ЕУ повторно киксира на Балканот. По фијаското со воената база Бутмир, Брисел се посрамоти и во Скопје. Изгледа дека земјите на Унијата на ниво на заедничка надворешна политика се исто толку неуспешни колку што „дивиот“ Балкан е неспособен да се ослободи од вишокот на историја што за свои колонијални потреби го произведе Европа во 19 век. Бирократите на Унијата побрзаа да го затворат проблемот што таа пред две децении како врел костен го префрли во ООН. Решија да им го загорчат на Македонците секој позитивен збор во извештајот што го напишале за напредокот на земјата во реформите. Ерван Фуере, засилен со шведскиот амбасадор во својство на земјата-претседавач, ги пренесе политичките директиви дека она што го пишува во нивниот извештај, фактички, не е ништо повеќе од двослојна тоалетна хартија.
Со други зборови, иако не пишува, речено ни е дека исполнувањето на зададените одредници било само технички дел од условите на Унијата, а за одлука за почеток на преговори биле важни само политичките критериуми.
Политичка, а не техничка одлука, или...
За Македонија во овој момент тоа е прашањето на името. Иако Оли Рен усно, а комисијата за проширување и писмено тврдеа дека името е билатерален спор со Грција и не влијае на оценувањето на реформските перформанси на Македонија, кои, пак, се предмет на оценување, хиерархиски понискиот службеник во Македонија веднаш ни дообјасни дека всушност ситуацијата е обратна. Она што е напишано не е толку значајно, туку токму она што не е предмет на оцена, а тоа е спорот со Грција. Притоа, не ви е од полза да се потсетите дека токму Унијата тврдеше оти никогаш повеќе, по искуството со Романија и со Бугарија, нема да се дозволи политичките одлуки да се наметнат над техничките. Или, дека не гледате доследност во критериумот сите земји-членки да си ги затворат отворените билатерални прашања, ако сакаат преговори и прием во ЕУ, кога ќе ви текне на Кипар, кој стана членка на ЕУ онака прописно поделен. А да не зборуваме за Турција со која Унијата одамна преговара и испорачува услови, иако отворено и соопштува дека никогаш нема да стане членка на тој клуб на држави. Просто речено, оваа политичка организација, олицетворена во комесарите и нивните служби, е лош пример за градење и спроведување солидна политика.
Владата, која очигледно за три години успешно ги научи бриселските трикови, се обиде и овојпат ладнокрвно да се однесува кон жестоките и непристојни налети на уцените од Брисел и строго да се држи до формалноправната рамка. Прво Васко Наумовски, а потоа и Антонио Милошоски изјавија дека со оптимизам го чекаат министерскиот совет да го одреди датумот за почеток на преговорите. На ова, веднаш откако го испи патриотското ирско виски со кое му наздрави на Груевски, реагираше евродемократот Фуере, кој недвосмислено порача дека нема место за оптимизам доколку до 7 декември не се пронајде решение за името, односно, доколку времето што преостанува, Владата не го искористи за постигнување договор со Грција. Потоа уследи и крајниот рок што ни го зададе Швеѓанецот Ларс Фреден - шест недели и еден ден! Така, и Македонија доби уште еден Д-ден.
Три кофи вода за домашните експерти
Како и што се очекуваше, веднаш тргна нова тура хистерија – реденка на истите добропознати домашни политичари и експерти по општа практика, кои се вообичаена клиентела на исто толку добропознатите медиумски домаќини. Но само што почна притисокот однатре, ги полеаја со три кофи студена вода, по што добивме реално шоу, кое како да го смислил лично Џери Спрингер.
Прво се јави Метју Нимиц за да каже дека не е извесно кога ќе почнат преговорите зашто нема нови идеи. Потоа се јави и преку својот портпарол за да каже дека спорот за името не е поврзан со временска рамка, зашто се работи за извонредно сложен проблем, кој го надминува повеќекратно проблемот со името за меѓународна употреба. Потоа се јави новата грчка влада, која ем се заканува со можно вето за датумот за преговори со ЕУ ако Македонија не попушти, но и да побара од Нимиц флексибилно време за рестарт на преговорите зошто го менува Василакис со друг преговарач. На крајот се јавува британскиот амбасадор, чија земја е и постојан член на Советот за безбедност, за да потврди дека за Обединетото Кралство проблемот со името за неговата земја не е пречка за утврдување датум за преговори со ЕУ.
