Кога присутните го прочитале зборот казна, биле опфатени од мистичен ужас. Набргу се присетиле на предупредувањата на муслиманските клерици за многубројните неволји доколку се вознемири гробот на великиот Тимур. Некои од учесниците во експедицијата сакале да ја прекинат работата, но веќе целиот свет знаел за археолошкото истражување, а особено Сталин бил заинтересиран за истражувањето

Занимливости

Во јуни 1941 година, советска археолошка експедиција пристигнала во Самарканд. Набргу низ чаршијата и улиците од уста на уста се пренесувала веста: „Руската експедиција ќе го отвори гробот на великиот Тимур!“ Набргу, локалното муслиманско население предводено од клериците се обидело да го спречи ископувањето, плашејќи се од остварување на пророштвото, според кое, доколку погребните останки на Тимур бидат вознемирени во неговиот мавзолеј „Гур Емир“, ќе дојде до голема и страшна војна.
Според верувањето на локалното население, во гробот на Тимур имало врежани два важни натписи, кои придонеле за митот и легендата за проклетството. Првиот натпис се наоѓал на надгробната плоча и велел: „Кога ќе станам од мртвите, светот ќе затрепери.“ Вториот натпис се наоѓал во внатрешноста на мавзолејот и велел: „Кој ќе го наруши гробот, ќе ослободи освојувач пострашен од мене.“
Меѓутоа истражувачката експедиција продолжила, а во неа биле писателот и историчар Садридин, познатиот ориенталист А. Саменов и М. Герасимов, како и младиот кинематограф Кајумов, кој требало да го сними целиот настан. Истражувањето имало цел да ги испита човечките останки во мавзолејот и да докаже дека им припаѓаат на Тимур и на неговите најблиски роднини. Археолошкото ископување започнало на 16 јуни 1941 година, најпрво биле отворени гробовите на синовите на Улуг-бег, а потоа гробовите на синовите на Тимур – Миран шах и Шахрух. На 18 јуни биле откриени останките на Улуг-бег, внук на Тимур. На 19 јуни, експедицијата ја отстранила тешката надгробна плоча од гробот на Тимур.
На 20 јуни бил отворен гробот на Тимур, а набргу потоа мавзолејот бил исполнет со остар мирис на мешавина од смола, роза и темјан. Истражувачите откриле артефакт со чудна порака. Таа започнувала со наведувањето на шеснаесетте имиња на Тимур, а потоа можеле да се прочитаат следните зборови: „Сите сме смртници. Ќе дојде време и сите ќе си заминеме. Ако некој ги вознемири останките на предците, нека трпи казна.“ Кога присутните го прочитале зборот казна, биле опфатени од мистичен ужас. Набргу се присетиле на предупредувањата на муслиманските клерици за многубројните неволји доколку се вознемири гробот на великиот Тимур. Некои од учесниците во експедицијата сакале да ја прекинат работата, но веќе целиот свет знаел за археолошкото истражување, а особено Сталин бил заинтересиран за истражувањето.
Два дена по отворањето на гробницата на Тимур, ноќта на 22 јуни 1941 година, нацистичка Германија, без да објави војна, го нападнала Советскиот Сојуз. Многу луѓе го поврзале отворањето на гробот со нападот на Адолф Хитлер. Во Самарканд настанала паника, експедицијата била завршена, а останките на Тимур и неговата династија биле испратени во Москва за подетално истражување. Научниците велат дека споменатите настани биле сплет на случајности, всушност, Втората светска војна започнала во 1939 година со нападот на Полска, а планот „Барбароса“ за инвазија на Советскиот Сојуз бил одобрен од Хитлер во 1940 година.
Но митот и легендата за проклетството не завршиле тука. Пресвртот во Втората светска војна се случува со советската победа во битката кај Сталинград. Еден месец претходно, советскиот водач Сталин наредил да се вратат посмртните останки на Тимур и неговата династија во Самарканд и да се погребат со почести. Многу луѓе веруваат дека овој настан ја предизвикал советската победа во битката кај Сталинград.


Кој е Тимур?

Тимур, познат и како Тамерлан, е еден од најголемите освојувачи во историјата на човештвото, тој се вбројува меѓу македонскиот крал Александар Велики и монголскиот освојувач Џингис-хан. Во текот на неколку децении, Тимур постојано војувал и презел повеќе походи и кампањи. Создал моќна и пространа империја, која вклучувала територии од средна, источна и јужна Азија. Настојувал да ја обнови Монголската Империја. Останува запаметен поради суровоста во текот на воените походи. Во 1387 година, Тамерлан ѝ наредил на својата армија да изврши масакр врз жителите на Исфахан. Се верува дека биле убиени повеќе од 100.000 луѓе, а според историските извори, по масовните убиства биле изградени 28 кули од главите на жртвите. Истражувачите веруваат дека во текот на војните на Тимур загинале околу 15 милиони луѓе, односно околу 5 отсто од тогашната светска популација.