И ма многу муабети во рестораните, кафе-баровите и во медиумите за тоа кон што се движи Македонија, колкава поддршка има, за тоа како е заборавена и што да се прави. Еве го мојот став, по 14 години поминати во Македонија и 18 на Балканот.
Прво, Македонија на економски план се движи напред. Да, глобалната криза имаше негативно влијание врз Македонија, но кризата имаше негативно влијание врз сите земји. Но во исто време, економијата се подобрува. Дали се подобрува брзо како што сите сакаат? Не, но се подобрува. Доказ за тоа подобрување може да се побара од најразлични извори. Влијателната и почитувана Фондација Херитиџ неодамна во Вашингтон го објави својот Индекс на економска слобода за 2010 година. И покрај тоа што беше објавено во Македонија, вреди да се повтори. Македонија се придвижила нагоре за 22 места. Фондацијата наведува дека „нејзиниот вкупен резултат се зголемил за 4,5 поени во однос на минатата година, рефлектирајќи го големото подобрување во слободата на трудот и помали подобрувања во шест други економски слободи“.
Истовремено, старата поговорка „треба да потрошите пари за да заработите пари“ и понатаму важи. Инвест Македонија продолжува да бара нови странски директни инвестиции. Во време кога глобалните компании повторно застануваат на нивните колективни нозе, изгледа мудро да се посегнува по нив за да станат посвесни за поволната клима на Македонија. Промотерите на Инвест Македонија во градовите низ целиот свет имаат тешка задача да допрат до странските компании, привлекувајќи го нивниот интерес кон Македонија и охрабрувајќи ги да инвестираат во Македонија, и тие го прават тоа - и успеваат во тоа. Нивните резултати нема да се видат преку ноќ, но ќе се видат. Во блиска иднина побарајте повеќе позитивни индикатори од групите како што е Херитиџ.
Второ, доколку Македонија утре не ја примат во НАТО, нема да настане крај на светот (како и да е, светот ќе го снема поради други причини). Некои велат дека припадноста кон НАТО покажува вистинска посветеност на транспарентноста и на заедничките норми и вредности. Тоа е вистина, но вистина е и тоа дека земјата може да демонстрира сериозна посветеност на транспарентноста и на заедничките норми и вредности и без да припаѓа на НАТО. Во Европа, Шведска е еден пример. Исто како и Финска, Ирска и Австрија. Така и Македонија. Македонија ќе продолжи да го демонстрира тоа и кога формално ќе биде внатре во НАТО.
Сепак, многу е важно Македонија да биде примена во НАТО и всушност Македонија ги исполни сите потребни услови за да добие покана. Самата Алијанса тоа го нагласи на Самитот во Букурешт, во април 2008 година. И покрај тоа, една земја-членка, Грција, ја отфрли поканата за Македонија поради неосновани и смешни аргументи. Политичарите го разбираат тоа: Фондацијата Херитиџ неодамна посочи дека „е редно време Македонија да биде примена во НАТО“. Сели Мекнамара напиша „Веќе е време Македонија да им се придружи. САД мораат да соработуваат со сојузниците на Македонија во НАТО и да го постават нејзиниот прием на повисоко место на агендата, како и да извршат притисок врз Грција да го почитува одамна воспоставениот обичај на НАТО, според кој, една земја не го блокира членството на друга поради чисто билатерално прашање“.
Таа понатаму посочува дека „Грција несомнено е во предност, бесрамно мавтајќи со своето право на вето околу приемот на Македонија, и покрај привремената спогодба од 1995 година, со која двете земји се сложија тоа да не се прави. Наместо да ја искористи својата моќ за да ја унапреди стабилноста на трансатлантската алијанса, Грција ја злоупотребува својата доминантна позиција за да ги унапреди своите тесни цели, што, пак, несомнено ќе влијае на безбедноста на регионот“. Политичарите знаат дека Грција греши тука.
Трето, некои рекоа дека САД го изгубија интересот во Македонија. Тоа е апсолутно погрешно. Неодамна, американскиот амбасадор Фил Рикер, одговарајќи на слично прашање, изјави: „Како прво, очигледниот одговор е не. САД остануваат партнер и најдобар пријател на Македонија“. Тоа е апсолутно точно.
Не треба да се заборави дека американската влада во моментов на ум има многу грижи, меѓу кои најголемата е продолжувањето на економската криза, која влијае на сите, вклучувајќи ја и Македонија. Доколку САД не заздрави, економски, тоа може да има негативен ефект врз Македонија, бидејќи таква е глобалната економија и домино ефектот. Промената на курсот е исто така вистинска. Затоа САД мора да дадат приоритет на економската ситуација. Но Ирак, Иран, Авганистан, Хаити, Блискиот Исток, Северна Кореја, војната против тероризмот - сите овие и други прашања бараат внимание и време. Но бидете сигурни, Македонија и понатаму е од значење за САД.
Значи, кој е патот напред? Економски, продолжете да го правите тоа што го правите, но правете го уште подобро. Мора да продолжат и да бидат засилени економските и судските реформи, ангажирањето, постојаната комуникација и услугите на оние што сакаат да инвестираат. Политички, Македонија мора да продолжи да комуницира со пријателите и со соседите, да продолжи со одличните односи со НАТО и неговите земји-членки и да продолжи да работи на потребните реформи за членство во ЕУ (не заборавајте дека таа веќе ги спроведе потребните реформи за членство во Алијансата). Никој не ја напушта Македонија, тоа не е во ничиј интерес, ниту на САД, ниту на ЕУ. Конечно, исто така би помогнала и малку зрелост и одговорност од страна на опозициските партии.
Доколку Македонија го стори тоа, ќе биде во ред. Авторот е независен и слободен интелектуалец |
|