Во црквата „Свети Никола“ во Вевчани се одржа промоција на најновата книга песни „Цвеќе за цветот“ од истакнатиот македонски афористичар и поет Сашо Бетоски. Мотото на годинашната јубилејна манифестација „Вевчанско културно лето“ е „Славиме 680 години од првото споменување на Вевчани во пишуван историски документ“. Обраќање пред публиката имаше Христо Петрески, претседател на Друштвото на писатели на Македонија, кој ги истакна вредностите на песните, потенцирајќи дека тие претставуваат вистинско откривање на поетскиот нерв на авторот Бетоски и значаен исчекор во афирмацијата на неговото творештво воопшто.
– Иако мала според обемот, само со 14 песни, книгата на Сашо Бетоски е богата и содржајна. Во неа се подредени 14 лирски напеви, кои се максимално искрени и доживеани. Натопени со страдања, болка и плач, овие песни се доказ и сведоштво за еден изминат пат, заеднички живот, предвремена смрт, ненадоместлива загуба и вечен непребол – истакна Петрески.

Зборувајќи за книгата „Цвеќе за цветот“, новинарот и писател Мишо Китаноски нагласи дека станува збор за збирка на песни што претставува збир на метафори посветени на болката и тагата не само кај авторот туку и кај секој човек кога губи некој најблизок од својата фамилија.
– Само поетот Бетоски знае кога и колку го боли загубата по мајка си, а тоа значи дека книгата е исполнета со стихови што со својот лирски тембр и далечните одгласи и сеќавања се повод за силна и незаборавна возбуда од поетскиот глас на Бетоски и неговото творештво – рече Мишо Китаноски.
Авторот забележа дека неговата лирика е проткаена со нежни и сакани звуци што ќе најдат порив за читање и препрочитување кај читателите.