Од 2001 година наваму секогаш кога Македонија треба да се соочи со осетливи политички одлуки за кои постои голема подвоеност меѓу граѓаните, во јавноста се креира слика за нарушени меѓуетнички односи. Деновиве сме сведоци на еден куп настани што се во насока на разгорување на меѓуетничките тензии - тепачки меѓу ученици-Албанци и Македонци, политички пресметки и закани за изучување на македонскиот јазик, секојдневни изјави на политичарите-Албанци за загрозени етнички права и слободи, закани за етничка поделба на Македонија, превирања околу статусот на поранешните од ОНА, прашањето за изградба на црква и џамијата на плоштадот и многу други прашања со кои се подгреваат тензии меѓу Албанците и Македонците. Оттука неминовно се отвораат две прашања. Дали овие тензии ја отсликуваат реалната слика на теренот или станува збор за подмолни политички поттикнувања заради партиски рејтинзи и интереси? И дали можеби тие тензии немаат за цел да создадат страв од нови конфликти и поделби за да се разбие критичката маса на граѓаните?
Етничките тензии како проверен адут за политички одлуки
Прашањето за меѓуетнички тензии досега повеќепати било злоупотребено за помали или за поголеми политички цели. Во 2004 година беше распишан референдум на кој граѓаните се изјаснуваа дали се „за“ или „против“ новата територијална поделба со која неколку општини во западна Македонија и во Скопје беа поделени и Македонците од мнозинство станаа малцинство.
Кога идејата за референдум против таквата поделба стана реалност, во јавноста се подгреаја меѓуетничките тензии. Албанците жестоко се бунтуваа против одржување на референдумот, а меѓународната заедница јасно порача дека тој не смее да биде успешен и против новата територијална поделба.
Тогашниот генерален секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, јасно порача дека „референдумот за децентрализација не смее да му попречи на рамковниот договор“, а со тоа им даде насока на Македонците како да гласаат, поточно им даде инструкции на партиите во кој правец да ги насочат своите гласачи. Јасна насока дадоа и САД со тогашното признавање на уставното име на Македонија. Референдумот не беше успешен, и новата територијална поделба остана во сила.
Потоа игрите што се правеа со хашките случаи. Откако Хаг реши жешкиот костен да и го даде на Македонија, политичките партии, наместо да го оладат, почнаа со политичките игри и манипулации. И наместо овие случаи да добијат правен епилог, како што налагаат законите во вакви случаи, тие сé уште се отворени и се чуваат како политички адут за притисоци, закани и уцени меѓу коалициските партнери. Оти навистина е несфатливо како е можно случаи поврзани со функционирање на правото и правната држава да влијаат врз односите меѓу Албанците и Македонците? Освен можеби врз односите меѓу коалициските партнери ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.
| Зоран Талер |
 |
Има ризик за Македонија
Искрено мислам дека има ризик за
Македонија, не затоа што сум параноик, туку зашто веќе имаше таква
ситуација. Сите што ја знаат ситуацијата во регионот се свесни за
потенцијалните ризици. Па, ако се случи нешто лошо во Македонија, тоа
нема да биде само поради земјите во соседството, туку и поради цела
Европа - изјави известувачот за Македонија во Европскиот парламент,
Зоран Талер, по гласањето на извештајот за нашата држава. |
| |
| Ерван Фуере |
 |
|
Одложувањето на името значи тешкотии во меѓуетничките односи
Го
повторувам и продолжив да и го повторувам на власта значењето од
наоѓање решение за проблемот со името. Имаше многу позитивни средби
меѓу двајцата премиери што помогнаа во создавањето доверба и ова треба
да биде надградено. Ние веруваме дека ова е моментот кога храброста
мора да победи за да се најде решение. Ако не се искористат овие шест
месеци, опасноста од понатамошно одложување може да предизвика тешкотии
во односите меѓу етничките заедници и да донесе нестабилност - рече
евроамбасадорот Ерван Фуере во Европскиот парламент, за време на
дебатата за извештајот на Талер за Македонија.
|
| |
| Јанис Емануилидис |
 |
|
Со затворање на европската врата - нестабилност на регионот
Ако
името остане нерешено, вратата кон ЕУ ќе остане затворена. Не можам да
замислам дека Атина би прифатила почнување на преговорите за членство
без прво да му се стави крај на спорот. Ако европската врата се затвори
мислам дека ќе се зголеми нестабилноста во регионот. Надежта за
влегување во Унијата ја зголемува стабилноста - изјави за „Дојче веле“
Јанис Емануилидис од Европскиот политички центар во Брисел.
|
Меѓуетнички тензии имаше и кога Македонија требаше да ја признае или не независноста на Косово. Кога требаше да се одлучи дали ќе се повлече или не од продажба Македонската енциклопедија, граѓаните повторно се соочија со нарушени етнички односи, а бевме сведоци и на закани со нови воени конфликти, и тоа токму од владејачката ДУИ. Сега, кога Владата треба да ја реализира одлуката на министерот за образование Никола Тодоров за изучување на македонскиот јазик за првачињата-Албанци, пак имаме тензии, нарушени меѓуетнички односи и закани за нови конфликти.
