Научниците предупредуваат

Катастрофалните исходи од климатските промени, како што е изумирањето на човештвото, не се сфаќаат доволно сериозно меѓу научниците, покажа неодамнешна студија. Авторите велат дека последиците од екстремното загревање, кое и натаму е во игра, доколку не се преземе нешто, се „опасно недоволно истражени“. Според оваа нова анализа, скорешните обиди директно да се разбере или да се анализира како климатските промени би можеле да доведат до глобална катастрофа, произлегоа од научнопопуларните книги како што се „Ненаселена Земја“, а не од најзначајните научни истражувања. Студијата е објавена во официјалното списание на Националната академија на науките на САД.

Зголемена температура од два степена Целзиусови

Последниве години климатолозите почесто го проучувале влијанието на загревањето од 1,5 до 2 степени Целзиусови над температурите забележани од 1850 година, пред почетокот на глобалната индустријализација, пишува Ела Хембли, новинарка за клима и наука на Би-би-си њуз.
Овие студии покажуваат дека одржувањето на температурата близу ова ниво во овој век тешко ќе ги оптовари глобалните економии, но оти тоа не предвидува крај на човештвото. Истражувањата со причина се фокусираа на овие сценарија со пониски температури.
Во рамките на Париската климатска спогодба, речиси секоја земја на планетата се обврзала на договорот, според кој, порастот на глобалната температура во овој век ќе се одржи „далеку под“ два степена Целзиусови, а ќе се вложат посебни напори тоа да биде и под 1,5 степен. И затоа е природно властите да бараат од овие експерти да покажат што точно тој тип промена би можела да донесе. Но оваа студија вели дека не се обрнува доволно внимание на поекстремните исходи на климатските промени.
– Мислам дека е реално да се размислува за најлошите можни сценарија и ако го правиме тоа кога се во прашање други состојби, дефинитивно треба да го правиме тоа и кога станува збор за судбината на нашата планета и на нашиот вид – изјави водечкиот автор на студијата, Лук Кемпс, од Универзитетот во Кембриџ.
Истражувањата открија дека процените на влијанието на зголемувањето на температурата до три степени Целзиусови се недоволно застапени во однос на неговата веројатност.

Домино-ефекти

Користејќи ги климатските модели, извештајот покажува дека, според ова сценарио, до 2070 година, две милијарди луѓе во некои од климатски најчувствителните области ќе имаат годишна просечна температура од 29 степени Целзиусови.
– Годишната просечна температура до 29 степени Целзиусови во моментот погодува околу 30 милиони луѓе во Сахара и во Заливската Област. До 2070 година, овие температури и социјалните и политичките последици директно ќе влијаат на двете нуклеарни сили и на седум лаборатории со максимална безбедност, во кои се чуваат најопасните патогени. Постои сериозен потенцијал за катастрофални домино-ефекти – истакнува Чи Су, коавтор на студијата од Универзитетот во Нанџинг.
Во извештајот се наведува дека проблем не се само високите температури туку и кумулативните домино-ефекти, како што се храната и финансиската криза, судирите и епидемиите на заразни болести, кои имаат потенцијал да доведат до општа катастрофа. Исто така, треба повеќе да се посвети внимание на препознавање на потенцијалните црни точки, каде што зголемувањето на температурата иницира други природни настани, што уште повеќе ја зголемуваат температурата – како што се емисија на метан поради топењето на пермафрост или шуми што почнуваат да емитуваат јаглерод диоксид наместо да го впиваат.

Најлошите можни сценарија

За да се проценат правилно сите тие ризици, авторите го повикуваат Меѓувладиниот панел за климатски промени да направи специјален извештај за катастрофалните климатски промени. Истражувачите велат дека сериозното проучување на последиците на најлошите можни сценарија е од клучна важност, дури и ако тоа ги преплаши луѓето. Тие тврдат дека спроведувањето на ова истражување им овозможило на научниците да ги земат предвид вонредните мерки, како што се климатски инженеринг, што би можел да вклучи испумпување разладни средства во атмосферата. Истражувачите би можеле да извршат анализа на ризиците за овие драстични интервенции во однос на најлошите последици од климатските промени. Фокусирањето на најлошите можни сценарија исто така може да помогне во информирањето на јавноста и, всушност, би можело да ги направи тие исходи помалку веројатни.
– Прифаќањето на овие сериозни, но мрачни сценарија, е нешто што би можело да ги мотивира и политичкото и граѓанското мислење. Видовме дека кога беше објавена идејата за нуклеарна зима, тоа помогна да се поведат голем број јавни иницијативи за разоружување во 1970-тите и 1980-тите години. Затоа се надевам дека, ако пронајдеме слични и конкретни механизми за поттикнување на размислувањето за климатските промени, тоа ќе има сличен ефект – вели д-р Кемп.

Младите на потег

– Од клучна важност е да ги истражиме сите области на климатските промени, како што е застрашувачката реалност со катастрофален исход. Пред сѐ затоа што без комплетната вистина и сите потенцијални последици нема да донесуваме објективни одлуки, кои ни се неопходни, и нема да ја туркаме климатската акција со доволен притисок. Климатските промени со години беа скриени, погрешно претставувани и одбегнувани и сега на тоа мора да му се стави крај. Особено заради младата генерација, која во иднина ќе треба да се соочи со последиците на повеќегодишното тестирање на границите на издржливоста на планетата Земја – вели Лора Јанг, 25-годишна климатска активистка.