Череп на тираносаурус рекс, наречен Максимус, беше претставен во аукциската куќа „Сотби“ во Њујорк, каде што в петок ќе се одржи аукцијата на оваа изложба вредна, според процените на експертите, меѓу 15 и 20 милиони долари. Според надлежните, ова е првпат череп на предатор од далечното минато да се продава на аукција.
Скелетот на главата на овој диносаурус е стар околу 76 милиони години и е еден од најкомплетните што палеонтолозите некогаш го ископале и успеале да го состават. Ловците на фосили го откриле черепот на приватно земјиште во Хил Крик, Јужна Дакота. На истото место, палеонтолозите открија остатоци од други видови диносауруси што оделе на нашата планета пред стотици милиони години. Черепот што ѝ беше претставен на јавноста тежи повеќе од 90 килограми, а експертите сметаат дека од уништување го спасила само чиста среќа, бидејќи ерозијата и временските услови ги „изеле“ преостанатите делови од скелетот на овој тираносаурус рекс.
– Черепот на тираносаурус рекс задржува голем дел од својата оригинална форма и карактеристики на површината, дури и најмалите и најделикатните коски се недопрени – рече Хенри Галијано, консултант за природна историја на „Сотби“.
Првиот диносаурус продаден на аукција беше Сју, кој отиде во приватна колекција во 1997 година, за 8,3 милиони долари. Во последниве години е зачестена аукциската продажба на фосилни остатоци од овие џиновски животни од далечното минато, а меѓу нив е и скелетот на диносаурусот наречен Стен. Тој е продаден во 2020 година за повеќе од 31 милион долари, а треба да биде дел од новиот музеј во Абу Даби, кој за три години ќе ги отвори вратите за посетителите.