Едно интересно зборче: антиквизација, во последните година-две доби право на жителство во политичкиот речник на Македонија. Треба да означува нешто негативно и се користи да се нападне владејачката политичка опција. Божем тие се сетија дека тука во Македонија живеел народ и пред шестиот век од нашата ера и божем ним им текна дека Античките Македонци се (едни од) нашите предци.
Ако малку се навратиме во историјата, ќе видиме дека таквата доблест им се припишува незаслужено. Првото знаме на независна Република Македонија со шеснаесеткракото сонце, кралскиот симбол на античкомакедонската династија, беше донесено кога во парламентот владееше токму онаа политичка опција што сега критикува. Подоцна знамето (под притисок) беше променето во сегашното, кое пак е стилизирана верзија на военото знаме на античкомакедонската војска (сонце со осум зраци), а истото шеснаесеткрако сонце, со долната половина покриено, е присутно уште на првиот грб на Демократска (подоцна Народна) Република Македонија од 1945 година. Нашите јужни соседи би сакале да нé убедат дека токму тогаш, никој друг туку Тито, се сети да нé именува како Македонци, и дека пред тоа не сме се викале така. Но и таа доблест незаслужено му се припишува на нашиот поранешен маршал.
Сложена етногенеза
Значи прашањето е кој прв почна, кој се сети дека ние, современите жители на Македонија, не сме паднати од небо, туку, како и сите современи европски народи, сме производ на една долготрајна и сложена етногенеза, во која учествувале многу народи што ја населувале или поминувале низ Македонија, а меѓу нив најбележито место заземаат токму Античките Македонци.
На крајот на 18 век со Француската револуција исплива на виделина една радикална идеја: носители на сувереноста на државите не се царевите и аристократијата, туку народот, граѓаните на таа држава. Идејата како шумски пожар се рашири низ Европа и за кратко време создаде силни национални движења што ги растресоа големите империи од тоа време. Годината 1848 ќе остане запаметена како кулминација на тој процес, со прогласувањето на унгарската независност од Австро-Унгарската Империја. Австријците се решија на таквата етничка сецесија да одговорат со иста мерка: ги мобилизираа неунгарските жители на унгарската половина (Хрвати, Срби, Словаци, Романци и други) што заедно сочинуваа речиси половина од жителите, ги подбуцнаа на востание и ја задушија Унгарската национална револуција, враќајќи ја унгарската половина во австро-унгарската империја.
Овој настан остави силен впечаток на сите национални движења во Европа. Стана јасно дека националните држави можат да бидат стабилни само ако нациите се така дефинирани, да мнозинскиот народ претставува убедливо мнозинство. Стана исто така јасно дека етничката припадност ќе биде од суштествено значење. Сите национални движења почнаа да копаат низ својата историја, барајќи за себе идентитет и симболи кои најшироко ќе го дефинираат и обединат мнозинството граѓани.
Балканот не беше исклучок. Под влијание на пан-славистичките идеи и со не мала руска помош, Србите си го пронајдоа својот идентитет во Душановото царство, кое им даваше надеж дека ќе се пробијат на југ сé до Солун.
Грците, од друга страна, доживеаја вистинска криза на идентитетот, зашто по ослободувањето, водечка воена сила во државите беа албанофоните Клепти. Со оглед на тоа што јужно тосканското наречје (наречено арванитика) нашироко се зборуваше околу Атина и на Пелопонез, за Клептите беше логично албанскиот јазик да се земе за стандарден. Но на тоа се спротивставија претставниците од другите краеви на земјата, имено тие подобро го познаваа и го претпочитаа турскиот јазик. На крај дилемата ја пресече првиот грчки крал Ото Баварски, назначен од Европските сили да ја доведе во ред новосоздадената нација и држава. Со помош на својот пријател Дројзен, класичен историчар по вокација и романтичар по душа, решија дека за да го обединат етнички разнородното население на тогашна Грција, ќе мора да копаат длабоко во минатото, сé до времето на Атинската лига и хеленската цивилизација. Таквата дефиниција беше во остра спротивност со фанариотската Голема Идеја, според која сите православни христијани на Балканот требаше да станат дел од една Православна Ромејска нација, но нели Ото ја имаше власта, успеа да ја наметне својата идеја за современа Елада, дури и да им наметне јазик што беше синтетички создаден од класичниот грчки јазик и имаше многу малку допирни точки со живите грчки говори.
