„Држ не дај“ со буџетските приходи

Останати вести
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
Bookmark and Share
 

Очигледно е дека Владата и годинава ќе има проблем да ги оствари сите планирани капитални инвестиции, ако се земе предвид дека по истекот на половина година е реализиран само околу 30 отсто од планот

 
 
  
Само околу една милијарда евра се слеале во државната каса во првата половина од 2010 година како буџетски приходи, а Владата треба до крајот на годината да собере уште 1,25 милијарда евра, доколку сака да ги реализира проекциите усвоени со ребалансот на буџетот. Завршната сметка на буџетот за минатиот месец покажува дека пак не се остварија владините проекции за буџетските приходи. Имено, буџетски приходи во јуни изнесуваат 171 милион евра и во однос на владината проекција се помали за 2,4 отсто. Од почетокот на годинава досега секој месец има минус во буџетските приходи. Забележително е што Владата каска и со реализација на капиталните инвестиции за 2010 година, а доказ за тоа е што до крајот на јуни биле потрошени само околу 96 милиони евра од вкупно 285 милиони евра предвидени за капитални проекти во годинашниот буџет. Очигледно е дека Владата и годинава ќе има проблем да ги оствари сите планирани капитални инвестиции ако се земе предвид дека по истекот на половина година е реализиран само околу 30 отсто од планот.




Дополнително, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) неодамна ја ревидира стапката за пораст на бруто-домашниот производ на Македонија од првичните 2,2 на 0,5 отсто. Намалувањето на проекциите укажуваат дека странските експерти очекуваат забавена економска активност, која сериозно може да влијае врз проекциите за буџетските приходи.

Владимир Глигоров, економски експерт од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, вчера соопшти дека доколку се остварат прогнозите на ЕБОР не треба да се очекуваат нови вработувања и промена на стапката на сиромаштија.

- Порастот е индикатор за тоа дали ќе може да се очекува, не само подобрување на стандардот, туку што е и поважно дали ќе може да се очекува вработување на луѓето, бидејќи стагнација или низок пораст ќе значи дека нема да има побарувачка на нови работни места, значи нема да има вработување - вели Глигоров.

Тој додава дека евентуален намален пораст може да влијае на полнењето на народната каса.

- Порастот е основата за буџетските приходи, тоа значи ако нема пораст ќе има помали приходи. Друго прашање е дали Владата ќе одлучи да ги намалува расходите или да ги покачува даноците или ќе бара излез во поголем дефицит и задолжување, тоа се политички одлуки - вели Глигоров.
 
   
Автор: В.Н.  
 
   
Веста е прочитана: 191          Оценка: 3,33  
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
 
  Powered by Dejan Jovanovski