Не ми се верува до каде забегавме. До каде нé донесе нашата неспособност и нашето сопствено чувство на инфериорност, во комбинација со сериозно изместената современа светска логика.
По 15-годишни макотрпни преговори „држ-не дај“, Грција одеднаш, сосема непредизвикано, разбеснето се враќа на своите позиции од 1992 година: Република Северна (или Нова) Македонија за сегде освен за меѓу комшии, сосе придавки, да го смени идентитетот, името, сите свои документи, меморандуми, писма и уредно да се откаже од своите сонародници во Егејска Македонија, за Грција на мира да ги малтретира во за нив специјално основаните грчки школи, со наметнатите грчки имиња и топоними.
И на никого, ама баш на никого во целиот свет не му текнува на Грција да и каже: Луѓе, малку го претеравте, кочете. На никого не му паѓа на памет да се исшокира од шокантните ново-стари барања од грчка страна, туку целиот свет љубопитно се врти кон Македонија во исчекување на нејзиниот одговор, а во весниците излегуваат наслови „Сега е Македонија на потег“, како Грција да ни понудила да ни го врати Халкидики, а не да ни го одземе идентитетот.
Замислете една ваква ситуација: Адолф Хитлер на 1 септември 1939 година сосема непредизвикано збеснува и ја напаѓа Полска, барајќи од неа да го смени идентитетот, името, сите свои документи, меморандуми, писма и уредно да ги собере сите свои Евреи, за Германија што е можно побрзо да ги однесе во за нив специјално основаните концентрациони логори.
Англија, Франција и Холандија итно формираат комисија за избор на медијатор што ќе помогне во овој спор и ќе го спречи загрозувањето на безбедноста на регионот. Медијаторот за два дена ги учи историите на Полска и на Германија, ја наоѓа точката на компромисот и на Полска и вели: „Ај не сите, еве пола Евреи дајте ги!“. Полска вика „Важи!“ (знамето) и ги дава пола Евреи. По некое време Германија вика: „Ама и нешто Полјаци ни фалат!“ Медијаторот со денови ги убедува Полјаците дека мора да направат уште еден компромис ако сакаат да се интегрираат во регионот и Полска на крај попушта, дава и нешто Полјаци (Уставот). Потоа Хитлер вика: „Е сега баш добро би ми дошло едно привремено име за Полска - еве да кажеме, Бивша Руска Колонија Полска!“. Во Полска преовладува вековниот копнеж добро да се интегрира во регионот и станува БРКП (името).
Одеднаш, по сето тоа, Хитлер едно сабајле станува на лева нога, му се јавува на медијаторот и му вели: „Е сега стварно сите Евреи ги сакам за во логор, сакам Полска трајно да се вика Република Горнодолносредносевернојужна Полска и сите држави така да ја викаат и време е да му се стави крај на овој безобразлук од страна на Полска!“
Англија, Франција и Холандија во тој момент ги прекинуваат сите свои државни активности и љубопитно се вртат кон Полска, во исчекување на нејзиниот одговор. Во весниците излегуваат наслови: „Сега е на потег Полска!“, „Дали Полска ќе попушти пред притисокот?“, „Како да се зачува мирот?“, „Ќе му стави ли Полска крај на овој апсурден процес?“...
Геро, Коља, Милчин, Фрчко и сличните тука би ми рекле: „Не измислувај, лоша ти е паралелата, Грција нема концентрациони логори и не ги бомбардира Македонците“. Но од 1939 до 2009 година поминаа 70 години. Човештвото е генерално отидено напред, повеќе не се посегнува по пушка, туку по преговори, веќе не постојат асимилациски претензии. Тоа ја прави Грција денес сосема иста како Хитлер тогаш. Ако во 1939-та било шокантно непредизвикано да бомбардираш, денес е исто толку шокантно без никакво право да и кажуваш на друга држава како да се нарекува и како да си го пишува Уставот. Преседанот на случајов е најдобар доказ за тоа. Никогаш ниту постоела, ниту постои, верувам ниту ќе постои ниедна друга земја во светот што е малтретирана како ние денес од Грција.