Александар и Филип наши мајки и баби ги раѓале
Каде беше тука Античка Македонија? Во книгата „Национализмот, глобализацијата и православието“ на Виктор Рудметоф читаме дека во периодот од 1794 до 1841 најмалку 14 истакнати грчки интелектуалци (меѓу кои и истакнати фигури како Панајотис Кордикас, Адамантиос Кориас, Александрос Соцос, Георгиос Козакис Трипалдос и Јаковос Ризос Нерулос) сметале и јавно пропагирале дека Античките Македонци не биле дел од хеленскиот свет и дека Македонците биле сметани за освојувачи на Античка Грција, први од серијата освојувачи што ја покориле Античка Грција и ја држеле во нивно владение повеќе од две илјади години. Папаригопулос, еден од првите современи грчки историчари, во својата „Општа историја“ издадена 1849 година пишува: „Македонската нација оствари, во рамките на општата светска историја, една сосема поинаква мисија од таа на Хеленската нација.“ Значи, според него, македонската и хеленската нација биле две одвоени и битно различни нации.
Значи, кој прв почна да ги смета Античките Македонци за свои предци? Кога се појавува првото Македонско национално движење?
Една статија од бугарскиот преродбеник Петко Рачев Славејков објавена на 18 јануари 1871 година во весникот Македонија, кој се печател во Цариград, ни дава изобилство податоци. Статијата наречена „Македонското прашање“ е уште позначајна затоа што Славејков бил голем противник на Македонското национално движење (што е очигледно и од самата статија), но сепак не можел да го скрие фактот дека интелигенцијата во Македонија (учители, трговци и занаетчии), под превезот на борба за одвоен јазик во основните училишта, всушност се бори за создавање на една сосема одвоена Македонска нација. Славејков уште се оплакува дека веќе десет години се обидувале да молчат за таквото движење, да го кријат под черга, но работите веќе излегле на јаве, во печатот, и не можеле да се скријат. Во статијата Славејков отворено ги обвинува Македонците дека се сметале за потомци на Античките Македонци и ги предизвикува да му дадат докази за таквото нешто. Потоа ги обвинува дека македонскиот јазик го сметале за различен од бугарскиот, а Бугарите ги нарекувале Татари.
По само четири години во 1875 година Ѓоргија Пулевски го отпечатил Тријазичникот: речник на македонски, албански и на турски јазик, напишан со кирилски букви, многу слични на современата македонска азбука. Во него тој го дефинира поимот народ со следните зборови: „Народ се вељит људи кои се од еден род и кои зборувајед еднаков збор, и који живувајед и се другарад еден со друг... Така и ние Македонците сме народ и местото наше е Македонија.“ Ај што сме Македонци, ами потаму Пулевски вели дека Александар и Филип биле македонски цареви и дека наши мајки и баби ги раѓале.
По три години во есента 1878 се дигнало Кресненското востание. Зафатило речиси половина од територијата на етничка Македонија, ослободени биле редица градови и села и поминале цели девет месеци додека Турците успеале да го задушат. За тоа време Востаничкиот комитет стигнал да состави Устав на македонската држава од 211 члена, каде биле регулирани дури и дипломатските односи на Македонија со соседните држави Србија, Бугарија и Грција. Еве што напишале востаниците во преамбулата на тој устав: „Се дигнавме на востание како поборници на слободата, со нашата крв што ја пролеваме низ македонските полиња и шуми, и служиме на слободата, како Македонската војска на Александар Македонски, со нашата девиза Слобода или смрт!“.
