За македонската страна е прифатлив предлогот Република Македонија (Вардар), но Владата истовремено бара новото име да не биде за севкупна употреба, како што инсистира Атина, тврдат за „Нова Македонија“ странски дипломатски извори. Според нив, на премиерот Никола Груевски му е дадена можност да го избере помалото од двете зла - предлог за промена на името што би бил поповолен за Македонија, или, пак, каков да биде опсегот на употреба на новото име.
Тоа значи дека ако македонската страна инсистира додавката да биде со цртичка или со заграда, тогаш опсегот на употреба ќе мора да биде во согласност со барањата на Грција.
Истите дипломатски извори брифираат дека Груевски барал одредницата да не биде меѓу зборот Република и Македонија (на пр. „Република Вардарска Македонија“) туку да биде додаден на уставното име со цртичка или со заграда. Ако македонската страна го прифати предлогот „Република Вардарска Македонија“, за кој грчките медиуми бомбастично најавуваат дека ќе биде решение за името што ќе се договори летово, тогаш според формулата за компромис што ја објаснуваат дипломатски извори, Македонија ќе има право да бара новото име да не биде за севкупна употреба и да не мора да го користат државите што нé признаа под уставното име.
Грчкиот весник „Та неа“ вчера објави дека грчката страна не крие дека за Атина се прифатливи предлозите „Република Северна Македонија“ и „Република Вардарска Македонија“. Според весникот, притисокот се префрла на Скопје, а Груевски разочарал многумина со своето однесување.
Грчки „Катимерини“ повикувајќи се на дипломатски извори објави дека на повидок е решение за спорот околу името, кое предвидува нашата држава да го користи името на најдолгата река како географска одредница. Весникот пишува дека двете страни ќе се договорат името на реката Вардар да се искористи за да се направи разлика меѓу Република Македонија и регионот во Северна Грција што го носи истото име.
„Во оваа фаза не е јасно дали ФИРОМ ќе се вика Република Вардарска Македонија или Република Македонија (Вардар). Ристо Никовски, советник на претседателот Ѓорге Иванов, лани го предложи Република Македонија (Вардар) како поволен компромис, кој нема да вклучи и промена на Уставот“ пишува „Катимерини“.
Западни дипломатски извори за „Катимерини“ брифирале дека постои видлив прогрес во преговорите откако грчкиот премиер Јоргос Папандреу одлучил да има директни дискусии со својот македонски колега Никола Груевски, што се смета за подобро отколку да се дозволи преговорите да продолжат на пониско дипломатско ниво. „Та неа“ пишува дека двете страни се договориле за „Република Вардарска Македонија“ по итна интервенција на САД и на ЕУ.
„Предлогот го задоволува грчкото инсистирање на име со географска одредница, а од друга страна истиот е во широка употреба од соседните држави за правење разлика меѓу Егејска Македонија (Грција) и Пиринска Македонија (Бугарија)“, оценува „Та неа“.
Грчкиот европратеник и поранешен портпарол на грчкото МНР, Јоргос Кумуцакос, изјави дека предлогот го задоволува грчкото инсистирање на географска одредница, но сé уште не се знае опсегот на употреба.
- Грчката црвена линија е позната. Име со географска одредница за севкупна употреба. Предлогот секако ги задоволува овие барања, но сепак останува непознат опсегот на употреба. Не се знае дали Владата прифатила дискусија надвор од рамката на Обединетите нации и води тајни преговори - изјавил Кумуцакос.
За македонската страна „Вардарска“ е неприфатливо
Дипломатски извори од земјава вчера за „Нова Македонија“ оценија дека предлогот „Република Вардарска Македонија“ за македонската страна е неприфатлив.
- Тоа е име што во изминативе дваесет години, а поинтензивно во изминативе неколку години беше ставано на маса, но тоа секогаш беше неприфатливо за македонската страна - велат овие извори.
Никовски за „Република Македонија (Вардар)“
Каква било географска одредница меѓу Република и Македонија директно влијае на идентитетот на македонскиот народ и е неприфатливо за Македонија. Ова вчера го оцени поранешниот амбасадор Ристо Никовски, кој лани ја разбранува јавноста со ставот дека најреално решение на спорот е „Република Македонија (Вардар)“.
- Можеби сега е пореално да одиме со „Република Македонија (Вардар)“ и дури сум напишал дека ние се сметаме за Вардарска Македонија, имаме песна „Ој Вардаре“ итн., меѓутоа, ако се дојде до такво решение, што ќе биде пак само за надворешна употреба без да се менува Уставот, дури и да се смени Уставот со такво нешто, но без никакви други ограничувања. Ние после да си останеме Република Македонија насекаде на конференциите, дури и да го ставиме во Уставот „Република Македонија (Вардар)“, де факто тоа ништо не менува, ништо апсолутно, само е една додавка од географија.
Јас би го прифатил тоа под еден единствен услов - дека тоа е само за надворешна употреба, без никакви ограничувања - Македонци, именки, заменки. Таков мандат нема никој, Северна, Горна, Долна се апсолутно неприфатливи, бидејќи тие водат кон разнебитување на македонскиот народ - рече Никовски во интервју за А1. Претседателот Иванов се огради од ваквите ставови на неговиот советник.
|
|