Имиња. Сите ги имаме. Повеќето од нас имаат две имиња, име и презиме, односно дадено име и семејно име. Многумина, особено во САД, имаат средно име. Во некои култури, пак, луѓето имаат само едно име. Монголија е еден пример. Од друга страна, во други култури некои луѓе имаат по неколку имиња. Земете ги на пример членовите на кралските семејства. Обидете се да го запаметите Анри Алберт Габриел Феликс Мари Жилем, Големиот Војвода од Луксембург.
Мислев дека е очигледно, но се прашав која е дефиницијата на името? Да бидам искрен, морав да го побарам одговорот. Според онлајн-речникот „Миријам-Вебстер“, зборот потекнува од средновековниот англиски јазик, со потекло од староанглискиот и сличен на старогерманскиот јазик, од периодот околу 12-от век или порано. Ако се има предвид бројот на зборови што имаат грчко потекло, многу ми олесна тоа што етимологијата на зборот не е грчка.
Првата дефиниција на оваа именка е следната: „Збор или фраза што претставува посебна идентификација на лице или предмет“.
Имињата ни се важни како индивидуи, бидејќи ни даваат идентитет. Имињата што ги имаме се наши и уникатни, иако можеби ги имаат и други. На пример, знам дека постои повеќе од еден „Џејсон Мико“ некаде во светот, но и покрај тоа, сите ние што го имаме истото име, имаме уникатна личност, физички карактеристики и, се разбира, различни локации. Не живееме сите во мојот дом во Аризона.
Именувањето, на многу начини, е чин на надмоќ. Повеќето од нас, барем на Западот, ги имаме наследено презимињата од таткото, а имињата и од таткото и од мајката. Нашите родители нé именувале и ако се земе предвид дека мајката мора без пари да нé носи најмалку девет месеци, па потоа дека двајцата родители мора да се грижат за нас околу 18 години (понекогаш и повеќе), тогаш изгледа праведно тоа што родителите ни ги доделуваат имињата. Тоа е првиот нивен чин на моќ над нас.
Како луѓе, тежнееме да ги именуваме нештата. Села, гратчиња, градови, околии, реки, паркови, планини, ридови, долини. Доколку нешто постои, тогаш е именувано. Сето ова е чин на моќ. Создаваме бизнис и го именуваме. Компанија произведува нов автомобил и го именува. Пишуваме песна и ја именуваме. Цртаме слика и ја именуваме.
Во некои случаи, ги менуваме имињата. Нелсон Мандела бил познат како 46664 во јужноафриканскиот затвор на островот Робен. На затворениците на островот Робен никогаш не им се обраќале со нивните имиња, туку со нивните бројки и годината за затворање. Затоа бројот на Мандела беше 46664, бидејќи неговиот даден број беше 466, а годината на затворање, 1964-та. Ова исто така е чин на моќ.
Во Библијата откриваме дека првиот пример на именување е во Книгата на постанокот (1:5), каде Бог почнува да ги именува нештата: „Бог ја нарече светлината ден, а темнината ја нарече ноќ“. Нешто понатаму можеме да прочитаме дека Адам им дава имиња на животните. Во Книгата на постанокот (2:19) исто така можеме да прочитаме: „Тогаш Господ, Бог, ги обликува од земја сите животни во полето и сите птици во воздухот, и ги приведе при човекот, за да види како ќе ги нарече, па како човекот ќе го именува секое суштество, така да му биде името“.
Повторно чин на моќ.
Сега прочитајте ги главите 16 и 21 од Книгата на постанокот. Тоа е средбата на Аврам, таткото на еврејската и на арапската нација, неговата сопруга Сара и нејзината слугинка Агара. Кога Сара помислила дека нема да може да му роди син на Аврам поради својата старост, му ја дала слугинката Агара да му роди дете. Агара му родила син на Аврам, кој го добил името Исмаил. На крајот, и Сара му родила син на Аврам, кој се викал Исак. Сепак и во главите 16 и 21, ниту Аврам ниту неговата жена Сара не и се обраќаат на Агара по нејзиното име. Тие ја викаат со други имиња, но не со нејзиното дадено име. Само во главата 21, кога Агара ги напушта, таа е повикана по име од ангел божји. Интересно, зарем не? Вие, како Македонци, знаете како е да не ве викаат по вашето име, а особено вашите соседи. Како и да е, останатите, пријателите, ве викаат по вашето име.
Затоа, кога една држава сака да и го диктира името на друга држава, тоа е чин на моќ. Кога Грција и вели на Македонија, а и на светот, дека Македонија може да избере име какво што и се допаѓа на Грција, тогаш тоа е чин на моќ. Тешко дека тоа е она за што меѓународната заедница постојано зборува - т.н. „заемно прифатливо име“, што само по себе е погрешно. Зошто Македонија би прифатила „заемно прифатливо име“ со Грција, кога нејзиниот народ веќе прикажал власт над својата земја, нарекувајќи се Македонија и Македонци? Авторот е независен мислител, писател и по малку патник. Ставовите изнесени погоре се лично негови |
|