Одбројувањето не застанува. Веќе ни изброија уште само четири седмици до искористувањето на историската шанса за одредувањето на датумот за преговори за влегувањето на Македонија во ЕУ, кое пак се разбира е условено со компромисно решение за името.
Она што се очекуваше, тоа и се случува. Одбројувањето во однос на решавањето на проблемот на името почнува да се сведува на едностран притисок насочен само кон Македонија и компромис чиј краен резултат е земи или остави. Пазарот „датум за преговори за членство во замена за ново име“ всушност завршува само со очекувањата Македонија да прифати ново име, онакво какво што Грција веќе го постави како своја црвена линија.
Сега е шансата, ни велат евродипломатите, сега, кога во Грција на власт е умерениот и европски ориентиран премиер Папандреу. А таму, во Грција, во однос на црвената линија нема ама баш никаква разлика дали на власт е Папандреу или Караманлис. Едно име за севкупна употреба е грчката позиција, од која ни Караманлис ни Папандреу очигледно немаат намера да мрднат. Конечно, во сите свои последни изјави тоа јасно го дефинира и грчкиот претседател Папуљас.
Папандреу = Караманлис
Да, актуелниот грчки премиер е сериозен играч на меѓународната политичка сцена, за разлика од робусниот и очигледно европски недоквакан Караманлис. Папандреу веднаш остава впечаток на вистински европски политичар, модерен, умерен, разумен, секогаш спремен за разговор и за компромис. Тоа е севкупниот првичен впечаток откако Папандреу стана премиер на Грција. Таков впечаток тој оддава и во однос на името, иако со ниту една изјава за името Папандреу досега не покажал поинаков став од неговиот претходник. Остава впечаток што очигледно добро го користи само за подготовка на меѓународната заедница за нова блокада. Откако е на власт, тој веднаш се сретна со македонскиот премиер Никола Груевски, дава изјави дека компромисот е нужен, не го употребува зборот вето, не ветува многу, но затоа пак е мајстор во оставање впечаток, мајстор за привид. А тоа понекогаш во Брисел е сосема доволно за јакнење на нивните стереотипи на релацијата Европа и Балкан. Но, која е суштината на таквото разумно и модерно размислување на Папандреу во однос на името? Ако се суди според изјавите на грчкиот претседател Папуљас и заменик-министерот за надворешни работи, кои во овој период на одбројување за компромисот за името јасно ја дефинираат грчката позиција, кај нашиот јужен сосед нема никакво придвижување. И ПАСОК и Нова демократија се единствени. Едно име за севкупна употреба. Тоа значи ново име за Република Македонија и за дома и за надвор, тоа значи нови пасоши, менување на Уставот, менување на документите, менување на учебниците, а за идентитетот и за јазикот допрва ќе се прашуваме и ќе дискутираме. Како што е добро познато, токму Папандреу уште како опозиционер беше авторот на оваа црвена линија, која Караманлис од сé срце ја прифати и така заедно ја дефинираа јасната позиција и на власта и на опозицијата.
И црвена и розова и портокалова линија
За разлика од таму, кај нас работата со дефинирањето на позицијата во преговорите, со дефинирањето на една единствена позиција и на една црвена линија е вистинска каша. Кај нас има и црвена и розова и портокалова линија, зависи од тоа кој каде е на мапата на поделбата на власта, а ни најмалку не зависи од националниот интерес. Затоа што и националниот интерес секој поинаку го сфаќа. И тука секој е со своја опција. Што е поважно? Членството во ЕУ и во НАТО со ново име, со којзнае каков идентитет и со којзнае каков јазик, или јасно зацврстување на позицијата дека нема разговор за идентитетот и за јазикот, дека нема шанси за промена на Уставот и на пасошите, дека има шанси само за соодветна промена на името, и тоа само во сообраќајот во меѓународните организации. И сега тука се кршат копјата без никаков обид заеднички да се седне и еднаш засекогаш да се каже - од тука не мрдаме. До тука може, за понатаму, фала, пријатно, јавете се ако се премислите. Е тоа е најтешкото во Македонија, па дури и кога се работи за вака навистина сериозно прашање, прашање од типот на оние за кои по сто години или ве судат или ве прават херој.
