Песните што пред трагично заминување на поп-пејачот Влатко Илиевски, на 6 јули 2018 година, беа подготвувани за неговиот нов студиски албум, ќе ѝ бидат претставени на јавноста на 2 јули, денот кога тој ќе го прославеше 37-от роденден. Промоцијата ќе се случи напладне, во ресторанот на ФК Работнички во Градскиот парк во Скопје, во присуство на неговите најблиски соработници и пријатели.

По компилацијата со најголемите хитови на Влатко Илиевски – „За љубов се пее до крај“, објавена во 2020 година, по иницијатива на семејството на познатиот пејач и глумец, ќе биде промовиран уште еден негов албум – „Последно танго“, составен од досега необјавени песни, нешто што несомнено претставува музички тестамент на нашиот Влатче. Станува збор за колекција од 14 песни, кои авторски ги потпишуваат Кристијан Габроски, Владимир Дојчиновски, Ристо Самарџиев, Дарко Тасев, Весна Малинова…, како и легендарниот лидер на „Дивље јагоде“ – Зеле Липовача. Зеле и Влатко, на радост на многубројните обожаватели, заедно го снимија големиот хит на „Дивље јагоде“ – „Не желиш крај“. Албумот содржи досега необјавени песни на носач на звук (некои фестивалски, две отпеани со хорот на „Златно славејче“, чиј водител долги години беше токму Влатко, а на овој детски фестивал всушност започна и неговата успешна музичка кариера).

Како куриозитет, на албумот ќе се најде и првата песна на Влатко Илиевски (која ја снимил во студиото на Ангел Ќосев, неговиот професор по музичко, уште како осмоодделенец) – „Together Again“, негово авторско дело, за која самиот го сними и гитарското соло. Освен него, во снимањето учествуваа и Урош Вељковиќ (тапани) и Марјан Петровски-Маци (бас) од групата „Стил темпл“.