Од 23 до 26 јуни, по 21. пат ќе се случи „Битола отворен град“, интернационален младински арт-фестивал, во организација на Младинскиот културен центар-Битола.

И ова нема да биде само ново издание, организаторите на прес-конференцијата најавија дека ќе биде концептуално пречекорување на двете децении постоење, на начин што ги носи директно во редовите на новите генерации.
– Во годината кога МКЦ-Битола одбележува 25 години од своето постоење, го реализираме 21-то издание на фестивалот „Битола отворен град“, спакувано во ново руво. Им го подаруваме фестивалот на младите во градот и регионот, со силно уверување дека Битола имала и ќе има авангардна младина и критична маса подготвена за големи предизвици – изјави Сашо Додовски, директор на МКЦ-Битола.

Фестивалот годинава целосно им е посветен на новата генерација, популарно наречена Ген 7, и новиот свеж бран што го носи таа.

– Оваа генерација ги промени стандардите, воспостави нови форми на користење на социјалните мрежи и им ги наметна на сите други генерации. Оваа генерација ги користи социјалните мрежи за комуникација, наместо да го изложува својот интимен свет во јавност. Ова фестивалско издание комуницира токму така, надвор од стандардите, со нови форми – објасни Маја Ангеловска, програмска менаџерка на МКЦ.

Редица артисти од електронската музичка сцена, уметнички дијалози за музика и ликовна уметност, промоција на монографијата посветена на „Мизар“ ќе се одвиваат во дворот на МКЦ, лоциран во старото градско јадро на Битола.

Берза на винили со гости од соседните земји ќе има пред „Јагода“ на Широк сокак, а фестивалот ќе заврши со голем концерт во Градскиот парк.
– Големиот музички хепенинг ќе го организираме в недела, 26 јуни, со почеток во 20 часот. Локацијата е Градскиот парк во Битола. Ќе настапат три музички бенда: битолската група „Вел“, бендот „Баилдса“ од Солун, Грција, и „Хелем нејсе“ од Сараево, Босна и Херцеговина. Ќе биде гласно, ќе биде урбано и, во секој случај, забавно. Три енергични млади бендови за нула денари. Настанот е отворен за сите љубители на урбаната музика од Битола и регионот. Битола е отворен град за сите – изјави Златко Талевски, извршен директор на МКЦ-Битола.