Во друштво на австралискиот музичар Ник Кејв и британскиот скулптор Томас Хаусаго, американскиот актер Бред Пит ја отвори својата прва уметничка изложба во финскиот град Тампере. Без многу медиумска помпа и на изненадување на жителите на третиот по големина град во Финска, актерот Бред Пит за првпат ѝ ги претстави на јавноста своите уметнички дела.
Филмската ѕвезда и самоук скулптор ги изложи своите дела како дел од поголемата изложба на британскиот уметник Томас Хаусаго, а заедно со нив своите керамички дела ги претстави и пејачот Ник Кејв.
– За Ник и за мене ова е сосема нов свет и ова се нашите први изложби. За мене ова е начин да погледнам длабоко во себе, да видам каде згрешив во односите со луѓето, да бидам брутално искрен со себе, да ги разберам оние луѓе што можеби сум ги повредил – рече Пит за време на отворањето на изложбата.
Актерот, наводно, почнал да се занимава со скулптура по разводот со Анџелина Џоли, поминувајќи по 15 часа дневно во студиото на британскиот уметник во Лос Анџелес во 2017 година. Тој за списанието „Џи-кју“ изјави дека не го гледа своето вајарство како уметност, туку како тивок, осамен спорт.
Неочекуваната посета на Пит на Финска ги изненади граѓаните на оваа балтичка земја, бидејќи неговото учество на изложбата не беше најавено.