сајенс адвансис“ утврдија дека во последната деценија осветленоста на планетата се зголемувала, и во количество и во сила, за околу два процента годишно.
Загадување со вештачка светлина се случува речиси насекаде на Земјата – предупреди лидерот на истражувачкиот тим Кристофер Киба од Институтот за геофизички истражувања во Потсдам, Германија.
Бидејќи ЛЕД-светилките произведуваат исто количество светлина со многу помалку електрична енергија, експертите сметаа дека трошоците за јавното осветлување во градовите ќе се намалат. Но научниците заклучија дека заштедените пари се инвестирани во инсталирање повеќе надворешни светлосни тела. Резултатот од најновото истражување, меѓутоа, покажа дека заштедите благодарение на оваа нова технологија се многу помали од очекуваното.
Оваа студија е меѓу првите што од вселената ги испитува ефектите од префрлувањето на ЛЕД-светилки, кои трошат помалку електрична енергија. Како дел од ова истражување се проучуваат и потенцијалните биолошки влијанија, кои се движат од производството на мелатонин до влијанието врз животот на инсектите и лилјаците.
Покрај тоа, сензорите што се користат за мерење на интензитетот на вештачката светлина од вселената сега реагираат на погрешни бранови должини и се смета дека ги потценуваат отчитувањата бидејќи се појавува повеќе ЛЕД-осветлување.