По 20 години Шекспир нема повеќе да преведувам, ќе пишувам


Други вести
Највести
  • Читани
  • Коментирани
  • Оценувани
Коментари и дебати
Биљана Стојановска
Охрид стана место за викенд
Во суштина, не може никој да се обвини. Оти можеби и не е вистина дека понудите за Охрид се поскапи од оние што беа пред неколку години. Ама затоа вистина е дека понудите за Грција се многу поевтини од оние порано ...
 
Милан Банов
Скопски водич низ носталгијата
Тој водич низ носталгијата постојано е отворен за цел океан спомени, за пополнување на празните места, заборавените луѓе и настани, за излезените од употреба предмети, за објектите, улиците, за скопските годишни времиња, за ...
 

Веб коментари
Руската црква не е наклонета кон автокефална МПЦ / Столчето е децко, русокосата е плавуша / Столчето е децко, русокосата е плавуша ...
 
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
 
 

По Шекспир нема повеќе да преведувам, туку ќе пробам моето искуство да го преточам во оригинална литература. Идеи имам. Ми треба закрепнување, здравје, а резултатите сами ќе дојдат, вели Михајловски откако комплетно го заокружи драмскиот опус на Шекспир приопштувајќи го на македонски јазик, преведувачки подвиг на кој може само да се позавиди

 
 
  
Михајловски го направи и преводот за „Хенри Шести“ на битолскиот театар (сцена од претставата)


 
   

 ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ, АВТОР И ПРЕВЕДУВАЧ

Му направивте најголем споменик на Шекспир во Македонија, ама и ваш! Секоја чест! Ова е само една од реакциите и изрази на воодушевување од низата што се редат на профилот на Фејсбук на еден од нашите најистакнати и најпосветени преведувачи, Драги Михајловски, по веста дека деновиве на неверојатни 1.654 страници, тврд повез, во издание на „Каприкорнус“, а во негов препев се излезени од печат сите 37 драми и 154 сонети на Вилијам Шекспир. Препевите се работени со одредени прекини од 1983 до 2012 година, а во текот на 2012/2013 година вршени се цитатење, препрочитување и поправка на текстовите. Михајловски е единствениот преведувач што може да се пофали со таков огромен фонд преводи на Шекспир, со што тој практично го заокружи комплетно драмскиот опус на автор.

Кажете ни колку време, труд, залагање и жртва се потребни за еден ваков неверојатен, амбициозен преведувачки проект?
- Преводот го работев со нормални прекини поради работа врз други проекти, подготвувања, предавања за на факултет или едноставно замор, од 1983 година до 2013 година. Првите преводи („Ричард Трети“, „Комедија на грешки“ објавени во тогашната издавачка куќа „Македонска книга“) се работени на машина за пишување, а подоцнежните на разни компјутери во зависност како тие се појавуваа, усовршуваа и се менуваа. Пари, ако не за друго, за нив секогаш се наоѓаа. Оригиналите на драмите ги наоѓав и ги позајмував од библиотеката за англиски јазик и книжевност при филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а некои ги имав во лична своина дадени како подарок од мои пријатели од Англија или од САД. Откако ги објавив 11-те драми плус сонетите и четирите големи трагедии во 2003 г. односно во 2004 и 2007 година, си реков дека е доволно, но, како да ме тераше некој ѓавол однатре, продолжив и речиси секоја следна година кога сите одеа на одмор, јас работев и објавував по четири нови препеви на драми и некаде во 2012 година ги имав во компјутер сите 37 драми и 154 сонети на Шекспир.

