Ограничената колекција на брендот „Баленсијага“ се состои од речиси целосно уништени патики, кои се продаваат за 625 долари. Колекцијата се вика „Париз сникер“, а дизајнерите изјавија дека целта им била да создадат патики што ќе можат да се носат цел живот. Очекувано, многу корисници на социјалните мрежи се згрозени од „новиот“ дизајн.

Тие вчера почнаа да се продаваат на интернет-страницата на „Баленсијага“. Засега можат да ги купат само купувачите од Европа, а оние што живеат во САД и во Јапонија ќе можат да ги купат од 16 мај, односно од 23 мај.

„Ова всушност ги навредува луѓето што се сиромашни. Не ми е јасно зошто луксузните брендови упорно промовираат ваков дизајн“, напиша еден корисник на Твитер.
„Ова се најлошите патики што сум ги видел досега. ’Баленсијага‘ сигурно се шегува“, додаде друг.

„Можам да најдам вакви патики во контејнер и нема да морам да издвојам вртоглава сума“, стои во еден од коментарите.