Медиумите ја „почнаа“ граѓанската војна


Други вести
Највести
Коментари и дебати
Диана М. Младеновска / diana.m@novamakedonija.com.mk
Четириесет дена - многу ли се?!
Со одложувањето на изборите опозицијата добива можност за поставување нови и за модификација на веќе поставените услови, а власта добива простор за креирање нови законски решенија и за менаџирање на тековите, со што ќе се заштити ...
 
Сашо Клековски
Дијалог или ценкање во арапски стил?
СДСМ го постигна посакуваното одлагање, а ВМРО-ДПМНЕ издејствува фиксен датум, кој ќе биде сè потешко да се одложува ...
 
Будимка Поповска
Вортексманија
Сè за доброто на експериментот. И, за жал, сведоци сме на време во кое сè помалку луѓе се смеат, а сè повеќе им натежнува тековниов бесконечно долготраен кошмар наречен бомбардирање на Сирија и преселба на народите, и тоа ...
 
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
 
 

За жал на гаталците, кои без да ги проверат фактите изнапишаа сѐ и сешто за убиството во Маково, кое наводно се случило по кавга за Катица Јанева, директните сведоци на настанот и внуката на убиениот за нашиот весник тврдат дека ниту станало збор за политика ниту, пак, имало воопшто простор за таква дискусија. Убиениот никогаш не се мешал во политика ниту, пак, ги следел медиумите

 
 
  
Одамна во селото Маково немало толку народ како завчера, кога го погребуваа убиениот старец Ристо Стојановски (81). На последното испраќање на Ристо на селските гробишта присуствуваа над 70 негови најблиски роднини, пријатели, познаници. Најголемиот број од нив беа од Битола, Охрид, Гостивар, Скопје. Најмалку ги имаше од Маково, оти селото има едвај 30 жители. Сите што присуствуваа на неговиот погреб беа скршени од болка, тагуваа што на таков свиреп начин беше убиен, како што велат, најдобриот човек во Маково. За покојниот Ристо жителите од ова село ни рекоа дека бил толку добар што на мравка не би згазил. Секогаш бил насмеан, весел и подготвен секому да му излезе во пресрет и ако треба да му го даде и последниот залак.


Куќата на убиениот Ристо Стојановски

 Ристо беше душа од човек. Откако се пензионира во ОУ „Коле Канински“ тој со својата сопруга се врати за постојано да живее во Маково. Иако имаше огромна куќа во центарот на Битола, едвај чекаше да се пензионира и да живее во Маково. Кога во 2008 година му почина сопругата, тој остана да живее во селото со својот син Димче. По цел ден беше со своите овци, а кога ќе најдеше малку слободно време со своите малкумина соселани, кои останаа да живеат во Маково, покрај чашката ракија, си муабетеше во селската продавница. Беше здрав како дрен - ни раскажува еден од селаните на Маково, кој бил сведок на убиството, но знаејќи го карактерот на убиецот Раде, не собрал храброст да му помогне.
Смртта на Ристо, особено начинот на кој беше убиен, тешко ги погоди жителите на ова мариовско село. Но тоа што дополнително ги погоди луѓето од Маково, неговите најблиски, но и не само нив, е што веднаш по неговото убиство во некои медиуми излегоа информации, па дури од нив изведени „силни“ коментари со амбиции за политички импакт, а сето тоа поаѓајќи од непроверената информација дека мотивот за убиството е политичка кавга околу специјалната обвинителка Катица Јанева. И за жал, поради тоа, жртва не е само сиротиот чичко Ристо туку сите ние, заедно со целата јавност, кога имаме вакви медиуми и новинари што од една трагична вест се обидуваат да креираат деструктивен нагон за граѓански војни.

Неговата внука, скршена од болка за смртта на сега покојниот чичко Ристо, кај кого, откако татко ѝ Јордан замина за Австралија, таа буквално израсна и кого го сакаше како свој роден татко и која за погребот дојде од Охрид, гледајќи го местото пред селската продавница каде што беше убиен нејзиниот чичко, со солзи на очите ни раскажуваше.

- Чичко ми беше најдобриот човек не само во Маково туку и во цело Мариово. Тој беше буквално душа од човек, секогаш подготвен да му помогне некому. Не знаеше човек да навреди, а камоли да се кара со некого. За разлика од некои други, тој никогаш не „бистреше“ политика. Кога слушнав дека тој бил убиен оти наводно ја бранел обвинителката Катица Јанева навистина бев вчудовидена. Тоа не е точно. Него политиката воопшто не го интересираше. Иако имаше бистар поглед, тој не читаше весници, ниту слушаше радио, а не гледаше ни телевизија. Убедена сум дека тој ниту слушнал некогаш за Катица. Едноставно, чичко ми Ристо, откако почина мојата стрина, живееше за својот син, двете ќерки и неговите овци. Кога ја слушнав информацијата на една од телевизиите веднаш реагирав и барав од уредниците да ми одговорат од каде тие имаат информации дека мојот чичко бил убиен затоа што наводно ја бранел обвинителката Катица Јанева, но, за жал, не добив никаков одговор - низ солзи во очите ни зборуваше внуката од брат на покојниот, која кај продавачот на селската продавница се распрашуваше за детали како беше убиен нејзиниот чичко.