Колкупати ги препрочитувавте и поправавте текстовите? Се чини невозможно да се заврши целата оваа работа беспрекорно, што е впрочем ваша одлика како преведувач? Колку е преводлив Шекспир на македонски?
- Има цела година, ако не и повеќе, како сите од издавачката куќа „Каприкорнус“ (препејувачот, главниот уредник, коректорот и лекторот, а сите се високообразовани филолози), без никаква задршка, работиме на поправки, препрочитување, коригирање и лекторирање по најновите лекторски стандарди на направените препеви, особено на постарите кај кои, нормално, има и најмногу грешки. И ќе си продолжевме така којзнае до кога да не беше печатарот што пресече со зборовите: „Доста, бе луѓе, па ова нема крај. Ако не престанете сега, може работата да ви продолжи којзнае до кога, можеби до последниот слог на пишаното време“, се пошегува тој со еден цитат од „Макбет“. И прекинавме како договорени. Мислиме дека сега е добро, барем за овие први 50 примероци што сами ги финансираме, а за понатаму ќе видиме. Инаку нема сиромашен или богат јазик. Зависи колку работиме на него и колку го откриваме. Шекспир, во таа смисла, е апсолутно достапен и преводлив на македонски.

Ова уникатно издание на драмите и на сонетите содржи и општо пролог, како и посебен предговор за секоја драма. Промоцијата е најавена за септември. Што добива македонската читателска публика со овој ваш подвиг?
- Нема тука никаков подвиг. Сѐ е систематска работа. Општото предисловие, главно земено од Википедија, освен делот за прозодијата на Шекспир, кој е мој, ги содржи основните и најважните податоци за Шекспир, а секој предговор ги дава основните податоци за драмата: која е основната тема, што се работи во подзаплетот ако го има, кои се основните извори, кога е печатена и објавена драмата првпат, дали е целосно на Шекспир или е резултат на соработка со некој од неговите современици итн. Низ работата и читањето дојдов до сознанија дека Фан Ноли, на пример, превел „само“ четири драми на Шекспир од англиски на албански, Борис Патернак „само“ пет од англиски на руски, а славени се како народни херои во Албанија, односно во Русија. Се надевам дека и кај нас ќе се цени овој труд. Промоцијата во септември ќе дојде и ќе си замине. Остануваат делата да зборуваат за она што сме успеале или не сме успеале да го направиме на македонски.

Добивте многу честитки, особено од ваши сегашни и поранешни студенти, кои буквално ви симнуваат капа. Особено ми се допадна една ваква реакција: Едвај чекам да ја држам в раце, е дури сега може Шекспир мирно да почива... Се чини омилен сте како професор. Колку ве исполнува педагошката работа?
- Многу. Благодарение на студентите и нивното трпение, некои решенија заедно ги проверувавме, ги преиспитувавме. Тие се посвежи, полни со нови идеи, посвесни за богатството на нашата литература и култура токму преку проучување на другите литератури и култури. Честопати, за жал, тие се поучени и поинформирани од своите работодавци. Оттука и нивната разочараност во системот и нивната несоодветност во него (токму како Гуливер во земјите во кои патувал). И покрај информираноста што ги чека во реалниот свет, понекогаш не се наоѓаат во него и, како резултат на тоа, или се повлекуваат во себе или заминуваат во странство, а на нивно место доаѓаат многу понеподготвени и понесоодветни кадри.
Веќе европски афирмираната Лидија Димковска, инаку ваша студентка, ви напиша: Не само што сте мојот омилен раскажувач туку и преведувач. Само се чудам како ли ќе го донесам изданието од 1.654 страници во Љубљана, во авионски багаж, ама ќе смислам нешто. Сте направиле чудо во кое се собрани две постоења, и на Шекспир и Вашето. Секоја чест!

