Етика за млади

Јас сум оптимист затоа што знам, верувам дека сѐ може да биде подобро и дека ќе надвладеат добрите луѓе и правилните норми на животот и моралот.
Мислам дека животот е нешто убаво. Имав шанса да се родам и да живеам како човек. Можам да учам, да се развивам, да растам. Научив да зборувам, можам да разговарам со други луѓе, и за најобични и за важни нешта. Луѓето можат да ми раскажат за своите искуства, за други светови, јас можам да им ги кажувам моите доживувања, моите визии за иднината. А таму, мислам дека ќе биде добро и за мене и за моите блиски и за сите луѓе во светот.
Уживам во она што сум научил да разберам и друг јазик. Така ми се проширија видиците. Разбирањето со луѓето е најубаво нешто. Всушност живеењето со луѓе, добрите односи со нив, тоа се големи богатства.
Убаво е што кога ќе пораснам ќе станам стручњак за некоја област. Мислам дека сум способен за тоа. Низ работата ќе остварувам познанства, ќе патувам, ќе заработувам, ќе бидам значајна личност.

Се радувам и на други убави нешта – природата, цвеќињата, животните, спортот, музиката, танцот, компјутерските игри, филмовите, книгите, па и на јадењата, слатките, сладоледот… Имам неколкумина пријатели и со нив убаво ми минуваат младешките денови.
Нештата ги разбирам од нивната добра страна. Од секој проблем има излез, само треба да се пронајде решението.
Мислам дека сум во состојба да ги совладам сите пречки. Јас му се радувам на животот и убеден сум дека има надеж за напредокот.

проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла:

Срцето е клуч на светот и на животот

Новалис, германски писател