Деновиве излезе новото издание на „Шарла рекордс“, број 81, на Давид Ангелевски, со наслов „Чудна случка со кучето во ноќта“, со музиката за истоимената театарска претстава. Станува збор за албум составен од авторска музика, оригинално компонирана и снимена за потребите на театарската претстава во режија на Зоја Бузалковска, според романот на Марк Хадон и адаптацијата на Сајмон Стивенс. Претставата е на редовниот репертоар на Драмскиот театар во Скопје.
– Фантастична и крајно луцидна приказна на односи преку толку специфичниот свет на Кристофер Бун. А во тој свет не постојат лаги, нема концепт за толеранција на неискреноста. Постои само вистина. И затоа е тој свет толку посебен и нежен… – вели режисерката Бузалковска за претставата.
Да се пишува музика за една ваква претстава значи да се нурне длабоко во
светот на Кристофер Бун, да се разберат сите негови постапки и реакции,
понекогаш многу неочекувани, секогаш целосно искрени.
– Прашањето што се поставува е како звучи неговата перцепција на светот што го опкружува, неговото доживување на луѓето и на појавите? Овде музиката станува неговиот внатрешен глас, неговите мисли и емоции, неговата паника од
хаосот околу него и неговото спокојство во точките на познатото, неговите
гласни стравови и тивки победи, неговата посебност. Освен тоа, музиката
треба да го следи и филмскиот јазик на раскажување на приказната, како и
брзите динамични промени на времето и просторот… – вели авторот на музиката.