Диего Веласкес – сликар на шпанската златна доба

Веласкес бил водечки уметник во шпанскиот двор на кралот Филип Четврти и се одликувал со индивидуализам во барокниот период. Покрај многубројните дела на сцени од културно и историско значање, останува запаметен по големиот број портрети на шпанското кралско семејство и обичните луѓе. Негово ремек-дело е „Малата дворска дама“

Занимливости

Бил роден во Севилја, а неговите предци потекнувале од Португалија. Веласкес тврдел дека има благородничко потекло, но неговиот дедо бил трговец, а некои од историчарите веруваат дека имал еврејско потекло. Бил воспитуван во скромни услови, а уште од млади години покажал уметничка дарба.
Веласкес е меѓу првите шпански уметници што насликале реалистично прикажување на сцени од обичниот живот. Неговото дело „Старицата“, насликано во 1618 година, се одликува со необична вештина на младиот Веласкес за реализам. Во раниот период, тој создал и неколку дела што во заднината прикажуваат религиозни сцени, како што е делото „Свети Јован на островот Патмос“. Тој ретко ги потпишувал своите дела, а кралските архиви само ги даваат датумите на неговите најважни дела.

Бил запознаен со италијанските уметнички училишта и делата на најистакнатите сликари на неговото време, но Веласкес не ги прифатил надворешните влијанија и разработил сопствен стил и сопствени принципи за уметноста. Го отфрлил раскошот што бил карактеристика за портретите на европските дворови. Користел ограничена палета, но ги мешал достапните бои со голема вештина за да постигне различни нијанси. Неговите рани дела биле насликани на платна со црвено-кафена подлога, а по првата посета на Италија ја прифатил употребата на светлосината основа. Оваа промена е видлива во неговите идни дела, кои имале поголема сјајност. Создал околу 100 слики, не изработил гравури, а се верува дека има неколку цртежи.
Тој е највлијателната личност во историјата на шпанскиот портрет. Имал малку непосредни следбеници, а во 18 век неговата репутација опаднала, кога на шпанскиот двор доминирале уметниците од странско потекло и образование. Меѓутоа, кон крајот на 18 век, неговото значење било препознаено од интелектуалците блиски до шпанскиот двор, кои напишале неколку осврти за неговите дела. До 19 век, Веласкес бил непознат надвор од Шпанија. Меѓутоа, неговите дела извршиле влијание кај неколку уметници од 19 век, а меѓу нив бил и Едуар Мане, кој е мостот помеѓу реализмот и импресионизмот. Мане го нарекувал Веласкес сликар на сликарите и честопати се восхитувал на неговите дела и мотиви.


„Малата дворска дама“ – загадочна композиција

„Малата дворска дама“ е најголемото ремек-дело на Веласкес. Се верува дека е насликана во 1656 година, а денес се наоѓа во шпанскиот национален музеј „Прадо“. „Малата дворска дама“ е едно од најшироко анализираните уметнички дела во западното сликарство, поради начинот на неговата сложеност и загадочната композиција, која отвора прашања за илузијата и реалноста, како и за неизвесната врска помеѓу гледачот и прикажаните човечки фигури.
Се верува дека сликата ја прикажува главната шпанска кралска одаја на Филип Четврти. На неа се прикажани неколку фигури што гледаат надвор од платното, односно кон гледачот на уметничкото дело. Шпанската принцеза е опкружена од почесни слугинки, телохранител, две џуџиња и едно куче. Зад нив може да се види Веласкес како работи на големо платно. Во заднината има огледало што го рефлектира горниот дел од телата на кралот и кралицата. Се чини дека тие се поставени надвор од просторот на сликата во положба слична на гледачот.
Денес, „Малата дворска дама“ се препознава како едно од најважните слики во историјата на западната уметност. Лука Џордано рекол дека ова дело е теологија на сликарството, а Томас Лоренс дека е вистинска филозофија на уметноста.