Горди ли сте на успесите на вашите студенти и можеме ли да се радуваме на идни автори и преведувачи што се достојни да ве наследат?
- Се разбира. Редовно ги следам и колку што можам помагам во нивната европска и светска афирмација. Лидија Димковска е една од нив, особено со нејзиниот роман „Скриена камера“¸а тука се и Гоце Смилевски со извонредната втора верзија на „Сестрата на Фројд“, Калина Малеска со „Бруно и боите“, Румена Бужаровска со „Чкртки“, а да не зборувам за Венко Андоновски, кој веќе сега стои рамо до рамо со најдобрите европски и светски писатели. Не ми е криво што мојата генерација, на сметка на сопствената книжевност, беше осудена да ги преведува големите и значајни дела од светската книжевност на македонски јазик („Беовулф“, „Илијада“, „Одисеја“, „Библијата“, „Загубениот рај“, „Енеида“, Шекспир...), единствено жалам што нема време да покажеме што и ние самите знаеме. Но тука се нашите следбеници. Тие барем не мора да се „бавтаат“ со значајните книжевни остварувања во светот, туку веднаш можат да се вмешаат во борбата за освојување на светскиот книжевен врв. Тие тоа и го заслужуваат. Лидија Димковска е сигурно една од оние за кои допрва ќе слушаме.

Неодамна се појави и книгата на Џон Дан, „Песни, свети сонети и проповеди“, исто така во ваш препев. Ова е првпат на современ македонски јазик да се донесе неговата поезија. Ако Шекспир го имате веќе апсолвирано, колку е тешко кога ќе се зафатите со превод на некој автор првпат?
- Десет песни од Џон Дан имав преведено во 1978 година во списанието „Стремеж“. Наоѓајќи се релативно слободен, мислев дека е корисно да го донесам и кај нас овој познат во Англија современик на Шекспир. Ги преведов речиси сите негови песни по кои е најпознат и во странство, речиси сите свети сонети и медитации и направив избор од најдобрите проповеди што овој славен свештеник главно ги држел во катедралната црква на светецот Павле во Лондон. Џон Дан првпат се јавува кај нас, а во вакво издание и обем првпат и на Балканскиот Полуостров. По Шекспир ми се виде лесен, иако воопшто не е така.

Имате напишано и книги за уметноста на преведувањето. Можете ли накратко да ни ги откриете тајните на добриот преведувач?
- Имам објавено две книги за уметноста на преведувањето, „Нераспнати богови“ (1991 г.), во издание на „Табернакул“, и „Под Вавилон: задачата на преведувачот“ (2002, 2006 г.), во издание на „Каприкорнус“. Планирам да објавам само уште една во која ќе ги изнесам речиси истите мои сфаќања за уметничкиот превод, но на поинаков начин. Инаку, секој што бил на моите предавања ја знае дефиницијата на преводот: „Задачата на преведувачот е да ја најде литерарноста на оригиналот и потоа со љубов и во детаљ да ја пренесе во новата јазична и културолошка средина за оваа да прозвучи во преводот онака како што звучела во времето на своето настанување“.

Преведувачот е одговорен за квалитетот на текстот. Колку од нашите преведувачи може да бидат пофалени дека добро си ја вршат работата? Имате ли прочитано превод на македонски јазик за кој би можеле да речете дека е одличен?
- Доколку на вистинско место е вистински преведувач што учел за тоа, нема сомнение дека добро ќе си ја изврши задачата. За среќа, такви преведувачи има сѐ повеќе, особено ако дипломирале на Филолошкиот факултет. Како член на редакцијата за оценување на преводите на едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, имав можност да прочитам повеќе преводи од сите генерации на наши професори и соработници од катедрата. Сите до еден, од Љубица Јанешлиева со Карсон Макалерз, Виолета Христовска со „Мол Фландерс“ на Даниел Дефо и „Соломоновата песна“ на Тони Морисон, Зоран Анчевски со „Убиство во катедралата“ на Т.С. Елиот или „Одбрана на поезијата“ од Шели, или преводот на „Доктор Фауст“ на Рајна Кошка-Хот, па до преводите на Румена Бужаровска на Капоти, Сашо Тасев на Хаксли, Калина Малеска на Стерн, како и преводите на Ивана Балоска, Марија Џонс и други, се одлични и достојно ги претставуваат врвовите на светската книжевност на македонски јазик. Особено го сакам преводот на „Моби Дик“ од мојот наследник Огнен Чемерски, кој уште не е објавен, но по завршувањето ќе биде вистинско ремек-дело не само на Мелвил туку и на македонскиот превод.

