Фото: Макфакс

Македонија со 40 индексни поени годинава е рангирана на 85. место од можни 180 на Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2022 година на Транспаренси Интернешнл.

Според претседателката на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Слаѓана Тасева, резултатот е загрижувачки и незначително подобрен, бидејќи сè уште се наоѓаме многу ниско и не можеме да ја поминеме границата од 60-то место, на кое што се наоѓавме во 2000-та година, а веќе 20 години зборуваме за системска борба против корупцијата.

– Состојбата со корупцијата не е подобрена и не можеме да заклучиме дека со еден поен или две позиции подобро рангирање од минатата година сме постигале некаков значителен резултат или исчекор во борбата против корупцијата – изјави Тасева.

Оценката на нашата земја годинава е резултат на седум истражувања. Тасева, посочи дека кај најголем дел од нив нема промена во резултатот.

– Намалување постои кај проектот за Светска демократија, каде имаме намалување за три индексни поени и проектот за Светска правда каде бележиме намалување за еден индексен поен. Тоа е сосема во склад со тоа дека резултатите се назадуваат поради недоволна демократија и недоволно владеење на правото – појасни Тасева.

Подобра оценка имаме од Глобал инсајдс, организација која ги рангира државите според можностите за водење на бизнис.

– Прашањата тука се одговарани од луѓе од бизнисот и тие најчесто се однесуваат на тоа дали водењето на бизнис е попречено со барањата за плаќања поткуп. По овој индекс сме добиле подобра оценка од минатата година 35 поени, сега имаме 47 поени. Вкупниот просечен резултат годинава е променет за еден индексен поен – изјави Тасева.

Оценката, според Тасева многу не се разликува во однос на претходните години и покажува недостаток на интегритет и почитување на законите како и пад на демократските процеси.

– Нашата држава во 2022 година ја одбележаа големи корупциски скандали. Судството и владеењето на правото беа засенети со нови скандалозни обележја меѓу кои и сознанието дека кандидати положиле правосуден испит без притоа да ги исполнат сите законски предвидени услови за полагање на истиот и да ги исполнат сите критериуми. Уште полошо е што овие случаи останаа без разрешница. Разрешувањето на претходниот и изборот на новиот шеф на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и оставката на Претседателката на Судскиот Совет, оставија сомнеж врз доследната примена на новодонесените закони од страна на две институции чија цел е да се грижат за интегритетот на правосудните органи, што дополнително ја намалија довербата на граѓаните во судството на само 4 проценти – изјави Тасева.

Меѓу настаните кои сериозно укажуваат на недоволно почитување на законите или нивна примена според потребата на поединци, Тасева, исто така, ги посочи и активното овозможување да застарат судски предмети, недостатокот на ефикасност во разрешување на случаите кои произлегоа од прислушуваните разговори, недоволната примена на мерките конфискација и овозможување и натаму непречено да се располага со нелегално стекнат имот, игнорирањето на одлуките на ДКСК, овозможувањето на извршување на затворската казна преку промена на живеалиште во друга казнено-поправна установа, како и скандалот на нелегалното издавање на пасоши на лица поврзани со организирани криминални групи.

– Сите овие случаи се само врв од ледениот брег на корупцијата и организираниот криминал, кои и натаму ја држат државата на нивото на недоволна демократија, хибридна и заробена држава. Оценките дека состојбата на недоволно справување со корупцијата или непостоење на волја за справување со корупцијата доведува до тоа да назадува демократијата и владеењето на правото повеќе од тоа што било – нагласи Тасева.

Како генерална оценка за ваквото рангирање на државата, Тасева ги посочи тоа дека имавме многу примери дека не функционираат воопшто механизмите кои треба да обезбедат владеење на правото и да воспостават брана во борбата против корупцијата.

– И понатаму имаме недоволново владеење на правото, кое се применува онака како на некого му одговара. И понатаму имаме недоволно спроведување на постапките кои опфаќаат случаи на корупција и од страна на јавното обвинителството и на судовите, а имаме и продолжено непочитување на одлуките на ДКСК. Единствениот документ за борба против корупцијата кај нас е Националната стратегија за борба против корупцијата која е имплементирана само со 30 проценти. Недоволни се општо напорите во борбата против корупцијата, но недостасува и желба да се расчистат случаите кои укажуваат на постоење корупција во институциите – изјави Тасева,.

Во барањето одговорност за ваквата оценка, според Тасева, генерално не можеме никого да изземеме од одговорност.

– Владата носи голема одговорност, во однос на тоа како ги спроведува политиките, но има и повеќе механизми за да истражува и воспостави одредени системи на интегритет без да се меша во работењето на судиите или јавните обвинителства. Но секое сомневање за можно влијаени и корумпирање при носење одредени одлуки е нешто што може да се проверува преку институции на извршната власт. Не постои еден единствен одговор за еден единствен фактор или виновник, туку целиот систем мора да го коригираме и сите тука мора да имаат одлука, изјави Тасева.

Индексот на перцепција на корупцијата ги бодува и рангира земјите/териториите врз основа на проценетата корупција во јавниот сектор на државата, од страна на експерти и бизнисмени. ИПК претставува композитен индекс, комбинација на анализи и проценки на корупција, собрани од повеќе реномирани институции. ИПК од 2022 се базира на 13 извори на податоци од 12 институции.

Во глобални рамки борбата против корупцијата стагнира и средната оценка за сите 180 држави е 43 индексни поени. Имаме две третини од државите кои се рангираат со резултат под 50 поени.

Највисок просечен резултат, како и претходни години имаат државите од регионот на Западна Европа и ЕУ, каде се движат од Данска со 90 индексни поени, до Унгарија со 42 индексни поени.

Нашиот регион на Источна Европа и Централна Азија, е втор најслаб со просек од 35 индексни поени. Највисока Грузија со 56, а најниска Туркменистан со 19.

Најдобро рангирана во нашето поблиско опкружување е Словенија, која и годинава е на 41 место, подобрување има Хрватска – 55 место, во споредба со 63 место во 2021 година, назадување има кај Црна Гора која сега е на 65 место, а била на 64. Подобар резултат има и Бугарија од 78 на 72 место и Косово од 87 на 84 место, а било на 87 место и Албанија која од 110 сега е на 101 место.

Во извештајот на ТИ се посочува дека регионот на Западен Балкан е познат по својата ниска отпорност на организираниот криминал, како и дека земјите бавно се справуваат со овој ризик, а на одговорните институции сè уште им недостасуваат соодветни ресурси и независност.

ТИ во оценката за Македонија посочува дека надлежни органи отвораат нови случаи на корупција, но овие чекори во вистинската насока се загрозени поради неефикасното следење на тековните и недостатокот на интегритет при изборот на клучните фигури во судството. За да обезбеди одговорност и да покаже вистинска волја за борба против корупцијата, владата мора соодветно да обезбеди ресурси и да дозволи независност на Комисијата за спречување на корупцијата (ДКСК) и на институциите одговорни за истрага на корупцијата и организираниот криминал.

Данска и годинава е на прво место со 90 индексни поени, потоа се Нов Зеланд и Финска со 87 поени. Заклучокот е дека државите кои имаат подобро развиена демократија и економија имаат подобри резултати. Овие држави се традиционално на највисоко ниво, додека најниско се рангирани државите каде има судири како што се Сомалија, Сирија и Јемен со меѓу 12 до 16 индексни поени.