Токсични нивоа на загадување со жива, најчесто поврзани со модерната индустрија, неочекувано беа откриени на вековните археолошки локалитети каде што некогаш почивала културата на Маите, што може да биде една од причините што влијаеле на нивното исчезнување. Долго пред доаѓањето на конквистадорите, кои донесоа војна и болести во Новиот Свет, културата на Маите ги загадувала урбаните центри со големи количества жива. Дури и денес, присуството на елементот е толку големо што истражувачите мора да носат заштитна опрема за да го зачуваат своето здравје.
– Овие видови загадување со жива обично се поврзуваат со модерните урбани центри и индустриските области – вели Данкан Кук, геоархеолог од Австралискиот католички универзитет и водач на студија што го проучува еколошкото наследство на Маите.

Заедно со тим истражувачи од САД и од Велика Британија, Кук анализирал бази на податоци и податоци собрани од 10 локации што датираат од класичниот период на Маите. Споредбите и анализите на почвата покажаа дека на седум од 10 локалитети, концентрацијата на жива била еднаква или над модерните горни граници на токсичното ниво.
– Откривањето жива длабоко во почвата и седиментите на античките градови на Маите би било тешко да се објасни додека не се земат предвид претходните археолошки откритија во регионот, кои покажуваат дека Маите користеле жива пред неколку века – истакнува Кук.

Во својата чиста форма, живата е сјајно сив метал што се топи на ниски температури и се претвора во густа течност, која во текот на историјата била наречена брзо сребро. Сепак, низ историјата, соединенијата што содржат жива биле широко користени во индустријата и културата. Меѓу попопуларните е живата (II) нитрат, супстанција што се користи за зацврстување на крзното за шапки, што ги труела нервните системи на занаетчиите што ги правеле.

Можеби најпопуларната форма на жива што се користела низ историјата е живиниот сулфид, минерал познат како цинабар, кој се користел како пигмент за да се добие светлоцрвена боја за боење облека и садови. За народот опседнат со крв, како Маите, цинабарот претставувал многу повеќе од светла нијанса на црвено.
– За Маите, предметите се силата на душата, чулел, кој се наоѓа во крвта. Затоа, силниот црвен пигмент на цинабар беше незаменлива и света супстанција, и покрај тоа што беше многу смртоносна и токсична, а неговото присуство во почвата и седиментите на античките места на Маите продолжува – вели геоархеологот Миколас Данинг од Универзитетот во Синсинати.