Пасаргад

Aнтичка престолнина на Персија

Пасаргад се наоѓа блиску до денешниот град Шираз, во провинцијата Фарс, во денешната азиска држава Иран. Оддалечен е 43 километри од Персеполис, втората персиска престолнина. Според еламитските клинетски натписи што се пронајдени во Персеполис, Пасаргад се нарекувала и Патрагада (Персиска градина) или Батракаташ, а денешното име на градот е хеленска варијанта. Некои од историчарите веруваат дека хеленскиот збор за рајот потекнува од името на градот Пасаргада. Археолозите и историчарите, врз основа на археолошките истражувања и историски извори, посочуваат дека персискиот крал Кир Велики во Пасаргад создал прекрасна и пространа градина, во која имало посадено дрвја и растенија од сите краишта на империјата. Се претпоставува дека оттука потекнува името Патрагада, односно Персиска градина.
Пасаргад бил главна престолнина на Персиската Империја до крајот на шестиот век пред нашата ера, кога Дариј Велики ја преместил престолнината во Персеполис. Во Пасаргад се наоѓаат гробниците на персиските кралеви Кир Велики и Камбиз Втори. Денес Пасаргад е важен археолошки локалитет во Иран и едно од петте места на светското наследство на УНЕСКО во оваа азиска држава.


Арсија Монс

Вулкан на планетата Марс

Арсија Монс е најјужниот од трите вулкани на гребенот Тарсис во близината на екваторот на планетата Марс. Тој е штит-вулкан со ниска падина и масивна калдера на врвот. Има дијаметар од 435 километри, висина од 20 километри, а калдерата на врвот има широчина од 110 километри. Арсија Монс има 30 пати поголем обем од Мауна Лоа, најголемиот вулкан на Земјата. Вулканот се формирал кога планината се срушила сама по себе, откако магмата била исцрпена. Падот на калдерата се создал пред околу 150 милиони години. Областа околу Арсија Монс е снимена со значителни детали од сондата на Европската вселенска агенција. Во 2004 година била создадена 3Д-карта со висока резолуција. Од оваа детална фотографија може да се видат свлечишта, карпи и голем број детали на колапс.
Научниците од НАСА веруваат дека последната вулканска активност престанала пред околу 50 милиони години, во периодот креда-палеоген, кој се карактеризира со исчезнување на голем број растенија и животни, како и диносаурусите, на Земјата.


Широкораспространето растение

Celastraceae e фамилија на растенија што се состои од 97 рода и 1.350 вида билки, грмушки, винова лоза и мали дрвја што му припаѓаат на редот Celastrales. Најголемиот дел од родовите се тропски, со исклучок на Celastrus, Euonymus и Maytenus, кои се широкораспространети во умерените клими, како и Parnassia, која се сретнува на местата каде што има алпска и арктичка клима. Од вкупниот број на 97 рода од фамилијата Celastraceae, 19 егзистираат на островот Мадагаскар. Од 19-те рода што може да се сретнат на африканскиот остров, шест се ендемични. Тие се Brexiella, Evonymopsis, Hartogiopsis, Polycardia, Ptelidium и Salvadoropsis.


Штрк нема птица

Штрковите се големи птици со долг врат, долги нозе и цврст клун. Тие ѝ припаѓаат на фамилијата птици од редот на штрковидните, а живеат на голем број области низ светот. Тие се неми птици, кои не испуштаат гласови, а комуницираат со помош на клунот. При летот, успешно ги користат воздушните струења, благодарение на крупното тело и големите крилја, кои имаат распон и до три метри. Нивните живеалишта се многу големи и ги користат повеќе години. Тие се моногамни, но постојат примери кога го менуваат партнерот по миграцијата или мигрираат без партнерот. Во митологијата и културата се претставени како верни партнери.