Боцвана истражува нов бран умирања на слоновите на северот на земјата, две години откако властите соопштија дека природно произведените токсини убиле повеќе од 300 слона. Групата за заштита „Слонови без граници“ прва ги пронашла мртвите слонови. Таа на крајот на октомври изброила 57 трупа, главно во областа во близината на националниот парк Чобе, богат со диви животни, пренесува „Ројтерс“. Одделот за диви животни и национални паркови соопшти дека вкупниот број на мртви животни сè уште не е утврден.
– Нашата мисија не беше да ги преброиме сите мртви слонови, туку да земеме примероци од труповите, кои ги доставивме до Националната ветеринарна лабораторија за тестирање – рече директорот на одделот, Кабело Сењако.
Тој рече дека се чекаат лабораториските резултати, а најновите трупови се пронајдени со недопрени бивни, што веројатно ја исклучува можноста за ловокрадство. Сењако додаде дека нема сличност меѓу неодамнешните смртни случаи и оние во 2020 година, но не изнесе повеќе детали.
Националниот парк Чобе се наоѓа на околу 300 километри од областа каде што во 2020 година умреле 330 слона, што е поврзано со микроскопските организми – цијанобактерии. Се нагласува дека тие не ги произведуваат сите цијанобактериски отрови, но научниците велат дека токсините сѐ почесто се јавуваат поради климатските промени предизвикани од порастот на глобалната температура.
Вкупната популација на слонови во Африка се намалува поради ловокрадството, но во Боцвана, дом на речиси една третина од овие африкански цицачи, нивниот број пораснал на околу 130.000, пишува „Ројтерс“.