Фото: Официјален Фејсбук профил на Александар Николовски

Безбедноста на сообраќајот е заедничка одговорност и нашите активности мора да бидат координирани, системски и засновани на современи стандарди, порача денеска вицеремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на отворањето на Националнатата конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, што се одржува денеска во Скопје.

Патната инфраструктура што ја креираме, Николоски рече дека мора да биде безбедна по дизајн со цел да ги минимизира ризиците и да понуди услови за безбедно движење за сите.

Николоски на конференцијата ги наброја стратешките проекти на Министерството за транспорт во насока на постигнување безбедност во сообраќајот, посочувајќи дека во Националната транспортна стратегија 2018–2030 поставена е амбициозна цел за намалување на бројот на загинати лица на патиштата за 50 проценти до 2030 година.

Се унапредува, како што рече, националната регулатива за безбедни патишта преку измена на законски решенија, се соработува со општините за развој на локални проекти, а меѓу останатото изработен е Правилник за велосипедска инфраструктура.

Николоски најави дека следната година на Коридор 10 треба да се примени Интелигентен транспортен систем за што веќе завршува тендерот, како и дека се работи на слична апликација за таков систем на Коридор 8.

– Сето ова бара многу време, посветеност и финансии, но најважно од се координација и пред се подобрување на  културата кај граѓаните, се соочуваме со феномен со кој сите се за почитување на законот сѐ додека законот не се однесува на нив – рече Николоски.

Апелира сите да се насочат кон долгорочни цели и истакна дека спасувањето на човечките животи нема цена.

Конференција продолжува со обраќања на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и директорот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата Горан Ангеловски.