На локалните избори 2009 - пак тензии. Масовни тепачки меѓу ученици-Албанци во струшката гимназија „Нико Нестор“ во моментите кога ВМРО - ДПМНЕ требаше да пресече дали ќе го поддржи за градоначалник Македонецот Фијат Цановски како независен кандидат или Албанецот Рамиз Мерко од ДУИ, откако по првиот круг Мерко имаше мала предност. На крајот победи Мерко.
Вакви случаи има многу, а во моментов меѓуетничките тензии ескалираат пред истекот на рокот даден од меѓународната заедница за решавање на спорот за името со Грција. Дали се подготвува теренот за промена на името и дали идејата е да се исплашат граѓаните од нова војна доколку има референдум по ова прашање? Оти однапред е познато како ќе се изјаснат граѓаните во нормални околности.
„Македонецот се ќе истрпи само да е мир“
Кога станува збор за меѓуетничките односи, експертите и политичките аналитичари се единствени во своите оцени. Тие сметаат дека тензиите намерно се подгреваат само заради партиски цели и интереси.
- Навистина претераа. Подгреваат тензии и си играат со оган. Дефинитивно сме сведоци на планирана етнополитичка мобилизација. Се подгреваат меѓуетнички тензии што не содејствуваат со реалната состојба на терен. Тепачките во училиштата меѓу Албанци и Македонци, проблемите со јазикот и слично не се реална основа за широко влошување на меѓуетничките односи. Тензии може да постојат, но намерно да се набива страв кај луѓето е политичко злосторство. Тоа не го прават само домашните политички фактори, туку и претставниците на меѓународната заедница. Зарем има разлика во изјавите и заканите на Фазли Велиу со оние што ги дадоа Талер и Фуере? Пораката е јасна: Пазете се оти сте многу ранливи! Да, точно. Кога можеше да ни се случи 2001-та, па Кондово на двапати, може сé да ни се случи - вели Биљана Ванковска, професорка на Институтот за одбранбени и мировни студии.
Таа вели дека власта игра опасна игра, која може лесно да ескалира во несакани последици
- Буквално го распаметија народот. Не е фер да играат на картата „Македонецот сé трпи само да е мир“. Не е фер ниту да прават дека Албанците се демони од кои треба да се плашиме. Некој очигледно има некаков политички план и преку подгревање на меѓуетничките односи сака да го реализира тој план. Дали тоа е предвремени избори или прифаќање на промена на името, не знам. А можеби и двете - вели Ванковска
Аналитичарот Ибрахим Мехмети вели дека политиката мора да престане да го злоупотребува прашањето за меѓуетничките односи.
- Ако некој мисли дека може да менаџира меѓуетнички конфликти, грдо се лаже. Многу лесно може да се предизвика меѓуетничка провокација, но потоа никој не знае какви ќе бидат последиците. Тешко дека некој може да предвиди до каде тој конфликт потоа ќе се рашири и со какви димензии и последици ќе заврши. И најобична провокација може да се претвори во страшно сценарио - вели Мехмети.
Тој нагласува дека тензиите постојат, но дека биле латентни, односно во мирување.
- Тие секогаш може да експлодираат. Единствено решение е да престане нивната политичка злоупотреба. Државата и партиите треба да манифестираат висока свест и овие проблеми да ги остават надвор од политиката. Но, за жал, тие и понатаму ги злоупотребуваат за свои дневнополитички интереси. Ако ова прашање не е злоупотребувано од политиката, тогаш сé поретко ќе се манифестира во јавноста - вели Мехмети.
Осман Кадриу, политички аналитичар, тврди дека политиката намерно ги подгрева меѓуетничките тензии.
- Факт е дека во последно време бележиме сериозно нарушување на меѓуетничките односи. Според мене, тоа е резултат на одредени политички постапки. Тие постапки се дневнополитички и несериозни, но не знам дали причинителите се свесни дека може да предизвикаат сериозни последици. Имаме проблем со јазикот во основните, со употреба на албанскиот јазик во институциите. Сериозен проблем е спорот со Грција за името. Но тоа се проблеми што треба да се решаваат, а не да се злоупотребуваат на меѓуетничка основа. Најлошо е што во ова се инволвираат и учениците преку тепачките меѓу Албанците и Македонците во Тетово. Тврдам дека зад тие настани длабоко е вмешана политиката! За крајна осуда е во вакви проблеми да се инволвираат деца, кои ќе треба да продолжат да живеат заедно и кога нас ќе нé нема - вели Кадриу.
Тој нагласува дека сите индиции оделе во насока на дополнително влошување на меѓуетничките односи.
- Затоа политичарите мора да престанат да користат говор на етничка омраза. Тој говор тие го користат за сопствен рејтинг, но поттикнуваат омраза, која ќе остане всадена кај луѓето. Политичката состојба е тешка, но не и безизлезна. Срамно е меѓуетничките односи да се користат како терен за предвремени избори и други партиски интереси - вели на крајот Кадриу.
|
|