Меѓународните дипломати во својата кампања за компромис најчесто се обидуваат да го извадат на маса токму тој аргумент - што ќе се случува по сто години, и до тоа да ја убедат македонската јавност во неопходноста од компромис. Па велат дека нашите деца се тие што ќе нé судат за тоа што не сме ја прифатиле оваа декемвриска шанса (што во превод значи промена на името). Односно, нашите деца се тие што ќе нé слават како генерација што ја внела Македонија во европското семејство. Како Северна Република Македонија, или како Република Северна Македонија, или како Северномакедонци, кои го зборуваат северномакедонскиот јазик? Како европски куриозитет? Како исклучок во меѓународната политика? Како експеримент? Како егзотичен пример во учебниците по меѓународна политика? Тоа за нив, за безобразните бриселски дипломати, и не е толку важно. За нив е важна само цртката во нивната биографија дека токму во нивниот мандат се решил овој апсурден спор.
Ерго-омнес или ново вето
Но, што ако поинаку го поставиме прашањето. Што ако моите внуци утре ме прашаат што направи ти за да ја зачуваш Македонија, за да останеме, бе дедо, Македонци каков што беше и ти, за да остане запишано дека и ние го зборуваме македонскиот јазик, како што било и во твое време? Што ако ме прашаат - што направи ти за македонскиот јазик да остане запишан како таков во сите енциклопедии, како што бил и тогаш? Што направи ти за да не ја гледаат денес мојата татковина како егзотика, како исклучок, како чир? Што стори твојата генерација против тоа?
Што ќе одговориме тогаш? А бе знаеш, внучко, нé притиснаа, ни дадоа троа парички, ни ветија датум, почнаа да ни одбројуваат, и така...
Знаат ли денес сите овие наши и експерти и новинари и политичари што неразбирливо силно и предано притискаат за компромис што всушност значи тоа? Па не ли гледаат дека компромисот се очекува само од нас, а не и од Грција. Не ли гледаат дека се работи за политика на бришење на еден народ, а не само на неговото име. Затоа Папандреу си е комотен. Тој дури и не се среќава со својот преговарач Василакис. Очигледно е дека и нема потреба за тоа. Кај нив е јасна позицијата - ерго омнес или ново вето. Ако поради грчкиот страв од здебелување на македонската тужба во Хаг се случи да нема блокада на 7 декември, тогаш во комплицираните бриселски процедури за членство во Унијата, таа шанса Грција ќе ја има најмалку уште десетина пати.
За разлика од нив, тука, во Македонија, никој од сите оние силни прогрчки лобија за компромис не кажува јасно дали ја прифаќа таквата грчка позиција и дали за нив тоа е содржината на компромисот.
Сите само воопштено зборуваат дека ова е нашата историска шанса, дека нема мрдање, дека нема потреба од референдуми, дека Груевски мора да попушти. Ајде да се обидеме да го најдеме просторот за компромис меѓу двете црвени линии.
Новата блокада ќе значи и крај на преговорите
Дали е за нас прифатлива формулата ерго омнес? Не. Претпоставувам, за сите, иако Црвенковски во една пригода изјави дека е спремен на компромисот едно име за севкупна употреба, ама со гаранција за јазикот и за идентитетот. Добро, да кажеме дека тоа било кажано во момент на слабост, но ајде да ја дефинираме македонската црвена линија од досегашните изјави на претседателот Иванов и на премиерот Груевски. Може бледо да се насети дека нашиот праг на компромисот е едно име за меѓународна употреба, без никакви епитети меѓу зборовите Република и Македонија, и неменување на Уставот и на македонскиот пасош. А потоа и референдум. Прифатливо ли е ова за Грција? Од досега искажаното од нивна страна - нема шанси. Затоа навистина не ми е јасно зошто толку се подгреваат очекувањата во пресрет на декемврискиот состанок на Советот на министрите на ЕУ во Стокхолм, кога резултатот е толку предвидлив.
Новото вето на Грција е на добар пат. Со овие позиции на новата грчка влада, кои воопшто не се поинакви од тие на претходната, може само да го очекуваме истото она што неодамна го кажа нивната бивша министерка за надворешни работи Бакојани - грчкото вето во Букурешт беше голем успех на нивната меѓународна политика. Ако на тоа се сведуваат успесите во меѓународната политика на една европска држава, на блокади и забрани за интеграција на повеќе држави, тогаш нешто не е во ред со ЕУ, а не со нас.
А следниот чекор на македонската дипломатија веќе и може да се предвиди - користење на правото дадено на двете страни во Привремената спогодба, напуштање на преговорите за името поради уцените и блокадите. Претпоставувам дека следните активности тогаш би требало да бидат насочени пак кон Советот за безбедност и Собранието на ОН.
|
|