„Фејсбук“ не е за десетгодишници

Останати вести
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
Bookmark and Share
 

Психолозите и експертите за онлајн-медиуми се согласуваат дека младите не треба да се исклучат од виртуелната социјализација. Тие препорачуваат родителите да им постават насоки и граници на своите тинејџери (на минимум 16-годишна возраст), да ги научат на интернет-бонтон и така самите да се заштитат од потенцијални неволји. Сепак, на помалите деца местото за играње им е во парковите и на игралиштата

 
 
  

- Прво го користев профилот на мајка ми, а потоа си отворив свој. Таа знае дека сум на „Фејсбук“ и нема ништо против тоа - вели едно 10-годишно девојче, во чиј статус на најпопуларнатата мрежа за виртуелна комуникација стои дека е „сингл“. Вели дека најчесто го користи профилот за да си игра „фармвил“, да решава квизови или за “чет“ со другарчињата, кои исто така имаат свои профили со одобрение на родителите. Таа и нејзините другарчиња не се ниту единствени, ниту ретки малолетници во земјава присутни на „Фејсбук“ и покрај тоа што во условите за употреба на мрежата тоа е експлицитно забрането, а доколку администраторите лоцираат вакви профили, без компромис ги бришат.

- Родителите често се во дилема дали на своето дете да му дозволат или да му го ограничат користењето на „Фејсбук“ и на другите социјални мрежи. Сметам дека не е препорачливо децата уште од многу мала возраст да имаат профили, но тоа не значи строго да му забранувате на вашето дете да користи „Фејсбук“. Добро е отворено да разговарате со него и да бидете информирани за тоа колку време посветува на ваквите активности и што работи за да можете навремено да го советувате и да интервенирате ако има потреба - вели психологот Јана Величковска од општата болница „Ре-медика“.

Присуството на децата и на младите „онлајн“ носи свои ризици, впрочем како што постојат ризици и опасности и „офлајн“, во реалниот живот. На „Фејсбук“, кој е наменет, пред сé, за повозрасна популација, тие се изложени на насилни содржини, непристоен јазик, расистички, политички и сексуални контексти несоодветни за толку мала возраст. Но родителите треба да бидат загрижени не само за тоа на што се изложени децата, туку и за тоа што тие самите објавуваат, за себеси или за своите врсници.


ЗАНЕМАРУВАЊЕ НА ИНТЕРПЕРСОНАЛНАТА КОМУНИКАЦИЈА


Не се ретки случаите кога малолетници објавуваат сексуално експлицитни содржини во кои се вклучени самите тие или нивните другари, а честопати се објавуваат и лични информации што може да им ја загрозат безбедноста во реалниот живот. Според некои глобални истражувања, мал процент малолетници се под ризик од контакт со сексуални престапници, но најчесто затоа што самите се впуштиле во комуникација со непознато лице.

- Тинејџерите и децата се ризични групи, кои сé уште се во развој и кои сé уште го немаат изградено својот идентитет и ставовите. Виртуелната комуникација за нив е полесна и побезбедна. На „Фејсбук“ може да кажат што сакаат без тоа да има последици за нив. Со таквото однесување тие избегнуваат да преземат одговорност за себе и за својот живот и притоа ја занемаруваат реалната, интерперсонална комуникација, која е особено важна за развојот на една млада личност. Понатаму ова може да резултира со отуѓеност, осаменост и изолација - вели Величковска.


ВО СВЕТОТ ПОСТОИ СЕГМЕНТИРАНА ПОНУДА


Со оглед на тоа што мрежите за виртуелна комуникација веќе се целосно интегрирани како неизоставен дел од секојдневните животи на луѓето, и психолозите и експертите за онлајн-медиуми се согласуваат дека решението не е младите сосема да се исклучат од оваа форма на виртуелна социјализација - напротив. Тие препорачуваат родителите да им пристапат на своите тинејџери разумно и отворено, да постават насоки и граници и притоа и самите да се вклучат во онлајн-животот на своите деца, да ги научат на интернет-бонтон и како самите да се заштитат од потенцијални неволји. Сепак, сето ова се однесува на тинејџерите на минимум 16-годишна возраст. На десетгодишните деца местото за играње им е во парковите и на игралиштата, а не на виртуелните мрежи.

- Во светот постојат сервиси што ги креираат содржините токму според потребите на возрасните групи, па оттаму во тие средини „Фејсбук“ и не е толку популарен кај помладите. Доминацијата на оваа мрежа кај нас придонесува употребата на овој сервис да се прошири во сите домени. Една од најочигледните причини за тоа е недоволно широката локална понуда - објаснува Дарко Булдиоски, консултант за онлајн-медиуми од Центарот за нови медиуми, и додава дека на локално рамниште „Фејсбук“ ги заменува голем дел од сегментираните интернет-трендови во светот.



Бисерка Велковска-Блажева

 
   
 
 
   
Веста е прочитана: 49           
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
 
  Powered by Dejan Jovanovski