Скопје го доби првиот хаклаб

Останати вести
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
Bookmark and Share
 

КИКА е прва технолошка автономна зона што ќе се користи за промовирање и развој на еманципирачки технологии. Целта на основачите е да ја поттикнат креативната употреба на компјутерската технологија наспроти отуѓувањето и пасивното консумирање кои се најчеста асоцијација

 
 
  
Првата технолошка автономна зона во земјава официјално ќе биде отворена вечерва. Хаклабот КИКА (Кика е: Информации. Култура. Автономија.), зад кој стои непрофитната организација „Слободен софтвер Македонија“, претставува простор што ќе се користи за промовирање и развој на еманципирачки технологии, како што се слободниот софтвер, јавниот и пристапен Интернет и социјалните медиуми. Негова цел ќе биде да ја поттикне креативната употреба на компјутерската технологија како одговор на отуѓувањето и пасивното консумирање кои се најчестата асоцијација.

- Хаклабот КИКА е реализација на долгогодишната идеја на група луѓе што живеат, работат, студираат во Скопје да создадат еден јавен простор посветен на компјутерската технологија и на нејзиниот пресек со културата, новите медиуми и општеството. Ваков простор му недостигаше на градот и ова е обид да се пополни таа празнина - вели Игор Стаматовски, еден од основачите на хаклабот и претставник на „Слободен софтвер Македонија“.

Клубот е лоциран на улицата Бихаќка бр. 6 во Скопје, во старата зграда на геолошкиот институт. Тековно се уредува и се доопремува преку донации. На презентациите може да присуствува секој што сака да споделува знаење, а ќе се организираат и курсеви на комерцијална основа.

- Концептот на работа му дава право на речиси секој да дојде и да презентира сé што сака, ако за таа тема има заинтересирани. Хаклабот не е место само за корисници на компјутери. Таму може да се споделува знаење и од областа на

уметноста, па и од секојдневниот живот. Во светот постојат хаклабови, каде што редовно се организираат, на пример, хакерски натпревари во готвење. Можеби и ние ќе направиме такво нешто - објаснува Александар Балаловски од „Слободен софтвер Македонија“, уште еден од основачите на клубот.

Редовните случувања во хаклабот се „Прва помош за ‘Убунту’“, што се одржува секој понеделник од 19 до 21 часот и ги опфаќа и сите други „Линукс“-дистрибуции, „Сподели кино“, во вторниците од 20 до 22 часот, средба на програмери на програмскиот јазик „Руби“ во средите од 19 до 21 часот и „Сподели знаење“ во саботите од 12 во 18 часот.

- Во иднина планираме отворени настани за теми од секојдневниот живот и хакирање на политиката, економијата и реалното опкружување, како и рехабилитација на стари компјутери и нивно донирање на оние што немаат компјутер за пристап на Интернет. Пристапот на Интернет го подразбираме како едно од основните човекови права, а компјутерот само едно од средствата за реализирање на тоа право - објаснува Стаматовски.

Постои нацрт-програма за понатамошни активности, која дополнително ќе се проширува со нови идеи за настани што ќе се одвиваат во КИКА. Идејата на членовите на клубот е да понудат работилници за низа теми што може да најдат практична примена - зајакнување на вештините, конкурентност при барање работа, полесно завршување задачи, граѓански активизам итн. Тие се надеваат дека во иднина, барем на месечна база, просторот ќе стане форум каде што ќе се среќаваат луѓе што ќе се обидат теоретски да ја вообличат дебатата за меѓусебните влијанија меѓу културата, технологијата, општеството и политиката, преку презентации, предавања и дискусии. Што се однесува, пак, на предавачите и менторите, во таква улога може да биде секој што има релевантно знаење кое сака да го сподели со другите.

- Самиот термин „хаклаб“ би значел лабораторија за хакирање. Тоа не подразбира хакирање како криминален акт. Напротив, хаклабот не претставува здружение на хакери, како што ќе помислат многумина, туку лабораторија или место каде што може да се социјализираат лица што сакаат да научат како функционираат работите, но што е уште поважно, да направат тие да функционираат подобро. Потребата од воспоставување предавачи и ментори може да се анулира со немањето потреба од воспоставување хиерархиски тек во самото функционирање на хаклабот - додава Балаловски.
 
   
Автор: Бисерка Велковска-Блажева  
 
   
Веста е прочитана:           Оценка:
1 2 3 4 5
 
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
 
  Powered by Dejan Jovanovski