Ајде да видиме…

Селото на Дедо Мраз се наоѓа во Финска, а жителите на оваа држава го нарекуваат и „Вратата на Лапонија“. Сместено е на самата поларна граница, на работ на Арктичкиот круг, во близината на Рованиеми, главниот град на провинцијата Лапонија. Изградено е во лапонски етностил, со дрвени куќи, накитени со светлечки лампиони, ѕвончиња и прапорци, па затоа тука празничната атмосфера трае во текот на целата година.
Во ова село Дедо Мраз има своја канцеларија, во која прима посетители и ги слуша нивните желби, но и одговора на големиот број писма што ги добива од децата од целиот свет, кои пристигнуваат во селската пошта. Тој секој ден ја исполнува својата мисија, да им го подобри животот и да ги усреќи децата, да шири љубов, добра волја и божиќен дух низ светот.
Тој има и своја Баба Мразица, но и други помошници. Во селото има и црква, која може да прими 1.000 луѓе, фабрика за играчки, историски музеј, забавен парк, многу ресторани, а меѓу другото може да се добие и топло чоколадо, но, секако, и божиќна куќа.
Селото годишно, поточно пред почетокот на пандемијата на коронавирусот, го посетуваа по 500.000 туристи, главно од Велика Британија, Германија, Русија, но и од Азија и други континенти.