Како шлаг во дипломатско–експертско–партискава калакурница дојдоа и двајца службеници на Рен да добијат полезни информации од прва рака пред средбата на Груевски со еврокомесарот во Брисел. И, патем, да нé охрабрат дека не требало да го испуштиме мигов за да го решиме спорот со Грција, откако нивниот шеф поднесе анекс на притисоците што ги аранжира Брисел, дека тој бил против референдум за името. Несреќниот Фуере, кој од лани очигледно не котира најдобро во очите на својот шеф по ланските изненадувања што на Брисел им ги приреди Груевски со тужбата против Грција, по одговорот на Нимиц, излезе со амандман на својата претходна изјава. Па вели дека ако не било можно да се дојде до конечно решение за името до 7 декември, тогаш било ред барем Македонија да покаже мал гест на добра волја кон новата влада во Атина и да ја повлече тужбата од Меѓународниот суд во Хаг за прекршување на Привремената спогодба кога го попречи зачленувањето на Македонија во НАТО.
ЕУ им ги презема преговорите за името на ООН
Ова беше горе-долу хронологијата на настаните од објавувањето на Извештајот до вчера. Од секој од овие јавни настапи на европски претставници можат да се заклучат следниве работи:
Привремената спогодба, потпишана под покровителство на САД и ООН, веќе не е важечка. Суспендиран е оној дел што ја обврзува Грција да не го попречува интегрирањето на Македонија во меѓународните организации, а се уште важи делот што ја тангира Грција и нејзините интереси, па Македонија и понатаму не смее да ја провоцира Грција.
Во мигот кога е ставено вето на самитот на НАТО, крајот на привремената спогодба никој не го знаел, а најмалку втората страна, Македонија. Оттука, не само што бил прекршен членот 11 како обврска на првата страна – Грција да не го попречува приемот во регионални организации на втората страна - Македонија, туку и не е исполнет условот за евентуалното излегување од спогодбата на една од страните - една година претходно да биде известен и другиот потписник и покровител на преговорите, Советот за безбедност.
Брисел, како заеднички именител на земјите-членки, лани во Букурешт стана соучесник на Грција во прекршувањето на меѓународно верифицираните обврски, а годинава продолжува со политиката на уцени, која, пак, ги осветлува неинвентивноста, анемичноста и маргиналноста на Стариот континент во креирањето на новата светска политика. ЕУ не решава, туку создава услови за тешки кризи со далекосежни последици.
Освен вчудовидувачки слабиот политички и државнички капацитет на Брисел, во последните настани сврзани со Македонија, паѓа во очи и некоординираноста, па, ако сакате, и бесмисленоста на европораките што Македонија, и со најглупав политички состав, односно, дури и со првиот тим на заговорниците на политиката на свиткан ‘рбет, и да сака не би можела да ги исполни.
На пример, како да го реши проблемот со името за „шест недели и еден ден“ кога другата страна во спорот бара одложување на преговорите за извесно време? Како да излезе во пресрет на грчките црвени линии, односно, пред кого да свитка Македонија ‘рбет кога нема втора страна во преговорите, а ниту преговори?
Дали со ваквото барање пред Македонија, Брисел и Атина ни кажуваат дека и преговорите под покровителство на ООН се мртви како и спогодбата? Ако Грција излегла од преговорите, кого го известила? Бан Ки-мун, Советот за безбедност, Обама, Нимиц?
Ако, пак, ЕУ, односно Брисел веќе не ги признава ни преговорите, ни Нимиц, ни мандатот на ООН, дали тоа значи дека таа ги презема преговорите? Но ЕУ вели дека ги поддржува преговорите со Нимиц!? Тогаш, зошто го игнорира медијаторот и дава свои временски рокови, кои не се координирани со него!? Ако преговарачкиот процес останува во сегашниот формат, тогаш какви паралелни или алтернативни преговори се заговараат или водат? Со кое овластување, кој ги прифатил?
Тужбата во Хаг ги компромитира и Грција и ЕУ
Колку и да е глупаво, се чини дека Брисел очекува Македонија до декември самоиницијативно и како единствена страна во спорот, односно како скарана сама со себе (шизофреничар) да донесе храбро луда одлука за себепрекрстување за севкупна употреба само и само за да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, кои „ќе биле долги, болни и тешки“, а по турскиот пример, и крајно неизвесни. Толку за морковот и стапот.
Освен ова, и Атина и Фуере очекуваат Македонија, како еднократен знак на добра волја, а во духот на новите ветришта што ги најавува нова Атина, да ја повлече тужбата пред Меѓународниот суд во Хаг. Таков гест Папандреу, демек, веќе направил. Објавена била книга во која првпат се признавал егзодусот на Македонците, а книгата не само што не предизвикала националистичка хистерија во медиумите туку можеби ја прочитал и Папандреу, кој ја ставил дури на својот сајт.
