|
|
„Етнос“: Грција се вклучува во решавањето на косовското прашање |
|
||||||||||||||||||||||||||||||
Во наредните денови Атина ќе почне дипломатска иницијатива за изнаоѓање взаемно прифатливо решение за косовскиот проблем, користејќи го своето влијание на Балканот |
|||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||
| По објавувањето на мислењето на Меѓународниот суд на правдата дека со прогласувањето на независноста на Косово не е прекршено меѓународното право, во наредните денови Грција ќе почне дипломатска иницијатива за изнаоѓање взаемно прифатливо решение за косовскиот проблем, пишува „Етнос“. Атинскиот весник наведува дека на завчерашната средба на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ, грчкиот заменик-министер за надворешни работи Димитрис Друцас нагласил дека Грција како балканска земја е подготвена да ја преземе својата одговорност кон регионот и дека нејзини претставници наскоро ќе ги посетат Приштина и Белград. Според Друцас, Грција планира да ја промовира европската перспектива на Балканот, согласно одредбите од „Солунската стратегија“ подготвена во 2003 година за време на грчкото претседавање со Унијата, која во основа е изработена од грчката дипломатија. - Грција е земја што може да се обрати како кон Србија, така и кон Косово и може да ги искористи сите потенцијали за изнаоѓање взаемно прифатливо решение за косовскиот проблем - рекол Друцас, додавајќи дека умерената и сериозна позиција на српската влада ќе има позитивно влијание врз европската перспектива на Белград. Друцас сепак нагласил и дека независно од одлуката на МСП, Атина останува на својата досегашна позиција да не ја признава независноста на Косово. Истовремено, ЕУ ги повика Србија и Косово да почнат преговори и покрај одбивањето на Белград да ја признае косовската независност. - Им порачав на Приштина и на Белград дека нивната иднина е во ЕУ. Се надевам дека тие ќе направат чекор напред и ќе почнат преговори - изјавила шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон. Министрите за надворешни работи на средбата во Брисел не успеале да постигнат заедничка позиција во однос на Косово и на Србија, но според дипломатски извори, Унијата ќе се обиде да ја искористи нивната европска перспектива за да ги натера да преговараат, порачувајќи им дека нема да постигнат значителен напредок на патот кон ЕУ без подобрување на меѓусебните односи. Од друга страна, европските дипломати порачуваат дека најверојатно ќе минат неколку месеци додека членките на ЕУ не постигнат согласност за прифаќање на кандидатурата на Србија за членство во Унијата, која беше поднесена во декември 2010 година. Според нив, не е исклучена можноста некои членки на Унијата да ги условуваат европските перспективи на Белград со неговата целосна соработка со Хашкиот трибунал.
|
|||||||||||||||||||||||||||||||
|
|
|||||||||||||||||||||||||||||||
| Веста е прочитана: 868 Оценка: 1,36 | |||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||