Песни што ме тераат да играм
Југославија во 1970-тите. Една од најпрекрасните, најмирни, најпросперитетни декади, буквално течат мед и млеко. Во 1974 г. доаѓа до промена на Уставот и поголема слобода, нешто помеѓу федерација и конфедерација, но слободата на уметничкото изразување, сепак, е под огромен притисок, власта сака да ги води конците. Во 1977 г. се почетоците на панкот во СФРЈ, а тој по идеологија (поради нихилизмот и анархијата) е ризичен за уредувањето во кое сѐ мора да биде под контрола. Во 1979 г., „Азра“ го издава првиот сингл „А шта да радим/Балкан“, каде што „Балкан“ е клучната песна на новиот бран претставувајќи го она што покрај ракијата и пивото им е најважно на Балканците, „Балкане, Балкане мој, буди ми силан и добро ми“. Најголемото влијание на Џони во тој прв период на „Азра“ биле словенечките „Панкрти“ („бријем браду бркове, да личим на Панкрте“). Неколку месеци подоцна во 1980 г., во продукција на Драго Млинарец, преку издавачката куќа „Југотон“ излегува култниот првенец, најзначајниот деби-албум под името „Азра“ на брановите на „Новиот вал“. Неверојатна енергија, текстови во кои Џони е ненадминлив. Во 1980-та умира најголемиот син на СФРЈ, со што полека политичките стеги се ослободуваат. Доаѓа до празнење на заедничкиот, југословенски патриотизам. Остануваат само заедничката музичка сцена и спортот. Заедничкиот идентитетот се губи. Полека се јавуваат нови мировни, еколошки, феминистички, хомосексуални движења. Поголема слобода на изразување, текстовите во рок-песните се политизираат, нема толкава контрола од власта. Џони го користи тој момент и тука доаѓа до израз неговиот раскошен талент. Во 1981 г., „Азра“ го издава албумот „Сунчана страна улице“, а во 1982 г. „Филигрански плочници“, кои се полни со политички коментари и социјални теми, но тука се и некои од најубавите љубовни песни („Волим те кад причаш, у свом овом лудилу, слутња губи привид, огољела до костију“). Тројцата пријатели, Мишо Хрњак – бас, Борис Леинер – тапани и Бранимир Џони Штулич – совеста на генерацијата, лидерот, текстописецот – момци што не знаат да пеат, слабо свират, ја држат СФРЈ на дланка со својата музика и со текстови полни со бес. Каде и да свират, преполни се салите, прифатени се како месии, а младите се пронаоѓаат во текстовите. Во тој период го издаваат епохалното дело, живиот трикратен албум „Равно до дна“, полн со крв, солзи, пот. Во 1983 г. излегуваат два албума, „Криво срастање“ и „Кад фазани лете“.
За Џони, југословенскиот пазар е мал, па се обидува надвор. Првото одење на Џони заедно со Лајнер во Холандија и снимање на албумот „It ain’t like in the movie at all“ во 1985, и тоа на англиски. Не успеваат на тој пазар. „Азра“ разочарана се враќа дома. Во 1987 г. (со нова постава) го издава албумот „Измеѓу крајности“ и во 1988 г. четворократниот албум во живо „Задовољштина“. Огромниот талент на Џони издишува, хиперпродукција, нема од каде да црпи инспирација, веројатно и не претпоставува што ќе се случи за две-три години во СФРЈ. Второто одење на Џони е во мало место близу Утрехт, каде што се сели и се жени, а „Азра“ веќе не постои. Војната почнува, СФРЈ се распаѓа. Џони (кој е во Холандија во тој период) пробува да добие македонско државјанство (роден е во Скопје), но не успева. Тука е чудно тоа што не успева овој момент на војна, на уништување и создавање на нешто ново да го опише во текстови. Тој си седи во Холандија, си преведува книги, прави обработки на народни песни. Полека умира оној Џони креативниот, луцидниот, генијалниот, гласноговорникот, визионерот, оној што изврши огромно влијание на повеќе начини на просторите на СФРЈ. Поминати се повеќе од 30 години, но и денес неговите песни се живи, актуелни, го поминале тестот на времето, ги пеат сите генерации. На самиот крај на 2021 г., Џони на својот канал на Јутјуб објавува нов албум „Splet“, составен од 28 песни, нешто од стариот репертоар и нешто ново. Да се надеваме дека ова значи можеби турнеја и дека на таа турнеја ќе ја посети и Македонија, па сите заедно ќе се потсетиме на времињата „кога фазаните летаа“.
Љупчо Давчев