Е сега, Грците навистина се докажано итри и вешти трговци. Ама, па и ние во Македонија сме ја читале „Илијада“ во која е прекрасно опеана искреноста на Данајците, а во поново време имаме стекнато искуство дека не секогаш кога ќе се појави книга на нечиј сајт тоа значи просветеност или честитост. Така што имаме јасна претстава за тактиката на Папандреу со мек и допадлив пи-ар, а без ниту една суштинска отстапка од тврдите грчки националшовинистички позиции, да изнудува суштински отстапки од македонска страна. Индивидуален НВО-писателски труд да се изедначи со државна реакција за прекршен билатерален договор, спонзориран од ООН и САД е благо речено смешно. Честите потсеќања на новиот Папандреу дека, ако не ги прифатиме грчките барања, ќе нé чека негово вето, дури и кога се зачинети со најава за нови поповолни ветришта, суштински ништо не менуваат во грчката политика. Грчките политички фамилии не ги менуваат државните агенди.
Според тоа, и со Јорго Папандреу останува истата стратегиска цел, интегрирањето на Македонија во ЕУ да се случи само откако Грција ќе биде сигурна дека не постои ни теориска можност за конституирање на европскиот регион Македонија, а тоа значи откако тотално ќе се обеспредмети постоењето на некакваси држава на север што нема да има мнозински народ што се идентификува како македонски.
Што се однесува до Македонија, Владата, во името на своите граѓани (минусирани со оние што одвај чекаат да се ослободат од товарот на националниот идентитет), мора да му стави јасно до знаење на Брисел дека нема да трпи непристојност и колонијален бонтон. Морков и стап-политиката, својствена за господари кон својата стока, треба да е минато и за модерната посткризна ЕУ. Крајно време е Владата да му се обрати на Советот за безбедност и да побара разјаснување на резолуциите 817 и 854.
А датум за преговори ќе добиеме. Папандреу не е луд да го искористи и компромитира ветото на непочнати преговори. Ќе го чува за понатаму, кога ќе навлеземе длабоко во преговорите и ќе затвораме поглавја. Така повеќе ќе тежи и ќе добие поголеми отстапки како што се случи со Хрватска и со Словенија. Затоа сегашниов притисок е сврзан исклучиво за тужбата во судот во Хаг, која ги компромитира и Грција и НАТО, односно земјите на ЕУ.
Епитафот на Глигоров
Оваа последна епизода од европската кич-серија не ќе беше пикантна ако во неа не се вклучеше како епизодист палјачо и Киро Глигоров. Го сметал Папандреу за идеолошки близок на себе, па затоа му се израдувал на победата. Која заедничка идеологија ја делат ПАСОК и Глигоров не е баш историски разјаснето, освен ако се мисли на теоријата за потеклото на Македонците, за грчката политика на негирање на македонскиот идентитет, за асимилацијата, егзодусот како државна политика, за човековите права и сл. Како и да е, секој човек го избира начинот на кој ќе си отиде од овој свет. Глигоров очигледно реши самиот да си напише епитаф со кој ќе ја расветли политиката што тој ја водел, а од која ние денес трпиме последици.
Новинари политичари
Македонските новинари се посочени како политички субјект што се залага за итно решавање на спорот со името. Тоа треба да е аларм за политичките партии од опозицијата, особено за СДСМ, која политички дејствува само преку своите новинари. Тоа значи дека надворешниот фактор ја увидел партиската слабост да не може да допре до населението. Тоа треба да е аларм и за новинарите, кои на ваков начин стануваат политички фактор - страна во политичката борба, а со тоа прифаќаат да носат многу тешка и конкретна политичка одговорност сврзана со спорот со Грција. Ова мора сега да се расчисти за да нема во иднина плачење и изигрување жртва. Или се новинари или се политичари. Трето нема.
Името за верификација на европските политики
Ајде малку да се потсетиме. Македонија има спор со Грција. Спорот се води околу името на државата и идентитетот на народот што се самопрепознава како македонски. Проблемот е комплициран за решавање зашто задира во темелите на светските односи и институции – правото на индивидуални и колективни слободи, човековите основни права. Тоа сугерира долг и макотрпен процес на расчистување што е увидено од ООН, па затоа е смислена привремена референца со која се ословува земјата, а за да не се попречува нејзината меѓународна комуникација и интеграција. Значи, ЕУ, НАТО и другите, вклучително и Грција, можат совршено мазно да комуницираат и работат со БЈРМ, наспроти тековните преговори за спорот со името. Ама, очигледно тоа не е крајната цел. Крајната цел е брзо и со малку трошок да се ефектуираат европските политики и одлуки од Берлинскиот, Букурешкиот и Версајскиот договор. Македонија да се преименува, а македонскиот народ да се самоупокои.
|
|