Ги слушам завчера професорите и судиите на расправата во Уставниот суд за лустрацијата и не ми се верува до каде отидоа во заштитата и одбраната на ликот и делото на комунистичкиот систем и на веќе досадните обиди на ова општество да расчисти со некои работи што очигледно ја кочат државава во реформите и во напредокот. Веќе 18 години. Оваа расправа покажа дека добивме и вистинско антилустрациско движење, и покрај веќе донесениот закон со убедливо мнозинство во Собранието. Се отиде дури и дотаму што се кажа дека Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција (или закон за лустрација) „ги урива и темелните вредности на уставниот поредок, како што е владеење на правото, поделбата на власта и почитувањето на човековите права“.
Ептен зајдоа! Па токму овој уставен поредок, токму ова право, токму заради почитување на човековите права го донесе овој закон, иако задоцнето, за конечно да удри тој провев во македонската политичка елита. Заради здравјето на ова општество. Тоа прочистување не треба да се изведе само во државните јавни функции, туку и во судството, во образованието, помеѓу новинарите, па дури и кај свештените лица, кои во одреден период почнале да му се молат на некој друг, земски господ. А тоа го нема во законот. Таман помислив дека Уставниот суд ќе расправа токму за ваквата селективност на законот и за исклучување големи групи луѓе што во претходниот систем како соработници на државнобезбедносните служби напредувале во кариерата и одлучувале на сметка на кодошлакот, а не на сметка на умот и знаењето во сопствената професија. Каде е тука, во Македонија, проблемот? Нормално, инстинктот на опстанокот. Старата политичка елита успеа некако да се квазидемократизира и да опстане со новото општественополитичко уредување, кое бараше нови луѓе. Тоа, заедно со колебливоста на тукушто формираната нова политичка елита за справување и со проблемите и со старите кадри, нé донесе до ова дереџе. Останавме меѓу последните поранешнокомунистички земји во кои сé уште се расправа дали лустрацијата е потребна, а ако е веќе неопходна, таа треба да биде ваква или онаква, па зошто баш таква, па сé така до недоглед... и на крај доаѓаме до заклучокот дека овој закон всушност бил противуставен, а како таков и што ќе ни е! Ние сме си добри, веќе демократизирани, па поминаа веќе 18 години. Зошто всушност и правиме муабет на таа тема. Во 21 век тој процес е и некомпатибилен со основните човекови права.
Па што друго и можеме да очекуваме од луѓе чија позиција со законот за лустрација директно може да биде загрозена? Што да очекуваме од судиите чија позиција е зачувана врз основите на општественополитичката подобност, а не врз основа на нивната професионалност? Што може да очекуваме од професори и академици чиј општествен статус е стекнат токму врз основа на активноста, и безбедносна и политичка, по партиските комунистички ќелии по факултетите и во Академијата. Што може да очекуваме од бивши министри, а сегашни експерти по сé и сешто, кои во заштитата на режимот успеале да произведат македонски дисидент во 21 век (случајот Јордан Петровски против Љубомир Фрчкоски)? Каков може да биде третманот на оваа тема по весниците и телевизиите од уредниците чија кариера беше и е директно поврзана со удбашките успеси, а не со некакво професионално просветлување? Какви активности можеме да очекуваме од разноразни борци и експерти за човекови права по невладините организации кога нивниот опстанок зависи од буџетот на фондациите што се иницијатори на расправата во Уставниот суд. Па имаме дури и вакви нивни предупредувачки проблесоци за тоа дека експертите на Советот на Европа предупредуваат на можните злоупотреби на овој процес. Па затоа овој процес во Македонија всушност и не бил ни потребен. Ние уште не ни почнавме, па за да можеме да зборуваме за какви било злоупотреби. А истите тие експерти очигледно намерно забораваат на резолуциите на истиот тој совет, во кои не само што се препорачува лустрацијата како неопходен процес во развојот на секоја нова демократија, туку се препорачува и гонење на сторителите на кривични дела за време на комунистичкиот режим и казнување според општоважечките казнени законици. Значи ретроактивно. Злосторството не застарува. Иако можеби кодошењето било според тогаш важечките позитивни закони и прописи во државата. Па и нацистите работеле според позитивните законски прописи на својата држава, па истата таа држава потоа ги осуди на смрт. Образложението дека луѓето во тоа време само извршувале наредби и работеле според тогаш важечките закони не држи. И за ова во европските резолуции пишува - „лицето што прекршило човекови права и неговиот приговор дека само извршувало наредба, не ја исклучува ниту противправноста, ниту индивидуалната вина“. Има нешто што се вика универзална правда.
Уште еднаш - тој подземен систем на кодошлак треба да се уништи. Не велам казни, пресуди, затвори, реваншизам, потера... туку само привремена, неколкугодишна елиминација од лостовите на одлучувањето, од правото да се пишуваат кривични пријави, обвиненија и пресуди, од правото да се пишуваат енциклопедии, од правото да се биде министер, да се уредува весник.... Затоа ни треба прочистување. Луѓето ќе мора, макар и задоцнето, и во Македонија да доживеат колективна катарза од таа кодошка мрежа на тоталитарната власт. |
|