Фото: Пиксабеј

Научниците тврдат дека мудроста што доаѓа со стареењето треба да направи човекот да се чувствува добро во својата кожа, независно што кожата е збрчкана повеќе од порано. И дека влијанијата на времето треба кај човекот да придонесе до поголема самопочит, со што стареењето би било дури и пријатно

Популарнa e изреката дека возраста е само бројка. И покрај тоа што оваа фраза суптилно асоцира дека возраста е нешто од кое треба да се „срамиме“, идејата дека „возраста е само бројка“ може да има одредена валидност. Едно ново истражување тврди дека е сосема валидно како луѓето се чувствуваат за тоа како нивниот внатрешен часовник ги обработува деновите, неделите и годините.
Одбивањето да се дефинирате себеси врз основа на возраста може да биде здрав и адаптивен одговор во општество и култура, кои толку лесно ги оцрнуваат луѓето врз основа на генерациски етикети.

Која генерација за каква важи?

Психолозите велат дека постојат и некои генерални карактеристики на сите генерации, кои можат да се квалифицират според периодот во кој се родени и растат и токму поради тоа го перципираат животот според одредена матрица.

– Оваа генерациска поделба многу потсеќа на онаа со што ја користиме да ги класифицираме луѓето по генерации кои носат со себе целосен профил и квалификации на припадниците на истите. Така што после изгубената генерација, која воопшто не е релевантна, бејби-бумерите (1960-80) се окарактеризирани како тесногледи, самодоволни, самоправични и отпорни на промени. Икс-генерацијата (1970-80) се смета за генерација која има најдобра рамнотежа меѓу животот и работата, се независни, во тек со технологијата, ама не и опседнати со неа, но нивната независност е толку голема што како генерација која поминала низ многу општествени кризи и промени остануваат индиферентни кон предизвикување на истите. Миленијалците (1980- 1996) од друга страна се активни во својата потреба да бидат дел од промените на системот, но со исклучоци, се немоќни да го направат тоа – објаснува психологот Билјана Кочоска.

Билјана Кочоска/Фото: Приватна архива

Генерацијата Зет (1996 – 2010), пак, е перцепирана како генерација на „саркастични бебиња“, кои се толку зависни од технологијта што стануваат нејзина карикатура, велат психолозите. Новите истражувања ги потпираат сите надежи на Алфа-генерацијата, родена после 2010 година, како деца родени пред големи светски предизвици во целосно дигитално опкружување, кои имаат потенцијал да направат реални промени во општеството.

– Според оваа класификација гледаме дека и Миленијалците веќе се сметаат за нерелевантни. Нивните постови на социјалните мрежи се поврзани со криза на идентитет, чувство на истрошеност и недораснатост. Доживувањето на возрасност го поистоветуваат со старост, болка во грбот и немоќ. „Буммерите“ имаат мноштво негативни асоцијации поврзани со членовите на нивната генерација, но истото го прават и миленијалците. Имплицитно во тие генерациски ознаки е основната идеја дека возраста не е само бројка; тоа е најважната карактеристика што дефинира кој сте вие – додава Кочоска.

Искуството се помалку се цени

Идејата за „субјективна возраст“ (возраста во која чувствувате дека сте) датира неколку децении наназад во истражувањaто за менталното здравје и стареењето.
Серена Сабитини и колегите од Универзитетот во Ексетер во нивното последно истражување, со кое ги испитуваа чувствата на луѓето за возраста, дојдоа до заклучок дека перцепцијата за возраста се менува заедно со промените во когнитивно функционирање и физичкото здравје.
Научниците забележале дека самоперцепциите за стареењето се важни за успешно стареење. Сепак, прашањето е зошто овие самоперцепции се толку важни? Дали е тоа затоа што само луѓето со подобро здравје се чувствуваат помлади?