И пак никој ништо не прави. На Советот за безбедност на ОН и на Советот на министрите на ЕУ во ниеден момент од овие 15 години преговори, додека Грција каприциозно се изживуваше не покажувајќи ни најмала спремност за компромис, не им падна на крај на памет барем да ја искараат и да и укажат дека греши нешто, дека не може така, дека тоа што го бара е претерано и дека нејзините вета се апсурдни и беспричински.
Грција овојпат, веројатно во состојба на нервоза и на паника (претпоставувам поради неуспехот да го префрли командниот центар за името од Њујорк во Брисел) ја крена црвената линија до бескрај. Отворено си кажа сé. Да нема Македонија, да нема Македонци, да нема историја, да нема иднина. Уште еднаш, овојпат можеби најјасно, видовме што всушност значи кога грчки политичар вели дека сака да го види регионот евроинтегриран и северноатлантски обезбеден.
Баш ме интересира што од денеска ќе зборуваат нашиве политичари што до пред некој ден дури предлагаа и македонското собрание да се обврзе на компромис за името. Како ќе го толкуваат сега овој грчки потег нашиве професори што во име на европската иднина на Македонија беа спремни да се пишат и како Борги. За каква економија по 7 декември ќе зборува СДСМ?
И како на ова од денеска ќе реагира Оли Рен? Што ќе каже Солана? Што ново како бенчмарк од денес ќе соопштува Фуере? За кои европски принципи од денес ќе зборуваат Франција, Шпанија, Холандија, Португалија, Велика Британија...?
И што има веќе воопшто да се преговара со ваква Втора Страна? Ништо. Нема веќе преговори. Тоа треба од денес да биде пораката на македонската влада и на сите идни македонски влади за ваквите апсурди, за ваквите преседани во меѓународната политика, за ваквите беспредметни барања на која било страна. Денеска македонската влада треба само да соопшти дека ги напушта преговорите, дека не е веќе ниту прва ниту втора ниту дванаесетта страна.
Верувам, се надевам дека викендов, ако ништо друго, барем за миг сите тие занемеа. Барем за миг се шокираа од последната дефинирана црвена линија на Грција во преговорите - нема уставно име, нема придавки македонски, нема кратенка МК и МКД, нема „меид ин Маседониа“, дури ниту во самата Македонија нема македонски топоними за одземените македонски села во Северна Грција, има само ново име за Македонија, во Уставот, во документите, во здравствените книшки, во свидетелствата, во индексите, во сметките за кабелска.
А во знак на добра волја, благородната Грција ќе прифатела употреба на уставното име во неформалната комуникација во земјава: како уметнички израз, на пазар, на свадби, на мал фудбал, на баскет зад зграда. Плус, милозливо ќе ни дозволи да си организираме референдум.
Лудост. Дефинитивна лудост.
Како одговор на таа лудост, сметам дека е крајно време Македонија да го прекине овој бесмислен процес. Не со досегашното „важи“, туку со едно ново „доста ни е“. Ова со Грција нема крај. Очигледно, колку повеќе попуштаме, толку повеќе ќе ни се бара. Таа е како алчен човек на кој кога му даваш прст, ти се лакоми по целата рака.
И Европската Унија веќе очигледно не ни е сојузник, или барем не ни е моќен сојузник, ако дозволува со глупавите ветоа да биде контролирана од една таква недостојна нејзина членка со хитлеровски профил. Всушност, Европската Унија е очигледно и самата толку гнила што не може да собере храброст, и покрај својот личен интерес, на својата непослушна членка да и каже, „Ајде доста ни го одземате вниманието со Македонија, Турција и со Кипар, дајте малку да се сконцентрираме на вашиот криминал и на вашите злоупотреби на европските фондови“.
Време е Македонија да побара нов, вистински сојузник, кој најлесно ќе го најде меѓу најмоќните држави што ја имаат признаено под уставното име. Да ги прекине преговорите и во Генералното собрание на Обединетите нации да почне постапка за членство под уставното име.
Да се однесува како сериозна држава, ако сака да ја сметаат за таква. |
|