|
|
Глума |
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Ќе ви биде ли жал, на пример, ако како вид исчезнат оние одлично извежбани стрелци, кои дома стојат пред отворените прозорци или скриени зад грмушка, и чекаат прилика да ги видат кучињата или мачките како легнале во трева да се одморат од оваа гадост која се вика живот и да ги издупчат со куршум. Но тоа е така отсекогаш. Луѓето сакаат да убиваат, да рушат, да сакатат, да мачат и мрцварат |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Не за џабе големиот американски писател Труман Капоти кажал дека животот е доволно комплициран и без филмовите на Мерил Стрип. Искрено жалам што во една од претходните мои колумни напишав грди работи за оваа филмска дива. Нејзините обожаватели, со умерени и пристојни коментари, ми дадоа до знаење дека не сум во право. Нив посебно ги погоди моето мислење дека на оваа жена местото и е во некој наш провинциски театар. За среќа, сум запознал актерки-аматерки, како и жени од онаа сорта кои глумењето во претставата наречена живот го сфаќаат премногу сериозно, од кои прочуената оскаровка би можела многу што да научи. Навистина постојат жени, тоа скоро сите го знаат, кои никогаш не влегле во театар, повеќето од нив дома неуморно гледаат филмови, обични службенички, продавачки или фабрички работнички кои можат во кој било момент да ви одглумат што сакате. За жал, ниеден продуцент, а такви кај нас не постојат, никогаш нема да им обрне внимание и да им понуди некаква улога. Проблемот со Мерил Стрип, се извинувам ако пак се почувствувате навредени, е во тоа што по ништо не се издвојува од обичните жени. Само излезете на улица и ќе видите многу средовечни дами слични на неа. Не, не мислам на жени кои пошле да купат скапоцен парфем, туку на жени кои со уморен поглед го гледаат аптекарот и со молежлив глас од него бараат да им даде еден „аналгин“. Повеќето од нив со леснотија би го одглумиле она за кое госпоѓата Стрип е преплатена. Вакво нешто во никој случај не би можело да се каже за Мерилин Монро, Ава Гарднер или за Марлен Дитрих. Тешко, скоро невозможно, дека на улица ќе видите некоја која барем ќе ве потсетува на нив. Холивудските могули одамна престанаа да бараат такви фатални типови од проста причина што им е страв од нивната убиствена убавина и проклетството што таа им го носи на оние што ќе дојдат во допир со неа. Да им била љубовница некоја како Мерил Стрип, браќата Кенеди не би завршиле онака неславно, туку сé уште би биле активни во американскиот конгрес. Гајле ми е за Мерил Стрип, ако толку ја сакате пишете и да ве викне на гости или да ви прати по пошта некој долар. Верувам дека е дарежлива жена. Познавам јас и такви глумци кои не се излежуваат во луксузни вили од по неколку милиони долари, ниту пак некогаш добиле „оскар“, туку своите мизерни денови ги поминуваат загнетени во замочани грмушки. Не јадат бифтеци и кавијари, не пијат вотка, ниту пак малтретираат келнери по ресторани, туку џвакаат отпадоци што некој сит човек ги заџипил на земја, масни остатоци нападнати од мравки и муви. Никогаш не спијат во кревети со чисти и испеглани свилени чаршафи, покриени со филигрански извезени покривачи, туку лежат згрчени во некоја полураспадната кутија и се тресат од страв на секој шум. Зборувам за животните, моите омилени актери. Тие се како проколнатите чергари, сите опљачкани и измамени мислат дека тие ги опљачкале, сите нешто им се закануваат, ги пудат и клоцаат, ги тепаат. Овие глумци не газат по црвени послани теписи, туку по срчи. Нив ретко кој ги слика со фотоапарат. Можеби понекогаш случајно ќе влетаат во кадар и кога сликаниот после многу години ќе се погледне на сликата и ќе ги види, не верувам дека ќе се сети како се викале. Животните сакаат да глумат зашто имаат вечна детска душа, невина и чиста како на ангел. Луѓето се валкани, бескрајно лоши и смрдат. Убеден сум дека за неколку стотици години, ако не и порано, тие повеќе нема да управуваат со оваа планета, а можеби нема ни да постојат, што и не е некоја штета за универзумот. Ќе ви биде ли жал, на пример, што како вид ќе исчезнат оние одлично извежбани стрелци, кои дома стојат пред отворените прозорци или скриени зад грмушка, и чекаат прилика да ги видат кучињата или мачките како легнале во трева да се одморат од оваа гадост која се вика живот и да ги издупчат со куршум. Но тоа е така отсекогаш. Луѓето сакаат да убиваат, да рушат, да сакатат, да мачат и да мрцварат, а тука сé уште нема војна веќе десет години. Просто не можат да дочекаат. Зошто тогаш да не пукаат во животни? Треба да ги разбереме. После, ако на турнирот не освојат златен медал, кој ќе им биде крив? Но додека не експлодираме како балон, некои луѓе би можеле да направат нешто добро за животните. Можеби тоа и ќе нé спаси. Ете, можат да почнат со тоа што нема повеќе да ги трујат. Повештите, благословени со Божјата милост, успеваат животните да ги претворат во свои верни пријатели и слуги. Јас сум од оние што сметаат дека Волт Дизни, браќата Флајшер или Пет Саливен како уметници и како луѓе за наша добробит направиле многу повеќе отколку оние неподносливи композитори на класичната музика или славните сликарски имиња на минатиот век. Мики Маус, кој свири на клавир некој весел комад, е многу подобар од концертен пијанист што го свири Моцарт. Делата на овие аниматори и цртачи подобро нé учат како да станеме луѓе, отколку што тоа го прави современата книжевност која ја пишуваат натуралисти од најдолен вид. Но бидејќи на повеќето од нас сé што е човечко веќе им е туѓо, светот престана да ужива во старите картунзи. Со мене тоа не е случај. Да сум премиер мене нема да ме чуваат гангстери, туку одлично истренирани булдози. Јас сум исто така и човек кому на ум му паѓаат чудни идеи. Понекогаш сонувам за свет во кој мачори со шило и конец прават волшебни чевлички што умеат да танцуваат сами; кутриња облечени во удобни карирани оделца што на бебињата во колепки им пеат приспивни песни; глувчиња со негувани мустачиња и очила спуштени на носот кои во топла канцеларија водат сметководство; мајмунчиња кои вешто се провлекуваат низ прозорците на куќите на богатите лопови и им го одземаат накитот кои тие го украле... Зошто да биде чудно (затоа и овој свет е проколнат зашто вакво нешто е чудно) ако сте болен инвалид врзан за кревет, своето маче да го испратите во банка каде што од банкоматот ќе ви ги подигне парите од пензијата? Да ви купи весник во трафика или ако ви се слоши по телефон да повика Итна помош (ваков случај е забележан во Њујорк пред една деценија). Многу паметни животни, а тоа повеќепати е докажано, би биле феноменални актери. Би се мечувале со пчели и стршлени, би јавале коњи, би научиле да ракуваат со ласо и со него би скротиле бикови. Затоа, ако имате мачор, макар бил кенкав или мрзлив, направете нешто добро за него. Ставете му круна на глава и прогласете го за крал на вашиот двор. Или нарачајте кај најблискиот чевлар да му сошие чизми. Мачор во чизми, има ли нешто послатко од тоа? Авторот е музичар |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Веста е прочитана: 543 Оценка: 4,74 | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||