Фото: Маја Јаневска-Илиева

Идејата на францускиот претседател за формирање на европската политичка заедница (ЕПЗ) добива институционален формат

Во медиумите деновиве беше пренесена информацијата дека во октомври во Прага треба да се одржи првиот состанок на лидерите на земјите што ќе ја сочинуваат ЕПЗ. Иако при самото претставување на оваа идеја, за време на француското претседавање со ЕУ, јасно беше истакнато дека ЕПЗ не претставува алтернатива за членство во ЕУ, ниту замена за процесот за проширување, овој предлог на Макрон во стручната јавност беше примен со извесна резерва

Идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање европска политичка заедница (ЕПЗ) наскоро ќе добие своја институционална форма. Во медиумите деновиве беше пренесена информацијата дека во октомври во Прага треба да се одржи првиот состанок на лидерите на земјите што ќе ја сочинуваат ЕПЗ. Тоа се 27 земји-членки на Европската Унија , на кои ќе им се придружат и претставници на земјите-кандидати за членство или соседните земји на ЕУ. На состанокот се поканети да учествуваат и лидерите на шесте земји од Западен Балкан и на други земји што се „во очекување“ на покана: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија, Украина, Молдавија, Исланд, Грузија, Турција , Ерменија, Азербејџан и Лихтенштајн. Македонија, исто така, ќе биде поканета на првиот состанок на европската политичка заедница.

Тркалезна маса, но учесниците немаат еднаков статус

На состанокот во Прага, за првпат шефовите на државите и владите од европскиот континент во поширока смисла „ќе се најдат за да зборуваат на рамноправна основа“, а темите за кои би се дискутирало се во областа на енергијата или безбедноста.
Овој проект-платформа за политички дијалог и соработка беше лансиран од францускиот претседател Емануел Макрон и одобрен во јуни, за време на самитот на ЕУ. Идејата на францускиот претседател беше пласирана во контекст на новите безбедносни ризици и случувањата во Украина и во периодот кога беше заглавен целиот процес на проширување на Европската Унија. Европската политичка заедница би имала полабава правна структура, со можност за одлучување, со почитување на автономијата за одлучување во ЕУ и на секоја држава-членка и би се состанувала двапати годишно на ниво на шефови на држави или влади, како и на министерско ниво. Земјите што ќе се вклучат во оваа иницијатива ќе ги јакнат политичките, економските, културните и безбедносните врски и ќе се соочуваат со безбедносните и надворешнополитичките прашања, климатските промени и снабдувањето со енергија и слично.

Иако при самото претставување на оваа идеја, за време на француското претседавање со ЕУ, јасно беше истакнато дека ЕПЗ не претставува алтернатива за членство во ЕУ, ниту замена за процесот за проширување, овој предлог на Макрон во стручната јавност беше примен со извесна резерва.
– Реално гледано, формирањето некаква европска политичка заедница нема да донесе ништо ново во поглед на забрзување на процесот на проширување на ЕУ, во конкретниов случај и за Македонија. Целта на оваа идеја е да се остави впечаток дека нешто се случува со процесот на приближување на регионот кон ЕУ. Подобро е да бидат фер и да ни кажат дека ЕУ не е подготвена за прием на нови членови. Овој формат на дејствување во основа би значел дека би функционирале две „европски унии“, односно прва и втора лига. Што би добиле дополнително ако се учествува во оваа иницијатива? Ние сме членка на НАТО и во поглед на безбедноста не треба да бидеме засегнати, како некои други земји од Источна Европа. Гледаме дека и сегашните членки на ЕУ не се единствени во однос на градењето заеднички позиции за економијата и за воведувањето санкции кон Русија. Да дополниме и тоа дека земјите од Западен Балкан се оставени сами на себе во пребродувањето на енергетската криза. Очигледно намерата на ЕУ е да нѐ држи долго време покрај себе, без извесност дека ќе бидеме и полноправна членка – ни изјави Синиша Пекевски, надворешнополитички аналитичар.

Експертите предвидуваат „и добри и лоши вести“ за земјите аспиранти за членство во ЕУ

За формирањето на ЕПЗ и нејзината целисходност постојат дилеми и во стручните кругови во земјите од регионот. Милена Лазаревиќ од Центарот за европски политики во Белград смета дека новата европска организација може да донесе добри или лоши вести за постојните држави кандидати, во зависност како таа ќе биде обликувана во однос на политиката на проширување на ЕУ.
– Клучот на одговорот дали ЕПЗ ќе биде дополнување или замена за натамошното проширување лежи во двата главни критериума – јасноста на структурата на ЕПЗ и искреноста во политиката на проширување. Првиот услов се однесува на тоа колку јасно плановите за ЕПЗ ќе бидат одвоени од процесот на проширување , во однос на содржината. Доколку во ЕПЗ би се преговарало како за нов мултиратерален договор за привлекување на земји што не се членки на ЕУ од Истокот и Западот на Европа, тогаш одвоеноста на нејзината цел од таа што ја има ЕУ би била појасна. Во тој случај, членството на ЕПЗ, на долг рок, би можело да стане предуслов за отворање на преговори за пристапување во ЕУ. Вториот критериум се однесува на искреноста и проактивноста со која ЕУ ќе раководи со својата политика на проширување , особено кон Западен Балкан. Со спроведување иновативен процес на пристапување за Западен Балкан, ЕУ ќе покаже дека е сериозна кога станува збор за проширувањето . На овој начин на другите земји и потенцијални апсиранти за членство ќе им се испрати порака дека ЕПЗ не е само инструмент што ќе ја замени европската перспектива. За земјите што подоцна ќе пристапат кон процесот на кандидирање за членство, оваа организација претставува фазно пристапување кон ЕУ – вели Милена Лазаревиќ. М.Ј.