Вие сте преведувач и на „Хенри Шести“, драмата што до лани на „Глоуб фестивалот“ воопшто не била играна ни во Лондон, дури ни на англиски јазик, а прозвучи на македонски, во праизведбата... Деновиве се одржа и „Битола Шекспир фестивалот“. Ви се допаѓа ли идејата за организирање еден ваков фестивал? Патем, бевте ли во Битола?
- „Македонската претстава е фаворитска претстава. Досега ги добив најголемите комплименти, и не само јас туку и редица мои колеги во претставата, што значи дека ни го почитуваат навистина квалитетот, ни ја почитуваат уметноста, ни го почитуваат зборот македонски, кој во препевот на Драги Михајловски првпат направен, прашуваа дали вака зборуваме и приватно во Македонија, дали ваков ни е јазикот, толку богат, толку убав што така добро звучи Шекспир во самиот Глоуб“ (Петар Горко, актер). Овој цитат од носителот на главната улога, артистот Петар Горко, доволно зборува за претставата во Лондон. За фестивалот во Битола бев поканет и од уметничкиот директор Благоја Мицевски и од режисерот Џон Блондел и од уредникот на новото Оксфорд-издание, Рендол Мартин. За жал, морав да им се заблагодарам и да не отидам поради здравствени причини. Им посакав многу успех на фестивалот и дека в година, ако бидам добро, а се надевам, сигурно ќе одам.

И конечно, за лошите преводи многу се зборува кај нас, а речиси ништо не се презема. Во трката со времето, а заради брза заработувачка, на полиците на нашите книжарници стигнуваат изобилство лошо преведени книги. Според вас, кој е одговорен за лошиот превод (преведувачите, издавачите, уредниците...)?
- Само ќе повторам. Ако се земат вистинските преведувачи, а ги има, ние никогаш нема да останеме на опашката на преводната литература во светот.

Освен што се занимавате со преведувачка и професорска работа, автор сте и на повеќе романи: „Бајазит и Оливера“, „Мојот Скендер-беј“, „Смртта на дијакот“, „Пророкот од Дискантрија“, на книгата „Раскази од шести кат“... Пишувате ли „деновиве“?
- Се разбира. По Шекспир нема повеќе да преведувам, туку ќе пробам моето искуство да го преточам во оригинална литература. Идеи имам. Ми треба закрепнување, здравје, а резултатите сами ќе дојдат.


Споредувајќи некои постари со поновите преводи, можете ли да оцените колку се развил и пораснал современиот македонски јазик, а со тоа и неговите можности за примање врвни дела од светската книжевност?
- Многу. Ако ние почнавме со српко-хрватски речници (Филиповиќ, Бенсон) и со преводот на тритомниот речник на македонскиот јазик со српско-хрватски толкувања направен во Австралија, без преведувачка насока на македонски јазик или во самиот нејзин зачеток, денес преведувачите не само што се служат со речници и на македонски јазик (речниците на Мургоски, на Томиќ, на Бабамова...) туку и повеќе имаат можност да отидат во странство и да ја проучуваат изворно нивната култура и литература. Тие ги читаат и Цепенков и Миладиновци (тие за нив повеќе не се само обични собирачи на песни и приказни) и преводи веќе направени од првата и втората генерација македонски англисти. Во нив треба да се верува. Тие се нашата иднина. Нашата врска со Европа, светот...


 

 
   
Автор: Весна Дамчевска  
 
   
   
   
     
сподели на пинг    
 
   
Веста е прочитана:           Оценка:
1 2 3 4 5
 
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
 
  Powered by Dejan Jovanovski