Денеска, од 13 часот, преку платформата Зум, ќе се одржи онлајн предавање на тема „Градинарството како важен сегмент во воспитно-образовниот процес“. Настанот е во организација на домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје и е реализиран во рамките на годишната програма на домот, поддржана од Град Скопје.
Предавачот Филип Димкоски е земјоделски инженер по градинарство и цвеќарство и активен учесник во создавањето училишни градини од организацијата „Слоу фуд Македонија“.
Настанот ќе го отвори Снежана Спасовска, стручна соработничка од домот, потоа ќе следува предавањето на Димкоски, а на настанот активно ќе учествуваат и второодделенците од ООУ „Браќа Миладиновци“ од Аеродром, Скопје, со нивните наставнички Анета Велкоска и Маја Саздова. Тие имаат подготвено програма со која ќе се одбележат значајните датуми: 21 Март, Ден на пролетта и Ден на екологијата, и 22 Март, Светскиот ден на водата.
Предавањето е бесплатно и добредојдени се сите наставници, родители, деца и граѓани што се заинтересирани за оваа тема.