Ковчег полн со кокаин случајно од авион „слетал“ на соларниот панел на една куќа на италијанскиот остров Сардинија. Четири месеци по овој инцидент, полицијата успеа да го идентификува пилотот што го направил овој неуспешен маневар и да го уапси.
„На Сардинија паѓа дожд од кокаин“ пишуваа италијанските медиуми за настанот кон крајот на март минатата година, пренесе „Гардијан“. Ковчегот полн со 8,5 килограми кокаин требало да слета во рацете на дилерите во гратчето Баратили Сан Пиетро, но случајно се нашол во дворот на една куќа и го скршил соларниот панел.
– Слушнавме силен удар и веднаш повикавме полиција, која го пронајде ковчегот полн со кокаин – изјавиле сопствениците на куќата за овој настан.
Подоцна е соопштено дека доколку кокаинот се нашол во рацете на дилерите, неговата вредност на пазарот ќе изнесувала околу девет милиони евра.
Полицијата открила дека 20 минути откако авионот полетал до Рим, тој исчезнал од радарите, точно во времето кога правел кругови над гратчето за да ја фрли стоката.
Со помош на надзорни камери и на сведоци, откриено е дека 28-годишниот пилот Франческо Рико од Рим го превезувал товарот со својот авион и бил уапсен во пристаништето Каљари Елмас, по враќањето од Германија.