– Живееме во време кога е тешко да се остари и стареењето веќе нема никаква вредност за општеството. Искуството сѐ помалку се цени зашто ја губи вредноста во рапидно технолошки променливата средина, што постојано нѐ тера да следиме што е во моментов релевантно. Старите луѓе сѐ помалку се мудри советници, или почитувани авторитети и единствен начин да останат во играта е да продолжат да се реоткриваат себе во новото време. Што е уште потешко, тие се дел од генерациската траума и често обвинувани за недостатоците и кризите кои денес ги живееме. Како резултат на ова гледаме активен отпор кон стареењето и сеприсутен ејџизам – смета Кочоска.

Претходните истражувања имаа малку поедноставен пристап во мерење на „субјетивната возраст“. Односно, се носеа заклучоци врз основа на краткорочна опсервација и не се земаа предвид другите аспекти на поединецот, кои можат многу да влијаат врз тоа дали некој се чувствува помладо или постаро од својата возраст.

– Сега како никогаш претходно ми има смисла приказната што дедо ми ми ја раскажуваше како дете. Во која се раскажувае како човекот и другите животни добиле ист број години живот, но дел од животните не сакале, па на човекот му дале по 20 од своите години. Како резултат на тоа, од 20 до 40 години се воловски (кога човекот најмногу работи и се мачи), од 40 до 60 кучешки години (кога трпи и преживува), и од 60 до 80 мајмунски години, кога е занимација и смешка за другите – раскажува Кочоска.

Зошто е битно како се доживуваме?

Научниците сметаат дека промените во физичкото здравје влијаат на чувството за возраст, но сепак, „субјективната возраст“ не мора да се должи на внатрешните процеси на стареење.
Луѓето, на пример, можат да доживеат проблеми со подвижноста и поради други причини, а не само поради возраста, како што е случајно паѓање додека спортуваат, на пример. Но, научниците велат, луѓето како виновник за одредена „лоша среќа“ веднаш би ја обвиниле возраста.
Врз основа на ставот дека „субјективната возраст“ е комплексна компилација на фактори и дека треба да се следи временски, Сабатини и нејзиниот меѓународен тим соработници креираа збир податоци базирани на Интердисциплинарното лонгитудинално проучување на развојот на возрасните (ILSE). Истражувањето започнало во 1996 година и следени биле 500 Германци, во текот на 20 години. Факторите што се користеле за предвидување на субјективната возраст се состоеле од сеопфатни мерења на когнитивното функционирање, се следеле симптомите на депересија, објективното оценето физичко здравје (спроведено од доктори), како и субјективно оценето здравје од самите испитаници.

– Во време кога најголема вредност има новото, интересите се менуваат на дневна база, тешкотијата да се остане релевантен е сѐ поголема, така што постарите генерации треба постојано да го следат времето за да останат релевантни. Сепак, да се остане со свеж ум и поглед на живот станува невозможна мисија, исто така да се остане витален, привлечен и свеж за да се биде ценет и почитуван е дополнителен товар кој особено паѓа на постарите генерации. Затоа и не е чудна повторната агресивна појава на возобновување на стари вредности, носталгија и традиционализам дури и кај младите генерации. Притисокот на новото време е тежок за сите, но враќањето назад не е опција – вели Кочоска.

Научниците дошле до заклучок дека здравјето, кгнитивното функционирање, меѓучовечките односи, социјално-емоционалните односи, начинот на живот и ангажираноста се клучни за тоа како некој ќе се чувствува на која возраст е.

Чувствувајте се добро во својата кожа

– Оваа динамика не е нешто ново, кога гледаме во историјата, борбата со староста и смртта е стара колку и човекот. Отпорот кон новото и борбата меѓу генерациите е дел од сите светски митови. Но разликата е што денес постарите генерации не се обидуваат активно да се спротивстават на новото, но многу повеќе да станат дел од него, за да бидат прифатени, ценети и одобрени – вели Билјана Кочоска.

Научниците тврдат дека мудроста што доаѓа со стареењето треба да направи човекот да се чувствува добро во својата кожа, независно што кожата е збрчкана повеќе од порано. И дека влијанијата на времето треба кај човекот да придонесе до поголема самопочит, со што стареењето би било дури и пријатно.