Нејзе особено тешко ѝ падна кога продавачот ѝ покажа фотографии што тој ги снимил со мобилниот телефон по убиството. Како и внуката, така и продавачот во селската продавница Ристе Трајковски, кој беше сведок на убиството на старецот, беше вчудовиден и особено непријатно изненаден од измислените информации објавени по медиумите дека старецот бил убиен по наводна кавга за политика.

- Јас не знам од каде такви информации. Тоа што знам, лично видов и чув е дека на масата пред продавницата седеа Раде, Ристо и неговиот син Димче. Во еден момент Раде го убедуваше Ристо да му ја препише куќата во Битола на син му, на што Ристо се спротивставуваше, велејќи му дека тој нема намера да ја препишува куќата никому, бидејќи тој имал и две ќерки. И како што сите го знаевме Раде, во еден момент му се закани на синот на Ристо дека ќе го убие, вадејќи му нож, кој постојано го носеше со него. Овој, откако го виде ножот, исплашен избега кон својата куќа и се скри кај оревот во дворот. Тогаш Раде со стапот почна да го удира старецот по глава и тој падна на масата. Кога виде што сторил, Раде избега на другата страна од патот - ни раскажа продавачот Ристе Трајковски, кој кога го видел лицето на раскрвавениот старец почнал да моли кај соселаните за помош. За жал, никој од тие што во тој момент биле во близината не пришол да му помогне на старецот, кој во меѓувреме се подигнал од масата и почнал тетеравејќи се да се движи кон патот. Гледајќи дека старецот закрепнал од ударите, Раде слегол од ридот и уште неколкупати го удрил со стапот старецот, по што тој добил уште посериозни повреди, од кои подоцна на пат за битолската болница починал.

Смртта на Ристо тешко го погоди неговиот син Димче Стојановски. Но кога го посетивме во неговиот дом тој, и покрај болката, нѐ покани внатре во куќата.

Димче е поранешен бранител и полицаец-резервист. Нѐ интересираше како тој како полицаец се исплашил и го оставил Раде да го отепа татко му.

- Раде беше психијатриски случај и страв и трепет во селото, на сите им се закануваше. Пред само 3 месеци се обиде мене да ме нападне со секира, претходно негова жртва беше овчарот Назим. А пред неколку години тој се обиде да го убие својот прв братучед, кон кого пукаше со пушка, а овој откако куртули, од страв си замина во странство, каде што и почина. Во една пригода со нож удри и друг жител на селото. Колку што јас се сеќавам, во два наврата лежеше в затвор, а и во Психијатриската болница во Демир Хисар. Јас имав среќа што избегав, инаку и јас денес ќе бев мртов - вели синот на покојниот Ристо, Димче Стојановски.

Осомничениот за убиството сега се наоѓа во битолскиот затвор, откако судијата во предистражна постапка на Основниот суд во Битола му одреди притвор од 30 дена. Во Основното јавно обвинителство не сакаа да дадат дополнителни информации за крвавиот настан. По нашето инсистирање, оттаму нѐ информираа само дека во моментот ги распрашуваат сведоците и очевидците на убиството, а откако ќе го документираат случајот ќе извршат испитување и на осомничениот, кој им е добро познат на истражните органи.

Надлежните ќе ги преземат потребните мерки, но со тоа овој случај не е затворен. За жал, повторно, овој случај уште еднаш го отвори прашањето на (не)одговорноста на медиумите при информирањето, нивната одговорност кон јавноста, кон граѓаните, нивниот однос кон професијата и професионалните новинарски стандарди и принципи. Во основа, нивниот однос и третман на фактите, на вистината, проверката на информациите, како и пристап на изведените заклучоци и анализи во стилот на Доктор Џекил. Еден трагичен настан со банален повод за само 24 часа во македонската јавност, „благодарение“ на медиумите, доби димензии на национален случај и метафора со највисока политичко-безбедносна важност.

Веќе не е ни важно кој прв ја лансира фингираната вест дека убиството било мотивирано од политичка расправија, многу е пострашно што оваа вест како шумски пожар се рашири буквално во сите медиуми, кои без да ја проверат ја пласираа, додавајќи и по нешто, „филувајќи“ ја, за на крајот да се појават апокалиптични коментари што креираат амбиент што безмалку го најавува почетокот на граѓанската војна до истребување.

И потоа, медиумите не биле важни?! Или на медиумите не треба да им се повторуваат професионалните, моралните и етичките стандарди и кодекси, тие си ги знаат?! И тоа како се важни и и тоа како треба да се тргне во реформа на фундаментите на новинарската професија. Но најпрво да се саморегулираме, а потоа сѐ друго.  За жал на ваквите гаталци, како што сведочат директните сведоци на настанот и како што потврдува блиската роднина на убиениот, ниту станало збор за политика ниту, пак, имало воопшто простор за таква дискусија. Но овој случај, ете токму аполитички, уште еднаш силно опоменува да бидеме строго професионални, принципиелни и внимателни во лесното пласирање на квалификациите за некој настан, бидејќи во една тензична атмосфера како што е нашава, секој лошо напишан или лошо составен текст може да има далекосежни последици во јавноста. Па после се чудиме зошто странците се трудат да ни заведат ред во информирањето. Ете, токму затоа.
 
   
Автор: Менде Младеновски   Фотографија: С. Ристевски
 
   
   
   
     
сподели на пинг    
 
   
Веста е прочитана: 6662          Оценка: 4,33  
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
 
  Powered by Nova Makedonija