Писмото на ОБСЕ, НАТО, ЕУ и САД, во врска со изучување на македонскиот, пардон – државниот јазик, ни реши уште една дилема. Мора да сме благодарни бидејќи неизвесноста најтешко паѓа. Откако некои, очигледно поинформирани од другите ни (пот)кажаа дека името е веќе решено (Северна Македонија), гореспомнатата четворка ни најави дека и јазикот веќе не е проблем: ќе ни се вика - државен. На сите ни олесна. Можат да здивнат и загрижените околу иднината на лекторатите за македонски јазик низ светот. Тие ќе добијат на тежина: наскоро ќе бидат лекторати за државен јазик.
Кога ќе кажете дека зборувате државен јазик, францускиот, англискиот... та и сите други јазици, ќе изгледаат безначајни, од трета категорија. Откако ќе го изјавуваме тоа, веројатно и ние ќе се чувствуваме нешто како – државници. Државен јазик не зборува кој било. Неизбежно ќе ни порасне и самочувството и слободно може да се очекува дека, еднаш за секогаш, ќе испари традиционалната комплексираност на македончето.
Ех, кај ќе ни биде крајот ако нешто слично ни смислат и за идентитетот? Камо среќа модусот за нашиот национален идентитет да звечи, пардон – да звучи нешто како јазикот! Македонец, Македонка, личи веќе на нешто надживеано. Додека е време, тие термини треба да им ги тапосаме на јужниве: нели до вчера од нив се згрозуваа.
Брзото решавање на проблемот со јазикот е секако шлаканица за сите „песимисти“ што мислиме дека проблемот со името ќе трае подолго. Ако вака продолжат, процесот ќе биде дел од историјата многу пред крајот на шпанското претседателство. Благодарение на најавите (дискретно, преку „поинформираните“, или писмено, како во случајов), нема потреба да се грижиме дека наскоро нема да ни најдат решение и за националниот идентитет. Иако, нели, никој не дискутира за него. Впрочем, ниту јазикот не е тема на никакви разговори, а еве решение се најде. Проблеми прават некои наши, забегани, кои креваат врева и идентитетот и јазикот ги врзуваат со името. Не разбираат, сироти, дека се тоа сосема одвоени нешта. Ќе си смениш име и – завршена приказна. Сé друго си останува по старо. Не мораш да менуваш лична карта, пасош, сите други документи... Нема промени во банкарска сметка, телеком, даночно, катастар...
Дека писмото и терминологијата на четворката не се случајни (во што нема сомнежи), веднаш ни потврди и амбасадорот на ОБСЕ во „вашата земја“. Во интервју за Дојче Веле (30 јануари 2010) тој исто така зборува за „државен“, иако беше преведено како „официјален јазик“. Тоа на исто се сведува бидејќи, очигледно, македонскиот јазик го папала маца. Дали амбасадорот од ОБСЕ, можеби и ненамерно, ни откри и друг важен детаљ? Тој прецизира: државниот (официјален) јазик, според Уставот (на „вашата земја“). Ако е во прашање користење на (преседанот со) „формулата“ од договорот со Бугарија околу јазикот, останува да се види дали тоа не значи и (индиректно) вклучување и на источниот сосед во процесот? Тоа не би било изненадување бидејќи Софија отворено најавува аспирации за задоволување и на нејзините барања во однос на (непостоењето на) македонскиот народ и јазик. (Да потсетиме, со тој договор, еден „наш“ политичар јазикот ни го сведе на уставна категорија. А, уставите се менуваат. Кај нас - често).
Значи, впечатокот е дека меѓународните фактори, кои отворено ја поддржуваат Атина (а ние се лажеме дека некои од нив ни се партнери и сакаат да ни помогнат), се фатија за (тоа) решение кое ние веќе сме го проголтале и од кое, според меѓународната практика – нема назад. Нема простор ни за негодување: го земаат тоа што веќе сами сме го дале. Меѓутоа, има и една (квалитетна!) разлика: во договорот стоеше – „македонски, според Уставот...“, а сега тоа транзитира во - „државен“ според... За жал, некои „наши“ не можат (веројатно, не сакаат) да сфатат дека во политиката и дипломатијата, некои работи се реализираат чекор по чекор. Дека еднаш свиткан ‘рбет, останува таков за секогаш и, единствено, може дополнително да се витка. Додека не крцне.
Нашите новинари заслужуваат признание за нагласената „добродушност“ во сите интервјуа, разговори со странски дипломати и политичари. Тие не поставуваат незгодни, не дај Боже непријатни прашања. Ним не им пречи кога соговорниците ги игнорираат со „вашата земја“ и слични метафори. Новинарот (од „вашата земја“) на Дојче Веле не праша (макар изигрувајќи збунетост) - кој е тој државен јазик? Претходно, еден истакнат новинар на „Дневник“ не му реплицираше на американскиот амбасадор кога тој јавно ни порача: „Сменето го името и продолжите со интеграциите“. Тоа што Фуере секаде е добредојден и му доделуваме дури и признанија, веќе е рутина. Во врска со речникот употребен во писмото, реагираше само (?) „Нова Македонија“. „Дневник“ текстот го пренесе коректно, без замерки или коментар.
Неодамна, еден интелектуалец постави прашање, како изгледа, упатено до сите: колку простор, или време во медиумите, би им давале Албанците (во земјава, или било каде), на разни претседателски кандидати (а таков статус од нив, вели, истите никогаш не би добиле), новинари, политичари и слични, кои јавно се ангажираат против стратегиските интереси на сопствениот народ и држава? На тие што бараат виткање на ‘рбетот за сметка на вековните стремежи на народот?
Авторот е поранешен амбасадор
|
|