Археолозите открија урнатини на древен град на Маите исполнет со палати, пирамиди и плоштади на градилиште што ќе стане индустриски парк, во близината на Мерида, на полуостровот Јукатан во Мексико, пренесува „Гардијан“.
Местото, наречено Ксиол, има архитектонски карактеристики на Маите, што е вообичаено на јужниот полуостров Јукатан, но ретко во близината на Мерида, велат археолозите.

Овие работи, кои се изведуваат со финансиска поддршка на Владата на државата Јукатан, овозможија да се потврди постоењето палата источно од главниот плоштад, со ослободување на подрумот и скалите.
Според археологот Алфредо Барера Рубио, станува збор за обемна градба долга приближно 55 метри, широка 15 метри и висока шест метри, чии материјални остатоци укажуваат на две фази: една во доцниот класичен период и друга во класичниот пад на Маите.

– Сметаме дека овде живееле повеќе од 4.000 луѓе. Имало луѓе од различни сфери… свештеници, писатели, кои живееле во овие големи палати, а имало и обични луѓе што живееле во мали згради – вели Карлос Пераза, еден од археолозите што ги воделе ископувањата на градот.

Истражувачите, исто така, лоцирале блиски гробишта за возрасни и деца, кои биле закопани со алатки од обсидијан и кремен, додатоци и други предмети. Во областа се откриени и остатоци од морски животни, што укажува на тоа дека жителите на градот ја дополниле својата земјоделска исхрана со риболов по долината на блискиот брег.
Ксиол бил откриен откако започнала изградбата на индустрискиот парк. Тој допрва ќе се гради, иако археолошките остатоци ќе бидат зачувани, тврдат сопствениците на земјиштето.

– Со текот на времето, урбаното ширење во областа се зголеми и многу археолошки остатоци се уништени, но дури и ние како археолози сме изненадени затоа што не очекувавме да најдеме толку добро зачувано место – рече Пераза.