|
|
Естонија и Македонија |
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Најголемата разлика меѓу двете земји лежи во нивните душмани, Грција во случајот со Македонија и Русија во случајот со Естонија. Ама, за разлика од Русија, која не е и никогаш нема да биде дел од европските семејства (НАТО и ЕУ) и затоа не може да го спречи членството на Естонија (иако се обиде, особено кога станува збор за НАТО), Грција е дел од двете организации, факт што челниците на ЕУ и на НАТО постојано им го истакнуваат на Македонците |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Само што се вратив од одмор во Естонија, каде што, колку и да е чудно, ги прославив 14-те години работа во Македонија. Во август ќе поминат точно 17 години откако ја посетувам Естонија, барем еднаш или двапати годишно. Иако никогаш не сум престојувал подолг период, сепак ако го соберам целото време поминато таму, сигурно ќе се соберат некои добри седум-осум месеци. И во текот на споменатите 17 години бев сведок на многу промени, повеќе отколку тие што се случија во Македонија во текот на 14 години. Неколку пати се заканив дека ќе напишам докторат во кој ќе ги споредам двете земји, кои многу добро ги познавам и кои имаат многу сличности. На пример, и Македонија и Естонија се мали земји со 2,1 и 1,3 милион жители, соодветно. И двете имаат значаен процент на едно малцинство: во Македонија 25 отсто од популацијата се етнички Албанци, додека пак во Естонија третина од населението се етнички Руси. И двете земји се соочувале со туѓа окупација во минатото, со тоа што Естонија беше независна во траење од 22 години, од 1918 година до првата окупација од страна на Советскиот Сојуз во 1940 година. И двете се наоѓаат на крстопат што се однесува до местоположбата, што влијае врз транспортот и логистиката и, секако, врз економијата. И двете имаат горди и богати истории, традиции и култури. И двете ги делат вредностите што се негуваат во ЕУ и во НАТО, иако Естонија е членка и на двете организации, а Македонија е на пат да добие членство. Од друга страна, пак, по многу нешта се различни. Естонија се соочи со жесток комунизам под советската окупација, при што Русите се обидуваа да го искоренат идентитетот на Естонија. Сосема друга приказна беше социјализмот со кој се соочи Македонија за време на Тито. Овие два различни вида окупација имаа и сé уште имаат различно влијание врз луѓето. Иако најмногубројните малцинства и во Македонија и во Естонија живеат и во нивните соседни земји, сепак, Косово и Албанија не можат да се споредат со Русија во поглед на големината и на силата. И овој факт различно влијае врз начинот на размислување на луѓето од двете земји. Истовремено и религијата на малцинствата си има свое влијание. Во Естонија, лутеранските Естонци и православните Руси–христијани му се поклонуваат на истиот Господ. Во случајот со Македонија, Македонците му се поклонуваат на Христос, а Албанците на Алах, две различни божества и две сосема различни гледишта на светот. И ова секако си има влијание. И покрај сличностите и разликите, денешната Естонија е многу различна од таа што првпат ја посетив во 1993 година, иако сé уште не гледам промени во некои аспекти. Се сеќавам кога во октомври 1992 година го запознав мојот прв пријател од Естонија, и тоа од сите можни места во светот, тоа се случи баш во Мадрид. Со гордост ми соопшти дека неговата земја се подготвува да воведе своја валута – круната. По кратко време, на 1 јануари 2011 година, ќе се откажат од својата сакана валута и ќе ја заменат со еврото (иако денес не се знае колку тоа ќе опстои како валута). Естонија денес е богата земја со минимален бруто-домашен производ од речиси 20 милијарди евра, во споредба со Македонија, чијшто минимален бруто-домашен производ изнесува половина од тој на Естонија. Секако, треба да се има предвид дека Естонија излегува на море, па има заработка од туризмот, за разлика од Македонија, која е затворена со копно. Сепак поголемиот дел од богатството е резултат на радикалните промени и реформи што земјата ги усвои во почетокот на 1990-тите години. Македонија пред многу кратко време ги усвои ваквите радикални реформи и промени. Да го направеше тоа пред 20 години, денес ќе беше поинаква (и побогата) земја. На вас ќе оставам да ја барате вината во тие што биле на власт во Македонија во тоа време. Но сепак некои од реформите што Естонија ги презентира пред светот еднакво се спроведуваат и во Македонија, каков што е рамниот данок, па сепак персоналниот данок на доход во Естонија е 20 отсто, за разлика од Македонија, каде што е само 10 отсто. Ова е нешто за што премиерот на Естонија не разговара додека ја продава својата земја на странски инвеститори. Има и големи културни разлики помеѓу двете земји, што е причина за успехот или за неуспехот, нема да навлегувам во подробности. Но некои од истите културни разлики што се припишуваат на економскиот подем или пад директно се поврзани со помалку материјални нешта. На пример, Естонците често знаат да бидат ладни и напернати како Скандинавците. Гушкањето и изливите на емоции се ретка појава кај нив, додека во Македонија (и во Југоисточна Европа, кога сме веќе тука), емоциите владеат над сé друго. Сепак најголемата разлика лежи во нивните душмани, Грција во случајот со Македонија и со Русија во случајот со Естонија. Ама за разлика од Русија, која не е и никогаш нема да биде дел од европските семејства (НАТО и ЕУ) и затоа не може да го спречи членството на Естонија (иако се обиде, особено кога станува збор за НАТО), Грција е дел од двете организации, факт што челниците на ЕУ и на НАТО постојано им го истакнат на Македонците. Двете земји можат да учат една од друга и покрај тоа што географски се многу оддалечени и мислам дека мојот пријател и ваш поранешен претседател Борис Трајковски е тој што ги почна ваквите контакти во 2001 година (сакам да мислам по моја заслуга). Ќе ми биде мило двете земји да ја продлабочат соработката и на дипломатско ниво и се надевам дека две од моите омилени земји и нации ќе ги зачестат ваквите контакти. Авторот е независен и слободен интелектуалец |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Веста е прочитана: Оценка: | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||