Б илатерални спорови меѓу земји членки на ЕУ и земји аспиранти за членство имало и порано. Франција ја попречуваше Велика Британија да стане членка на ЕУ во два наврата во текот на 1960-те години, за време на претседателот Де Гол. Блокадата се отстрани дури по неговото заминување од власт, и Велика Британија стана членка во 1973 година. Од најсвежите примери е блокадата на Словенија на Хрватска, а потоа и нејзиното повлекување и продолжување на преговорите за пристапување кон ЕУ. Но, суштината на овој случај е дека спорот меѓу двете земји фактички не се реши, иако беше причина за блокирањето. Она за што се постигна согласност, всушност беше, да се одблокираат преговорите на Хрватска за засегнатите поглавја, а истовремено напорите за решавање на граничниот спор да продолжат понатаму.
Но како се постигна сето тоа? До решение се дојде само откако ЕУ се осмели да примени еднаков притисок и врз својата земја членка, Словенија и врз земјата кандидат за членство, Хрватска. Таков однос на симетричност во примената на притисок од страна на ЕУ во спорот меѓу Грција и Македонија, за жал, не постои. Тоа не може да се скрие ниту со повторуваните нагласувања од страна на највисоки претставници на ЕУ дека „препораката за отпочнување преговори на Македонија за членство во ЕУ треба да биде поттик за двете страни да го решат билатералниот спор“. Напротив, сведоци сме на невиден, сосема асиметричен притисок врз Македонија, да попушти за името. Во тоа ништо не менува начинот на кој е спакуван притисокот, во смисла дека во новосоздадените околности т.е. победата на Папандреу и позитивниот извештај на Европската комисија, само Македонија е таа која треба да ја искористи „неповторливата историска шанса“ и да се согласи на компромис. Но, ако е сето тоа „историска прилика“ за Македонија, каде е тука Грција? Зарем таа не би требало конечно да покаже вистинска решеност и посветеност и да ја зграпчи шансата што и неа и се дава.
Било каков компромис сега, во суштина ќе резултира со трајно, дефинитивно, и „забетонирано“ решение за името. Тоа нема да биде замена на референцата со нова референца, за која некогаш, во поповолни услови, на пример од позиција на веќе земја членка на ЕУ, би преговарале со очекување дека тогаш работите ќе се свртат во наша корист. Добивањето датум за преговори е само еден чекор во ЕУ интеграцијата, и ни од далеку не е конечен. Грција по своја волја може да го блокира отворањето на било кое од поглавјата, а ги има триесетина. Ако се направи и најмала отстапка за името во очи на декемврискиот самит на ЕУ, може само да се претпостави какви отстапки би барала Грција пред конечниот прием на Македонија во ЕУ.
Дури и при евентуално решение за името, не треба да се имаат илузии дека Грција нема да се обиде да го искористи своето влијание за да наметне решенија во своја корист за придружните прашања, како што се придавките за јазикот, народот, и државјанството. Како потсетување, Грција не пропушта прилика да го проблематизира и да го суспендира ословувањето на нашата земја со назив во кој фигурира зборот „Македонија“. И покрај тоа што во графата во ОН, која претставува лична карта на земјите членки, веќе стои македонски јазик, Грција, постојано инсистира на модификации. Ваквото однесување беше најдрастично демонстрирано со примерот на неистакнувањето на државното знаме при приемот на Македонија во ОН во април 1993 година. Македонија е единствената земја во историјата на ОН која по приемот немаше истакнато свое знаме на јарболот пред зградата на ОН. Празниот јарбол остана две и пол години, се до склучувањето на Привремената спогодба и промената на знамето во октомври 1995 година.
Со неотстапувањето од своите таканаречени црвени линии, поточно, со инсистирањето за географска додавка, Грција сака еднострано да наметне свои интереси во решавањето на спорот за името. А тоа веќе не е никаков компромис, туку напротив, тврда, непопустлива линија, со која сака дефинитивно да влијае како ќе се вика нашата земја, и сето тоа ние да го прифатиме како нужен компромис. Имајќи го ова предвид, вистинско решение за спорот до кое можат да дојдат двете страни во сегашниот момент, со кое ќе се одблокира влезот на Македонија во ЕУ и НАТО, е спорот да се решава врз основа на Привремената спогодба. Токму во неа е содржан излезот од оваа ситуација со фактот што Грција е обврзана да не ја попречува Македонија во зачленувањето во меѓународни организации, доколку е тоа побарано под привремената референца. Што се однесува до стравот на Грција дека Македонија, од позиција на членка на НАТО и ЕУ, би можела да бара замена на референцата во ОН со уставното име - тој страв е без основа. Македонија нема механизам да ја менува односно да ја укине референцата, што автоматски претставува гаранција за Грција. Како поткрепа на ова тврдење, да нагласиме дека и покрај признавањето на нашето уставно име од страна на САД, што дојде како шок за Грција, САД сепак останаа најголемиот гарантор дека разговорите за разликите околу името продолжуваат се до наоѓањето на заемно прифатливо решение. Значи, додека Грција има гаранција за ова прашање, ние немаме никаква дека со почнувањето на преговорите за било кое поглавје, Грција нема да стави вето.
Неофицијални контакти, се добредојдени и евентуалните тет-а-тет средби се голем исчекор напред, но ОН мора да останат рамката за преговарање.
Распишувањето референдум по ова прашање е проблематично од повеќе аспекти. Независно од карактерот на референдумот и независно од прашањето - исходот, каков и да е, не ја обврзува Грција на ништо. Може едноставно да го игнорира или со обична изјава да го стави ад акта. Згора на тоа, ако исходот не е по желба на меѓународните кругови може, како во ирскиот случај, да побараат ново гласање. Ако е потврден, тоа и ги врзува рацете на Македонија во натамошниот процес на преговарање, поточно, ја ослабнува преговарачка позиција на земјата, со тоа што го стеснува маневарскиот простор при идното заземање позиции. Референдумот ќе предизвика мачна поделба во општеството. Во тој контекст, полнењето кутии при вакво плебисцитарно изјаснување има многу подалекосежни последици отколку полнење кутии при редовни избори. И најважно од се, во историски контекст легитимитетот на референдумот е крајно спорен, во поглед на тоа, дали сегашнава генерација македонски граѓани има право да одлучува по вакво прашање?
И на крај, ЕУ не е само организација изградена од институции, закони и стандарди. Таа пред сé, се темели на вредности и принципи, коишто најгрубо се кршат со целата оваа дискусија и настојувања за промена на името на нашата земја. На Македонија и претстојат суштински реформи во сите области. Во таа насока, несфатлив е целиот „ентузијазам“ и енергија што одредени кругови во земјава ги вложуваат за промена на името и на тој начин го издигнуваат во главно „реформско“ прашање за евро-атлантските интеграции на Македонија. Авторот е универзитетски професор и поранешен амбасадор |
|