По две години во 1880 во Гремен Теќе, Островско, сега во Егејска Македонија, 32 претставници од цела Македонија свикале Народно собрание на Македонија, формирале привремена влада на Македонија и следната година на 23 март 1881 година во Ќустендил издале Манифест, кој почнува вака: „Македонци, Нашата мила татковина Македонија некогаш беше една од најславните земји. Македонците ги поставија основите на уметноста на војувањето, со нивните победоносни фаланги и просветлувањето на Аристотел, го цивилизираа човештвото и Азија... Нашата драга татковина ве вика: вие, мои верни чеда, вие наследници на Аристотел и Александар Велики, вие во чии вени тече македонска крв, не ме оставајте да умрам, помогнете ми! Голем срам ќе биде за вас, вистински Македонци, ако останете неми сведоци на мојот погреб... Избркајте ги убијците од оваа земја кои го веат знамето на раздорот и сеат погубни идеи, делејќи ве, мои чеда, на безбројни народи, па така обединети под знамето на Македонија, како единствен народ, дигнете го високо тоа славно знаме и подгответе се еднодушно да напишете на него: Да живее македонскиот народ, да живее Македонија!“
Во следните 10 години следуваат серија писма и манифести со слична содржина од разни македонски здруженија, испраќани до престолнините во Европа, дипломатските претставништва, и ширени низ цела Македонија. Еве како почнува Прокламацијата на друштвото „Македонија на Македонците“ од Цариград составена на 15 април 1891: „Македонци, нашата татковина Македонија беше еднаш најславната земја на светот. Македонците ги поставија темелите на уметноста на војувањето. Александар Велики со неговите победоносни фаланги ја рашири просветата на Аристотел дури до краевите на азискиот континент и така го просветли човештвото... “.
За Александар уште во „Лоза“
Во 1892 една група македонски студенти во Софија формирале Млада македонска литературна дружина и почнале да издаваат весник наречен „Лоза“. Веќе на третата страница од првиот број пишуваат дека Македонија е нивната вистинска татковина, а на петтата страница зборуваат за Филип и Александар Македонски и древната слава на Македонија.
Сите овие примери се од најраниот период на македонската национална преродба, пред создавањето на ВМРО, и сите јасно говорат дека првите македонски преродбеници Македонија ја гледале како воскреснување на Античката Македонија, а себеси се гледале како наследници на Античките Македонци. (Документите што се цитирани се објавени и лесно достапни на Интернет.)
На бугарската и на српската пропаганда ваквото гледиште не им одело во прилог. За првите било прифатливо да се оди назад во историјата само до 7 век и до создавањето на бугарското царство, а за вторите пожелно било да се задржиме уште поплитко, до Душановото царство и неговата престолнина во Скопје. Грчката пропаганда, од друга страна, извршила радикална ревизија на ставот спрема Античките и современите Македонци. Откако во 1881 година им била доделена Тесалија (иако војната ја изгубиле), првпат се приближиле на 50 километри од најјужната македонска граница. Тоа ги навело Античките Македонци од крвни непријатели и уништувачи на Атинската демократија, да ги унапредат најпрвин во први братучеди, а потоа и во родени браќа. Во почетокот на 20 век се обидувале дури и со лингвистички докази да нé убедат дека јазикот што се зборува во Македонија, иако личи на словенски, всушност во суштина е грчки. Во времето, пак, на Југославија, очигледен беше интересот ние да бидеме претставени само и единствено како јужно словенски народ.
Таквата четиристрана пропаганда против самостојно толкување на нашата историја очигледно донела резултати, па во последните 70-тина години не беше многу обично да се зборува за Античка Македонија и за Античките Македонци како за наши предци. Но идејата не само што не е нова, туку е првата идеја околу која се формирало Македонското национално движење, идеја што била задушена од пропагандите, а сега полека повторно излегува на виделина.
Авторот е член на Обединетата македонска дијаспора
|
|